Настанот ги собра водечките комуникациски експерти од регионот и претставници на бизнис заедницата, со цел да се демистифицира влијанието на големите јазични модели (LLM) врз репутацијата на компаниите.
Нови навики: Од пребарување до персонализиран разговор
Фокусот на дискусијата беше ставен на промената во навиките на потрошувачите. Денес, наместо на традиционалните пребарувачи, сè почесто одговорите ги бараме директно каде што се одвива разговорот. Кога корисникот планира одмор, тој на ChatGPT или Gemini бара персонализирана рута за патување, бара препорака кои патики најдобро одговараат на неговиот стил на трчање или прави брза споредба на производи според соодносот на цена и квалитет. Во овој нов „дигитален свет“, вештачката интелигенција е таа која ги сумира информациите и донесува заклучоци за брендовите уште пред корисникот воопшто да помисли да ја посети нивната официјална веб-страница.
На панел дискусијата свои видувања сподели и Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија и сопственик на svnadesign.com, кој зборуваше токму за овие промени:
„AI не го менува само начинот на пребарување, туку целосно го трансформира патот до купување. Наместо корисникот сам да отвора десетици страници, да споредува информации и да бара на кого да му верува, AI системите сè повеќе ќе носат персонализирани препораки врз основа на релевантност, доверба, корисничко искуство и реални податоци. Тоа значи дека во новата дигитална ера, најуспешни ќе бидат брендовите што ќе изградат силна дигитална репутација, јасно присуство и доверба кај корисниците и AI системите.“
Репутацијата станува „машински читлива“
„Што е она што се менува и зошто сега е клучниот момент за компаниите?“ беше прашањето на кое се осврна д-р Борислав Миљановиќ, сопственик и извршен директор на Represent System.
„Репутацијата денес станува ’машински читлива‘. Компаниите веќе не управуваат само со сопствената комуникација, туку и со начинот на кој вештачката интелигенција ги интерпретира. Иако технологијата носи брзина, луѓето се тие што го даваат значењето, а најголема предност ќе имаат брендовите на кои најмногу им се верува – дури 76% од она што го цитира вештачката интелигенција доаѓа токму од релевантни ПР содржини и медиумски објави.“
Дигиталната доверливост како нова конкурентска предност
На панелот се обрати и Гордана Коруноска, менаџер за операции во Synapse, која ја воведе новата категорија на „дигитална доверливост“:
„Во новата дигитална ера, ’дигиталната доверливост‘ станува клучна конкурентска предност. Веќе не е доволно само да постоите онлајн; мора да бидете доволно јасни за вештачката интелигенција да ве разбере и доволно доверливи за таа да ве препорача. AI системите не работат со претпоставки, туку со сигнали. Ако тие сигнали се слаби или нејасни, моделот нема основа да ја препорача компанијата. Затоа бизнисите денес не се борат само за позиција, туку за присуство во самиот одговор што го добива корисникот.“
Мерливи деловни резултати и AI видливост
На настанот беа презентирани практични рамки за тоа како комуникациските стратегии можат да се трансформираат во видливост препознатлива за вештачката интелигенција. Лазар Јовановиќ, главен директор за дигитални технологии и AI во Represent System, сподели конкретни примери од различни индустрии:
„Вештачката интелигенција не е само теорија, туку алатка која веќе испорачува мерливи деловни резултати. Нашите најнови ’case study‘ анализи покажуваат дека со примена на правилна стратегија за AI видливост, компаниите можат да постигнат раст на присуството во AI одговорите за над 130%, што директно се рефлектира во зголемена продажба и до 210% во период од само шест месеци. Ова потврдува дека брендовите кои први ќе ја заземат својата позиција во ’AI Share of Voice‘, не само што ќе бидат пронајдени, туку ќе бидат и препорачани како прв избор од страна на алгоритмите токму во моментот кога потрошувачот носи одлука за купување.“
Настанот беше организиран како покана за бизнис секторот да ги искористи предностите на „раните придвижници“ во оваа област, со цел да обезбедат сигурна позиција во дигиталната иднина.