Министерството за животна средина на Грција наведува дека одлуката е насочена кон зајакнување на заштитата на плажите од посебно естетско, геоморфолошко и еколошко значење, како и кон зачувување на скапоцените живеалишта и видови флора и фауна кои зависат од нив.
Истовремено, проширена е листата на плажи вклучени во програмата на морски NATURA 2000 подрачја, кои сега се под построг режим на заштита.
Овој потег е дел од пошироката стратегија да се ограничи неконтролираниот развој на туризмот и да се промовира поодржливо управување со грчкиот брег, во момент кога притисоците врз крајбрежните екосистеми се интензивираат поради туристичкиот развој и ефектите од климатските промени, пишува Euronews.
Според податоците на Европската комисија и грчките министерства, во рамките на овој систем на „недопрени плажи“ сега се заштитени 251 крајбрежно подрачје, при што на нив не се дозволуваат никакви комерцијални активности како бич-барови, лежалки или приватно оградување на делови од брегот.
Исто така, во овие зони забранети се и интервенции кои би можеле да ја променат природната форма на брегот или да ги нарушат неговите еколошки функции, а целта е зачувување на биодиверзитетот и ретките видови кои живеат во тие подрачја.
Извор: odrzime.rs