Дигитална експанзија по цена што ја плаќа мрежата
Meta планира во рамки на проектот Hyperion да инвестира над 10 милијарди долари во центар што, по завршувањето на сите фази, ќе троши до 5 гигавати електрична енергија, што е споредливо со потрошувачката на цел еден милионски град. Оваа инфраструктура не е само технолошки подвиг, туку и предизвик за енергетските системи кои веќе се под притисок поради растечката побарувачка.
Паралелно, компанијата најавува и суперкластерот Prometheus во Охајо, кој би додал уште еден гигават потрошувачка. Бидејќи овие капацитети се наменети за развој на суперинтелигентни AI-системи, станува јасно дека дигиталната индустрија влегува во ера на екстремна потрошувачка на ресурси, додека енергетскиот сектор сè уште се обидува да балансира меѓу растот и потребата од декарбонизација, пренесува TechCrunch.
Одржливост во сенка
Иако Meta формално ветува дека центрите ќе користат обновливи извори на енергија и најавува соработка со локални партнери за проекти за зелена енергија, конкретни детали за тие иницијативи сè уште не се познати. Слични ветувања беа дадени и при претходни инвестиции, но многу заедници каде беа изградени дата-центри пријавија сериозни нарушувања во снабдувањето со вода и струја.
Проблемот со одржливоста не се крие само во изворите на енергија, туку и во моментот во кој доаѓа енергетската мрежа на САД каде бележи раст на потрошувачката поради екстремни временски услови, електрификација на транспортот и растечкиот број на електрични уреди. Додавањето на десетици нови гигавати потрошувачка за обработка на податоци може да доведе до локални колапси и нарушување на енергетскиот баланс, особено во рурални области како Richland Parish во Луизијана.
Суперинтелигенција да, но по која цена?
Развојот на вештачката интелигенција, особено во правецот на општата суперинтелигенција, несомнено носи потенцијални придобивки за општеството, од автоматизација на процеси, преку научни откритија, до решенија за климатските промени. Но, ако патот до тие решенија подразбира изградба на мегацентри што трошат струја како цели градови, се наметнува прашањето дали напредокот доаѓа по цена на планетата.
На долг рок, моделот на раст што се потпира на постојано зголемување на енергетската потрошувачка тешко може да биде одржлив без оглед на ефикасноста или обновливите извори. Потребно е повторно да се замисли технолошкиот развој, не преку призмата на неограничена пресметковна моќ, туку преку одговорно користење на ресурсите.
Meta можеби ја предводи следната револуција во AI-индустријата, но истовремено ја носи и одговорноста да покаже дека дигиталната моќ може да биде во служба на планетата а не нејзин непријател. Без тој доказ, светот би можел скапо да плати за технолошкиот напредок што требаше да му користи.
Извор: odrzime.rs