Добредојдовте во универзумот на „success porn“ – жанр што го глорифицира успехот до таа мера што го претвора во речиси сензуално искуство. Сите видеа и објави, најчесто, спакувани во мотивациони пораки и впечатлив визуелен стил, нудат едноставна и бајковита приказна: од „никој“ до „непобедлив“. Но, зошто толку силно нè привлекува овој наратив?
Зошто го обожаваме„success porn“?
„Success porn“ е содржина дизајнирана совршено за алгоритмите — кратка, интензивна, емоционално “набиена”. Таа ги поттикнува гледачите да поверуваат дека успехот е достапен за секого, да работиш повеќе и да се мотивираш. Во тој свет, системските бариери не постојат. Нема среќа, нема привилегии, нема контекст — постои само труд, самодоверба и добар изглед.
Психолозите објаснуваат дека ваквиот тип содржина предизвикува допамински одговор сличен на оној што го доживуваме кога играме видеоигри или купуваме нови нешта — ни нуди моментално чувство дека сме на чекор до нешто големо. Освен тоа, ваквите објави ни ја даваат илузијата дека имаме контрола: „Ако можеше тој или таа, можам и јас.“
За некои, ова е ветар во грбот. За други, стапица што води кон фрустрација.
Иако „success porn“ на прв поглед инспирира, неговата постојана консумација може да има сосема спротивен ефект. Кога секојдневно гледаме слики од луѓе што „успеале“ – а успехот најчесто се мери преку луксуз и статус – лесно се раѓа чувство на инфериорност. Во свет каде „сè е можно“, ако не си успеал – вината, очигледно, е твоја. Лоша самодисциплина. Недоволно желба.
Вака овој тип на содржина често создава дополнителен притисок, особено кај младите. Во бескрајната трка за „повеќе и подобро“, лесно се губат нијансите, реалните цели и фактот дека успехот не изгледа исто за сите.
Баланс помеѓу инспирација и илузија
„Success porn“ ја задоволува нашата потреба за надеж и припадност. Пронаоѓаме смисла во сопствените предизвици. Дополнително, ваквиот тип содржина е визуелно привлечен, лесен за консумирање и уште полесен за споделување, совршен за современата публика која ретко има трпение за комплексни приказни.
Од друга страна, расте и свесноста за манипулативниот карактер на ваквите пораки. Сè почесто се појавуваат „анти-мотивациони“ профили, покажувајќи дека публиката полека почнува да ги распознава замките на овој наратив.
Сам по себе, „success porn“ не е нужно зло. Човештвото отсекогаш раскажувало приказни за оние што успеале, бидејќи тие приказни будат надеж. Проблемот настанува кога овие приказни се раскажуваат без контекст и без одговорност, кога инспирираат, но не информираат. Кога нудат решение без вистински да ја објаснат сложеноста на проблемот.
Можеби е време да го преиспитаме нашето разбирање за успехот. Наместо да ја бараме инспирацијата во туѓата „совршеност“, време е да го вреднуваме сопствениот напредок – дури и ако тој е бавен, скромен и невидлив за очите на социјалните мрежи.
„Success porn“ е огледало на желбата за совршен живот, но и потсетник дека вистинскиот успех не доаѓа од лајкови и мотивациски цитати. Успехот не е шаблон што важи за сите, туку лично патување кое вреди да го мериме според сопствени вредности, а не според туѓи статуси. Затоа што успехот не секогаш изгледа гламурозно.
Извор: BIZLife