Валутата на ПР-от е довербата
Во ерата кога информациите патуваат побрзо од кога било, интегритетот на она што го споделуваме е од најголемо значење. Дезинформациите може исто така брзо (ако не и побрзо) да се шират, зголемувајќи ги последиците од измамата. Затоа, сржта на ефективните односи со јавноста не е само во креирањето пораки, туку во искреноста на нашата приказна.
Искреноста не е само морален туку и стратешки избор. Без разлика дали сте дел од живописна и динамична агенција или управувате со комуникациите во компанија, транспарентноста треба да биде вашиот водечки принцип. Таа е основа на секоја здрава клиентско-агенциска врска и камен темелник на внатрешните корпоративни комуникации. Кога сме посветени на автентичност, градиме темели за долготраен успех.
Паметните клиенти ги ценат ПР професионалците кои нудат реалистични перспективи – не само оние кои се согласуваат со секој предлог. Важно е да комуницираме што е изводливо и искрено да управуваме со очекувањата. Кажувањето „не“ може да биде предизвик, но го одразува интегритетот и може конечно да заштеди време, напор и финансиски ресурси. Во суштина, добрите односи со јавност вклучуваат давање на клиентите и колегите информации што им се потребни, а не само она што сакаат да го слушнат.
Ќе те барам кога ќе ми се случи криза
ПР-от не е само за контрола на штетите за време или по криза. Вистински ефективните односи со јавноста не се реактивни, тие се проактивни.
Проактивноста подразбира антиципирање на идни случувања и обликување на наративот пред тој да ве обликува вас. Станува збор за континуирана интеракција со вашата публика и медиумите, создавање можности за позитивна присутност во медиумите и јавноста и проактивно градење на силен бренд имиџ.
Реактивни односи со јавноста вклучуваат реагирање на настани (најчесто непријатни) откако ќе се случат. Овој пристап често може да изгледа одбранбено и може да делува неискрено ако не се управува внимателно. Станува збор за управување со последиците, а не нивно спречување. Реактивниот ПР понекогаш ќе биде неопходен, но не лежи таму силата на добрата ПР стратегија.
Зошто проактивниот пристап е подобар? Бидејќи не сакате да бидете фатени неподготвени и во криза панично да барате сојузници во медиумите и јавноста со кои претходно не сте граделе конекции во континуитет.
Нема изговор за непроверени факти
Ништо не покажува дека „немате кредибилитет“ повеќе од дезинформациите. Секогаш проверувајте ги фактите. Тоа го прават професионалците. Брендовите мора да имаат строги процеси на верификација како стандардна пракса за да бидат перципирани како веродостоен извор на информации. Ако не сте сигурни не го кажувајте, дајте си време за да ја потврдите информацијата пред да излезе во јавност.
Еден пропуст може да доведе до ерозија на довербата, потенцијално уништувајќи години труд вложен во градење на брендот.
ПР-от не смее да „пука на слепо“
Како да знаеме дека една PR стратегија е успешна? Следиме фидбек и мериме реализација на цели. Алатките за следење на медиумите се неопходни во оваа смисла, бидејќи нудат увид во тоа како брендовите и производите се перципираат низ различни канали. Овие алатки ни овозможуваат да го следиме медиумското покривање, да анализираме и оценуваме сентимент за брендот и ефикасно да менуваме курс врз база на добиените сознанија.
Одржувањето на проактивен став со континуирано скенирање на медиумскиот пејзаж им помага на PR професионалците превентивно да управуваат со потенцијални кризи. Со брзото идентификување и адресирање на негативни повратни информации, ние спречуваме мали инциденти да ескалираат во големи проблеми. Исто така, постојаното следење помага во препознавањето на трендовите, овозможувајќи ни да се прилагодиме и да ги рафинираме нашите PR тактики.
ПР-от никогаш не престанува
Односите со јавноста не се серија од изолирани настани, соопштение овде, интервју онде, туку постојан, еволутивен дијалог со публика / купувачите/ клиентите кој со текот на времето го менува однесувањето на потрошувачите и гради лојална база на застапници на брендот.
За разлика од рекламните кампањи, ова е континуиран процес за управување со репутацијата. Не станува збор за брзи решенија, туку за градење на доверба и кредибилитет, цигла по цигла, порака по порака.