Донесувањето одлуки како секојдневен процес
Кога се анализира одлучувањето како процес, постојат неколку клучни насоки кои можат да бидат од голема помош кога се наоѓаме пред некој избор, особено ако тој е од големо значење за нашиот животен правец.
Одвлекувањето и одложувањето на некоја важна одлука може да предизвика сериозни пречки во секојдневното функционирање. Тоа ментално и физички нè исцрпува и создава искривени предсрасуди за можните исходи, трошејќи ја драгоцената енергија која ни е потребна за акција.
Емоции и одлучување: Од каде да се започне?
Поради ова, важно е навреме да се проверат неколку клучни ставки и да се прифати ризикот кој го носи секој избор, заедно со одговорноста за него. Овие два моменти можат значително да го забрзаат процесот, без притоа да ја загрозат „исправноста“ на самата одлука. Прашањето за исправноста е секако релативно и може да се оцени единствено индивидуално и во одреден контекст.
Она што е исправно за еден човек, не е исто и за друг, бидејќи секој има различен систем на вредности и референци. Во оваа смисла, познатата изрека „Мислам, значи постојам“ слободно може да се преформулира во: „Одлучувам, значи постојам“, бидејќи е апсолутно невозможно да се живее без одлучување или со постојано префрлање на одговорноста врз туѓи раменици.
1. Како се чувствуваме кога ја носиме одлуката?
Дали сме во афект или во моментот е доминантна некоја силна емоција како бес, лутина или тага? Како се чувствуваме физички и дали имаме некакви тегоби? Доколку е така, стратегијата наметнува прво да се смири состојбата и да се доведе до оптимално ниво. Дури откако ќе се постигне внатрешен мир со себе, треба да се започне со реална анализа на сите опции.
2. Каков ефект ќе има одлуката, во целост и долгорочно?
Честопати, поради стремежот кон познатото и желбата да се избегне непријатност или влез во непознатото, одбиваме да спроведеме одлуки кои во прв момент ќе бидат тешки, но долгорочно и суштински ќе бидат добри за нас. Прашањето е колку сме подготвени ментално да поминеме низ таа помалку привлечна фаза за на крајот да добиеме долгорочен бенефит.
3. Прифаќање на фактот дека исходот нема да го знаеме до крај
Искуството е најдобриот учител, а учењето на нешто е всушност еднакво со правењето на тоа нешто. Исто така, добро е навреме да се прифати фактот дека која било одлука во пракса може да изгледа поинаку и да изненади позитивно, но и негативно. Личната работа на отстранување на стравот од грешка е пресудна во овој дел. На крајот, секогаш се добива резултат кој сам по себе не е ниту добар ниту лош, туку е ново сознание кое може да се искористи како лекција.
4. Усогласеност со целите и намерите
Дали одлуката ги поддржува или ги попречува нашите цели на одреден временски рок? Вистина е дека времето е ограничено, но секогаш има доволно простор за приоритетите. Преку принципот на приоритизација во одредени животни фази, лесно може да се провери дали она што го одлучуваме е во согласност со нашите моментални и идни фокуси.
5. Влијание врз најблиското опкружување
Кога станува збор за големи промени како преселување, менување на животниот ритам, промена на работата или кариерата, ефектот примарно треба да биде фокусиран на нас. Сепак, кога постојат одговорности како родителство или партнерство, важно е да се разгледа како таа одлука ќе влијае врз најважните односи. Никој не живее во целосна изолација и секогаш постојат релации на кои нашите одлуки директно ќе се рефлектираат.
Доколку одредена одлука не може да се донесе веднаш, од клучна важност за менаџирање на стресот е да се дефинира јасен рок за нејзино финализирање. Она што никогаш не можеме да го вратиме е времето од нашиот сопствен живот, а секој избор отвора нови фази, нови можности и промени, кои се единствената вистинска неминовност на патот кон напред.
Извор: easylife.rs