Како го преживеавме „мини-леденото доба“ во средниот век?

„Драг дневнику, денес надвор беше сé замрзнато.“ Ако некој ја напише оваа реченица во својот дневник денес, веројатно ќе помине незабележителна. Но, што ако за 500 години научниците ги користат ваквите временски записи за да ги решаваат климатските мистерии?

klimata-2965-fi

Извор: Unsplash

Истражувачите кои го проучуваат минатото го направија токму тоа – прелистуваа дневници и други стари документи за да ја реконструираат климата во 16 век во Трансилванија, дел од денешна Романија. Нивните наоди даваат увид во тоа како периодот на ладење, познат како Мало ледено доба, можеби влијаел на луѓето во регионот, изјавија од тимот во извештајот објавен на 12 февруари годинава во списанието Frontiers in Climate.

Претходните студии на полен, седименти и други материјали беа користени за реконструкција на минатите климатски промени. Но, „она што сакавме да го направиме е да се фокусираме на тоа како луѓето во тоа време ја перципирале климата“, вели Тудор Кациора, климатолог на Универзитетот во Орадеа во Романија.

Малото ледено доба бил повеќевековен климатски настан што довел до пониски температури во периодот од 14. до 19. век, а истражувањата покажуваат дека по 1560 год. просечните температури во Европа паднале за 0,5 степени Целзиусови. Неколку студии ги следеа ефектите на овој феномен во Западна Европа, но истражувачите наидоа на потешкотии во собирањето информации за истиот во Источна Европа.

Затоа деталните записи на луѓето од 16. век во Трансилванија претставуваа единствена можност. Кациора и неговите соработници проучувале дневници, хроники и други документи од 16 век за да најдат индиции за климата во тоа време.

Документите биле рачно напишани на различни јазици, вклучувајќи унгарски, турски и латински. Пребарувањето на клучни зборови како „топло време“ дало нула резултати, бидејќи луѓето често го опишувале времето на други начини. На пример, еден извештај за ефектите од обилните дождови за време на опсадата на градот гласи: „Низ градот течеше голема река која секој ден сé повеќе надоаѓаше и го оневозможуваше движењето“.

Климата како причина за други проблеми

Овие записи даваат слика на 16. век во Трансилванија, каде што првата половина на векот била обележана со екстремни горештини и суши, по што следел период на зголемени врнежи. Истражувачите, исто така, наишле на живописни описи кои покажуваат како климата влијаела врз луѓето, предизвикувајќи катастрофи како што се глад, наезда на скакулци и болести.

Еден запис опишува глад во текот на летото 1534 год. предизвикан од силна суша. Луѓето „го губат умот од глад“, прибегнуваат кон јадење треви, кора од дрвја и мрши. Опишани се скелетни трупови со остатоци од трева во устата.

Евидентираните високи температури низ векот ги наведоа истражувачите да заклучат дека Малото ледено доба во овој регион можеби се случило подоцна отколку во Западна Европа.

Покрај обезбедување на подобар увид за тоа како Малото ледено доба влијаело на луѓето во минатото, истражувањата, како она на Кациора, можат да послужат како предупредувања за тоа како екстремните временски настани можат да влијаат на луѓето во иднина, во контекст на модерните климатски промени.

„Замислете што ќе се случи кога сличен настан би се случил при клима која е веќе 2 степени во просек потопла“, вели Улрих Фелше, климатолог од Универзитетот во Грац во Австрија, кој не бил вклучен во студијата. „Овие студии за климатските состојби од минатото се особено важни за разбирање на климатската варијабилност и екстремните временски настани, за да можеме подобро да предвидиме што може да нé очекува во иднината“.

Извор: Odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.