Новиот почеток значи запознавање, не само на другата личност, туку и на новата верзија од себе. Токму во тоа е шармот. Често велат дека по една врска, барем знаете што сигурно не сакате следниот пат и кои манири или однесувања повеќе не сте подготвени да ги толерирате.
Но што ако сте ја нашле личноста што ви одговара, се случил и првиот сексуален однос, но не бил она што сте го очекувале? Ајде да видиме што може да значи тоа, без паника и без драматични заклучоци.
Не носете заклучоци прерано
Во ред, не сте воодушевени и во глава ви поминуваат илјада сценарија. Но првиот чекор е да застанете и да здивнете. Постојат ситуации кога и двајцата сте биле премногу возбудени, несигурни или едноставно сте се обидувале да „погодите“ што му одговара на другиот. Затоа постојат втор пат, трет пат и сите оние моменти кога постепено си „легнувате“ еден на друг.
Имајте реални очекувања
Реалните очекувања се половина мир во глава. Размислете колку добро се познавате и не споредувајте ја новата личност со поранешен партнер кој ги знаел сите ваши навики, желби и ситни сигнали. Новата врска е нова територија. Дајте му простор на моментот и дозволете си да уживате колку што можете. Убавото е што сега имате шанса да откривате нешта заедно и со време да кажете што ви годи, што сакате и што ве возбудува.
Дајте си време
Ако постојано ви се врти во глава „тој прв пат“ и се чувствувате несигурно, дајте си време. Наместо да ја храните непријатноста, фокусирајте се на другите делови од поврзувањето. Поминувајте време заедно правејќи работи што ви се интересни, што ве релаксираат и ве зближуваат. Секој почеток е и убав и тежок, затоа што сè уште не сте целосно опуштени.
Соочете се со чувствата без вина
Не обвинувајте се себеси, ниту него, ако првиот сексуален однос не ви „легнал“. Ако сте разочарани, признајте си го тоа. Разочарувањето е емоција што тешко се контролира со сила и со рационализација. Подобро е да кажете „ова ме разочара“ отколку да барате виновник. Многу често тоа чувство е моментално и со време ќе ви биде смешно што сте се измачувале толку многу.
Комуницирајте, додека е „мал проблем“
Комуникацијата во врската често се одложува, а токму тоа знае да направи да се наталожи непотребна тежина. Мала непријатност што не се кажува, со денови расте и станува голема. Затоа, ако нешто ве мачи, зборувајте навреме и нежно. Кога работите се решаваат „во од“, се избегнуваат недоразбирања, претпоставки и тивка дистанца.
Опуштете се и препуштете се
На крај, што е најважно на почетокот од една врска и првите физички контакти? Одговорот е едноставен. Желбата. Ако ја сакате таа личност, ако ве привлекува, ако чувствувате дека има нешто таму, тогаш не мора да го анализирате секој детал до бескрај. Ако не ви значеше, немаше ни да размислувате толку. Понекогаш најсилната искра се појавува кога ќе престанете да се трудите да „погодите“, и само ќе бидете присутни.
Извор: wannabemagazine.com