Колачето на судбината денес е еден од најпрепознатливите симболи на „кинеската храна“ во светот. Но неговото потекло е многу подалеку од Кина и многу постаро од картонските кутии со нудли, сосови и пилешко што денес ги поврзуваме со takeout културата.
Колачињата на судбината не се кинески
Нивните корени водат до Јапонија, каде што со векови постоеле слатки кои криеле пораки. Во градовите како Каназава, уште во ерата на Едо периодот, се продавале колачи налик на денешните, со скриени пораки, стихови, па дури и духовити или по малку кокетни реченици.
Авторката Јасуко Накамачи посвети децении на истражување на оваа традиција. Сè започнало со едно колаче кое го отворила во Њујорк – и со пораката која, како што вели, ја „погодила право во сржта“. Подоцна, во јапонските книги и илустрации пронашла речиси идентични форми: свиткани колачи со пораки, познати како tsujiura gashi. Со други зборови, идејата постоела многу пред да стане глобален симбол.
Патот преку Пацификот
Како тогаш ова мало колаче завршило во кинеските ресторани ширум светот? Историчарите немаат единствен одговор, но трагите водат кон западниот брег на САД.
Во Сан Франциско, во познатата Јапонска чајна градина, колачињата почнале да им се послужуваат на посетителите. Подоцна ги презеле производителите и почнале масовно да ги прават. За време на Втората светска војна, јапонско-американските заедници биле интернирани, а нивните бизниси затворени. Токму тогаш кинеските производители го преземаат производството. И така, речиси случајно, колачето го менува идентитетот.
Денес, колачињата на судбината се соочуваат со тивко исчезнување. Малите фабрики се затвораат, а традиционалното производство опаѓа. Во Монтреал е затворена една од најстарите фабрики по осум децении работа. Остануваат големите индустриски гиганти, но исчезнува она што ги правеше овие колачиња посебни – локалниот карактер, рачната изработка и малите изненадувања.
Пораки кои остануваат
Можеби вистинската вредност на колачето на судбината е токму во тоа што никогаш не било само десерт. Тоа е мал ритуал на крајот од оброкот, повод за разговор, насмевка и момент на љубопитност. Пораките во него најчесто не се длабоки. Понекогаш се дури и смешни. Но секогаш успеваат да направат едно нешто: да ве натераат да застанете, да прочитате и барем за момент да поверувате дека токму таа порака некако била наменета за вас.
Ако се погледне повнимателно, овој мал десерт во себе носи цела историја на миграции, културни размени и нови идентитети. Јапонска традиција, американска индустрија, кинески ресторани и современи реинтерпретации, сè собрано во еден залак. Можеби токму тоа е неговата „судбина“: никогаш да не припаѓа само на едно место, туку на сите што ќе го отворат. Бидејќи на крајот, можеби и не е најважно од каде доаѓа. Важно е што ќе ви каже во моментот кога ќе го скршите.
Извор: bizlife.rs