Кандидатите се „убиваа “ за бесплатна пракса, а Google-манијата отиде дотаму што и Холивуд замеша прсти претставувајќи го „неверојатното“ искуство да се биде дел од Googlers-ите преку филмот Internship. Силиконската долина се размрда, а корпоративниот свет се „раздрма“ менувајќи го кормилото. Одеднаш конците почна да ги држи новата генерација на вредна и креативна работна сила.
Денес, работите повторно се сменија со доаѓањето на Ген Z, особено по пандемијата. Базените, играчниците, бесплатното кафе и работната атмосфера „како дома,“ повеќе не продаваат. Но, Google ги постави темелите за емплојер брендинг и сега веќе нема назад. Прашањето е: Како вие како работодавач да немате проблеми со вработување на квалитетен кадар, а Ген Z-кадарот да прави сè за да помине барем една фаза на регрутирање во компанијата?
Според истражувањето на Светскиот економски форум до 2025 година, Ген Z (родени помеѓу 1995 и 2010 година) ќе претставува 27% од работната сила во земјите на OECD. За веќе од 2030 година, 75% од работниците да бидат од генерациите Y (родени меѓу 1980 и 1995 година) и Z (1995-2010). Всушност, Ген Z веќе претставува значителен дел од вработените и ќе биде следната генерација, по милениумците, која ќе го обликувa корпоративниот свет и неговата еволуција. Овие генерации, познати по своите уникатни преференции и високи очекувања, го менуваат начинот на кој компаниите пристапуваат кон емплојер брендингот. За да останат конкурентни, македонските работодавци што поскоро мора да ги прилагодат своите стратегии со вредностите и желбите на младите, имајќи го предвид фактот дека денес буквално секој може да работи од секаде.
Што сакаат младите талентирани кадри?
Новите генерации се разликуваат не само по неверојатната дигитална писменост, желбата за флексибилност и работа од дома, туку и по нивната потрага по работа, која ќе ги исполнува и ќе ги прави да се чувствуваат дека се дел од нешто значајно .Токму затоа, Ген Z ги ценат работодавците кои нудат не само работа, туку и кариерен пат кој резонира со нивните лични и професионални аспирации. Инклузивноста, одржливоста и можноста за личен развој се апсолутен „must“!
Извор: Freepik / lookstudio
Флексибилноста е уште еден темел на нивната работна преференција. Традиционалната рутина од 9 до 5 во канцеларија сè повеќе се заменува со флексибилни работни аранжмани, вклучувајќи опции за работа од дома и флексибилно работно време. Оваа промена беше забрзана од пандемијата, но нејзините корени се длабоко вкоренети во желбата за подобар баланс меѓу работата и животот кај помладите генерации.
Која стратегија е полн погодок?
Милениумците и Ген Z се генерации кои поверојатно ќе дадат приоритет на задоволството од работата, рамнотежата помеѓу работата и животот и личниот раст над традиционалните придобивки како што се платата и „безбедната“ работа. Според студијата на LinkedIn, 75% од милениумците ја истражуваат репутацијата на компанијата пред да прифатат понуда за работа. Слично на тоа, 69% од барателите на работа од Ген Z велат дека ја земаат предвид културата на компанијата кога ја оценуваат понудата за работа.
- Транспарентна комуникација и автентичност: Помладите работници ја ценат транспарентноста. Компаниите кои отворено комуницираат за своите вредности, работната култура и можностите, имаат тенденција да привлечат повеќе кандидати од новата генерација. Автентичноста во прикажувањето на мисијата на компанијата и нејзините вредности и заложби се значаен елемент кој младите денес особено го ценат.
- Можности за развој на кариерата: Нудењето на јасни патеки за напредок во кариерата е клучно. Новите генерации се желни за надградба и преземање нови предизвици. Програмите за менторство, континуираното учење и јасните насоки за напредување се привлечни за квалитетниот и креативен кадар.
- Работа со цел: Фокусот на младите денес е свртен кон големата слика и општото добро. Компаниите кои можат да ги поврзат своите операции со пошироки општествени цели имаат тенденција да се истакнат. Без разлика дали станува збор за одржливи практики, вклучување во заедницата, инклузивност или иновации за општествена благосостојба, добро спакуваната и раскажана приказна може да биде моќна алатка. Токму затоа, богато портфолио на активности и заложби за CSR и ESG може да ве крене неколку скалила над останатите.
- Инклузивни и разновидни работни средини: Разновидноста и инклузивноста се повеќе од само зборови за новите генерации. Тие бараат работни места каде разновидноста е на пиедестал, а инклузивните практики се норма. За рамноправност веќе не се ни разговара!
- Конкурентна и целосна компензација: Иако платата е важна, новите генерации, исто така, ја ценат користа што ја поддржува нивната целосно благосостојба. Здравствените бенефиции, поддршката за ментално здравје и членство во теретани, јога и пилатес центри, масажи или програми за благосостојба, сè повеќе влијаат врз нивната одлука да се приклучат или останат на постојното работно место.
Извор: Freepik / marymarkevich
Креирајте разиграна и креативна содржина
Во морето од огласи за работа, само неколку содржини ќе го привлечат вниманието на младите луѓе од Ген Z. Од друга страна, содржината, доколку е квалитетна, може да ги направи вработените горди и да ги натера младите таленти да бидат желни да ви се придружат. Од вас зависи дали ќе станете вирални и незаборавни.
- Поткаст без филтри каде што задоволните вработени зборуваат
- Понуди за работа во форма на QR код
- Приказни на Instagram или TikTok за прикажување на „зад сцената“ на компанијата
- „Jobs“ видеа со хумористичен контент на YouTube
- Виртуелна обиколка на просториите
- Кампања за промоција на вработените со хаштаг #WorkingAt (име на компанијата) на социјалните мрежи, каде што вработените објавуваат фотографии од нивното работно место, во канцеларија или од дома
- Стрип за стратегиите и целите на компанијата
- Инста reels или Снепчет видеа направени од амбасадори на компанијата на теми актуелни за младите: вклученост, различност, животна средина, позитивно социјално влијание…
Гледате? Креативниот океан од идеи за емплојер брендинг е бескраен. Сè што треба да направите е да се препуштите на имагинацијата.
Идентификувајте ги најдобрите канали за да стигнете до Gen Z
Gen Z не е рамномерно присутна на сите социјални мрежи. Според истражувањето на JobTeaster бројките се следни:
- Instagram го користат 84% од 18-25 годишна возраст. Тоа е мрежата каде што 19,5% од Gen Z се најактивни.
- TikTok го користат 52% од 18-25 годишна возраст. Тоа е мрежата каде што 24,5% од Gen Z се најактивни.
- Snapchat го користат 76% од 18-25 годишна возраст. Тоа е мрежата каде што 15,5% од Gen Z се најактивни.
- X го користат 40% од 18-25 годишна возраст. Тоа е мрежата каде што 19,1% од Gen Z се најактивни.