Човештвото го надминало лимитот а еколошкиот кредит ни тропа на врата!

Човештвото од 24 јули почнува да живее на еколошки кредит, затоа што ги има потрошено сите природни ресурси што планетата Земја може да ги обнови во текот на една година.

kredit-4061-fi

Извор: Freepik

Денот на еколошкиот долг на човештвото секоја година настапува сè порано, паралелно со сè побрзото искористување на природните ресурси, објави организацијата Global Footprint Network, врз основа на податоците од Универзитетот во Јорк за еколошки отпечатоци и биокапацитет на државите.

Човештвото во моментов ја користи природата 1,8 пати побрзо отколку што екосистемот на Земјата може да ја обнови. Причините се, меѓу другото, поголемата емисија на CO₂ отколку што биосферата може да апсорбира, забрзаната потрошувачка на вода, сечата на шумите и уништувањето на рибниот фонд.

Таквата експлоатација која ја надминува брзината на обновување на природата, е причината за исчезнување на биолошката разновидност, дефорестација и зголемување на стакленичките гасови во атмосферата, што пак придонесува за сè поекстремни метеоролошки појави.

Последиците се и недостиг на храна, енергетска нестабилност, здравствени кризи и вооружени конфликти. Региони, градови и компании кои не се подготвени за оваа нова реалност се соочуваат со сè поголеми ризици, наведува Global Footprint Network во своето соопштение.

Од 1971 година, кога почнаа да се водат податоци за еколошкиот отпечаток и биокапацитетот, денот на еколошкиот долг и покрај извесни методолошки измени и модернизација на начинот на пресметување, постојано настапува сè порано.

Овој ден се разликува и од држава до држава. Тоа е денот кога побарувачката на жителите на една земја ја надминува количината на ресурси што екосистемот на нивната земја може да им ја понуди за цела година.

Првата земја што годинава почнала да живее на еколошки кредит била Катар уште на 6 февруари, а на 17 февруари ѝ се придружил и Луксембург. До крајот на мај, во еколошки долг влегле и сите земји членки на Европската Унија, со исклучок на Унгарија, која тоа го сторила на 2 јуни. Според истата пресметка, последни што ќе ги потрошат своите годишни природни резерви во 2025 година се Индонезија на 18 ноември и Уругвај на 17 декември.

Извор:  odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.