Кога механичарите во сервисите низ Франција почнаа да наоѓаат тајни пораки врежани во автомобилските делови, најверојатно не помислија дека ќе го откријат најгенијалниот регрутациски трик досега.
Но, токму тоа го направи Volkswagen Group France – наместо да објават стандардни огласи за работа, тие заедно со агенцијата DDB Paris ја смислија Inside Jobs кампањата, иновативен пристап што ги привлече токму луѓето кои им беа потребни: искусни, вешти и веќе активни во полето на автомобилската механика.
Како да ги регрутираш најдобрите? Оди кај нив!
Volkswagen се соочи со предизвик – им требаа 1.000 квалификувани механичари, но традиционалните методи за регрутирање не функционираа. Наместо да чекаат кандидатите да дојдат кај нив, тие решија да ги најдат директно во сервисите на конкурентите. Со помош на агенцијата DDB Paris, и добро познатата приказна за Тројанскиот коњ, брендот ги испрати своите возила на поправка. Навидум нормална секојдневна процедура. Но, со една мала тајна – на клучните автомобилски делови како издувни цевки, батерии и филтри, беа изгравирани пораки со скриени понуди за работа и QR код што водеше директно кон страницата за аплицирање. Генијално!
Иновативност која ги поместува границите
Она што ја прави Inside Jobs кампањата посебна не е само нејзината креативност, туку и фактот дека таа е совршено прилагодена на својата таргет-група. Само механичари со доволно знаење и искуство можеа да ги забележат овие пораки, што значеше дека Volkswagen не само што пронајде квалитетни кандидати, туку ги натера самите тие да се чувствуваат небаре се „избрани“.
Кога генијалноста носи резултати
Volkswagen не само што доби внимание, туку и бројките го потврдуваат успехот. Во студијата на случај, објавена на Ads of the world прочитав податоци кои ме оставија со отворена уста. Замислете кампањата генерирала над 6 милиони импресии, а страницата за аплицирање ја посетиле над 110.000 луѓе – што претставувало раст од 153%.
Но, најважно од сè, биле примени над 53.000 резимеа, што значително го зголемило бројот на потенцијални вработувања. Да, сите што работиме маркетинг сонуваме за вакви бројки по завршување на кампања
Лекција за емплојер брендинг
Inside Jobs е мајсторски пример за тоа како силната емплојер брендинг стратегија може да направи разлика. Наместо досадни кампањи со фрази како „Приклучи се на нашиот тим“ и „Аплицирај тука,“ проследени со типични визуелни прикази кои покажуваат насмеан лик Volkswagen го направи процесот интерактивен, предизвикувачки и наградувачки за потенцијалните кандидати. Со ова, тие не само што најдоа луѓе со потребните вештини, туку создадоа и приказна што ќе се раскажува уште долго.
Во светот на регрутацијата, понекогаш најдобрите огласи за работа не треба ни да бидат објавени – тие треба да бидат пронајдени.