Денес ВИ е во нашите домови во облик на паметни уреди кои учат од нашето однесување и автоматски се прилагодуваат кон нашите потреви; на нашите работни места, без разлика во која индустрија работиме, менувајќи го значително пејсажот на речиси сите индустрии на денешницата, тренд кој и понатаму ќе се развива.
Ако ги следиме дискусиите и студиите кои се објавуваат на тема инднината на ВИ, сите очи се вперени во вештачката општа интелигенција (AGI), концепт кој сé уште создава конфузија за што точно се работи и неретко поларизирани дискусии или одбивност. Но, бидејќи светот оди во тој правец, да разјасниме што подразбира вештачката општа интелигенција.
Вештачка интелигенција vs. вештачка општа интелигенција
Вештачката интелигенција каква што денес светот ја знае и користи донесе технолошки напредок од едноставни до посложени размери. Од извршување на задачи со помош на алгоритми кои следат однапред дефинирани правила (шаблони), и машинското учење кое постојано се развива, „учи“ и се прилагодува врз основа на претходно дадени податоци, до понапредни форми на ВИ кои учат преку обиди и грешки за да го најдат најдоброто решение, и генеративна ВИ како исклучителен напредок во можностите на машинското учење која создава нови содржини — од слики и музика до текстови. Иако пософистираните системи на ВИ можат да дават неверојатно добри решенија, сепак можат да содржат и грешки, ткн. халуцинации (AI hallucinations) од проста причина што овие системи не поседуваат разбирање за содржините кои ги генерираат.
Денес, вештачката општа интелигенција (AGI) сé уште се смета за теоретски концепт и не постои во пракса. Разликата помеѓу овој теоретски концепт и постоечата ВИ иницијално се состои во способноста AGI да извршува било каква интелектуална задача која човекот може да ја изврши, дури и на повисоко ниво.
Иако денешните системи на ВИ се многу моќни во одредени области, тие не можат да размислуваат, да доаѓаат до самостојни заклучоци или да се прилагодуваат на новосоздадени услови на начини на кои тоа го прават луѓето. Иако за AGI интензивно се истражува, сепак постојат и дебати за тоа кога и дали воопшто ќе достигнеме таков напредок, кој би донел тектонски промени во секоја сфера од живеењети, и кој, хипотетички, би донел системи како на пример:
Извор: Freepik
Интелигентен асистент со човечка способност за решавање на проблеми: AGI би можела да биде асистент кој не само што може да одговара на прашања или да управува со задачи, туку и да решава нови, неочекувани проблеми без претходно програмирани инструкции. На пример, може да им помогне на научниците да дојдат до нови откритија, да решава комплексни прашања и проблеми или да развива нови технолошки иновации без надзор.
Самостојно возило со способности за адаптирање: AGI системот во самостојно возило би можел да решава комплексни ситуации, како што се неочекувани промени на патот или интеракции со други возила, и да донесува одлуки кои се најдобри за сигурноста и ефективноста на патувањето, при тоа користејќи широк спектар на интелектуални способности.
Креативен уметник: AGI би можела да создава уметност на истото ниво или повисоко од човекот — не само во форма на слики или музика, туку и да создава нови форми на уметнички израз. Таа би можела да разбера и интуитивно да се адаптира на различни стилови и да создава нешто сосема ново.
Медицина и здравствена дијагностика: Во доменот на здравството, AGI може да биде систем кој не само што ќе го анализира медицинскиот податок (студии на случај, анализи на резултати од тестови и симптоми), туку би можела и самостојно да се прилагодува на нови медицински откритија и да креира иновативни терапии или третмани, што би ја направило многу пософистицирана во однос на сегашните специјализирани медицински ВИ системи.
Психолог или советник: AGI би можела да се користи како еден вид интелигентен советник или психолог кој би можел да разбере и да дава персонализирани совети за човековата психолошка состојба, врз основа на лични податоци и контексти. Овој систем би можел да се прилагоди на индивидуалните потреби на секој корисник, а не само да следи претходно дефинирани шаблони на однесување.
И уште бројни други во секој аспект од живеењето, создавајќи свет каде што човекот веќе не е единствениот извор на иновации и напредок. Тоа би довело до нови социјални структури и промена во односите помеѓу луѓето, како и во начинот на кој гледаме на креативноста, економијата, иновациите, образованието…
Иако сите овие хипотетички примери ја претставуваат AGI способна да учи, да се адаптира, и да применува општи интелектуални способности на „човечки начин“, сепак засега останува да биде само теоретски концепт кој не постои. Овие интелигенти способности, (кои понатаму повлекуваат и прашања за тоа дали AGI односно машините би имале свест, морал, чувства) се всушност и клучната разлика помеѓу AGI и ВИ, кои доколку се случат во нашиот животен век, ќе го редефинираат концептот на човекот, неговото постоење и неговата улога во светот.