Огромниот подземен резервоар, со капацитет од дури 150 милијарди кубни метри вода, се наоѓа под долината на Горна Рајна помеѓу Германија, Франција и Швајцарија. По својата големина одговара на волуменот на три поврзани Боденски Езера и претставува еден од најважните извори на вода за пиење во Европа.
Новата студија објавена во јуни покажа дека загадувањето е присутно на дури 96проценти од 1.500 анализирани локации долж Рајна. Најголемиот проблем го претставуваат пестицидите и средствата за заштита на растенијата, но дополнително оптоварување доаѓа и од градовите, индустриските погони и пречистителните станици за отпадни води, пренесува Euronews.
„Вечните хемикалии“ и ефектот на коктел
Посебна загриженост предизвикува трифлуороцетната киселина (TFA), супстанција која научниците ја нарекуваат „краен PFAS“. Хемикалиите PFAS се користат во производството на бројни производи како што се електрониката, автомобилите, боите и козметиката, а познати се по тоа што многу тешко се разградуваат во природата.
Истражувачите предупредуваат и на таканаречениот „коктел ефект“, односно можноста комбинацијата од повеќе штетни супстанции да го засили нивното токсично влијание дури и кога поединечните концентрации се мали. Точното влијание врз здравјето и животната средина сè уште не е доволно истражено.
Сепак, водата што стигнува до домаќинствата поминува низ дополнителни процеси на преработка, па квалитетот на суровата подземна вода главно одредува колку третмани се потребни за таа да биде безбедна за пиење.
Интересно е што дел од природното „чистење“ го извршуваат микроорганизмите кои живеат во подземните води. Меѓу нив е и ситниот подземен рак Parabathynella badenwuerttembergensis, откриен во 2013 година, кој ги разградува органските материи и бактериите, поради што научниците го нарекуваат природна екипа за чистење на подземните води.
Извор: odrzime.rs