Не е платата она што нè загрижува најмногу: Што навистина ја намалува финансиската анксиозност?

Многумина веруваат дека поголема плата автоматски би ги решила нивните финансиски грижи. Меѓутоа, едно ново истражување покажува дека висината на приходите не е пресуден фактор кога станува збор за финансиската анксиозност. Многу поважно е колку навистина поседуваме.

plata-5808-fi

Извор: Magnific/Iftikhar Alam

Анкетата спроведена меѓу 1.875 полнолетни Американци, нарачана од инвестициската апликација Acorns, покажа дека растот на приходите не води нужно до значително намалување на финансискиот стрес. Она што ја прави разликата е нето-вредноста на имотот, односно разликата меѓу она што го поседуваме и она што го должиме.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека 51 отсто од испитаниците со годишни приходи помали од 20.000 долари изјавиле дека чувствуваат финансиска анксиозност. Меѓу оние кои заработуваат меѓу 60.000 и 80.000 долари годишно, тој процент изнесува 46 отсто што е само малку помалку.

Од друга страна, врската помеѓу нето-вредноста на имотот и финансиската сигурност е многу поизразена. Дури 65 отсто од луѓето чија нето-вредност е негативна односно имаат повеќе долгови отколку имот – рекле дека чувствуваат финансиска анксиозност. Меѓу оние кои немаат долгови, тој процент паѓа на 43 отсто.

„Кога зборуваме за пониска нето-вредност, всушност зборуваме за тоа колку пари навистина имате на располагање и колку средства би можеле да активирате доколку итно ви затребаат“, објаснува финансиската терапевтка Аја Еванс.

Според нејзините зборови, лицата со помал имот имаат помалку можности да дојдат до пари во кризни ситуации, што дополнително го засилува чувството на несигурност.

Зошто поголемата плата не е доволна?

Последните години многу потрошувачи сè повеќе се потпираат на кредитните картички и заемите за да ги покријат секојдневните трошоци, додека дел од вработените дури посегнуваат и по пензиските фондови за да дојдат до готовина.

Иако поголемите приходи можат да помогнат да се избегнат некои од овие проблеми, тие не го отстрануваат нужно стресот. Високите рати за кредити, големите месечни трошоци или стравот од губење на добро платената работа често остануваат присутни без оглед на висината на заработката.

„Суштината е во чувството на сигурност. Дали верувате дека можете да се грижите за себе и за своето семејство доколку се случи нешто непредвидено? Токму тука настанува финансиската анксиозност“, вели Еванс.

Слично мислење дели и Ерика Расур, советничка за финансиско здравје.

„Кога ќе се најдете под финансиски притисок, често го губите менталниот простор потребен за носење добри одлуки. Тогаш парите престануваат да бидат само финансиско прашање и стануваат емоционален товар кој влијае врз сонот, односите, работата и физичкото здравје“, објаснува таа.

Ниту богатите не се имуни на финансиски стрес

Интересно е што финансиската анксиозност не исчезнува ниту меѓу поимотните граѓани.

Истражувањето покажува дека 43 отсто од луѓето чија нето-вредност е меѓу 500.000 и 800.000 долари и понатаму чувствуваат финансиски стрес. Дури и меѓу оние чиј имот надминува 800.000 долари, речиси четвртина од испитаниците пријавиле слични проблеми.

Кај лицата со годишни приходи поголеми од 150.000 долари, финансиска анксиозност чувствуваат 26 отсто од испитаниците.

Според мислењето на експертите, за тоа придонесуваат бројни современи предизвици од војните и геополитичката нестабилност, па сè до стравот од автоматизација, вештачка интелигенција, отпуштања и раст на цените.

Не носете финансиски одлуки под стрес

Експертите предупредуваат дека најважно е да не се носат важни финансиски одлуки во моменти на голема загриженост.

„Немојте да ги преместувате парите ниту да носите големи финансиски одлуки кога сте под стрес или во криза. Таквите одлуки често се краткорочни и можат долгорочно да ви наштетат“, советува Еванс.

Наместо тоа, препораката е да се фокусираме на она што можеме да го контролираме.

„Постојат нешта на кои не можеме да влијаеме и тоа е во ред. Важно е да се вратиме во сегашниот момент, да ја согледаме ситуацијата смирено и одлуките да ги носиме од позиција на јасност, а не од страв“, заклучува Расур.

Истражувањето така го потврдува она што многумина интуитивно го чувствуваат: финансиската сигурност не произлегува само од висината на платата, туку од чувството дека имаме доволно ресурси за да се справиме со неизвесноста. Со други зборови, мирниот сон често го носи финансиската резерва, а не уште едно покачување на платата.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.