Интуицијата ни се јавува во различни облици и на начини што не секогаш ги разбираме. Но, ако научиме да ја препознаваме и да ја користиме, таа може да стане своевиден водич и да ни помогне полесно да се ориентираме во секојдневните избори.
Ослушнувањето на внатрешниот глас не е секогаш лесно, бидејќи најчесто е надгласен од грижите, логиката и советите на другите. Сепак, слушањето на интуицијата може да се вежба. Замислете ја како мускул што долго сте го запоставувале, а со вежбање може повторно да зајакне.
Подобро слушање на интуицијата и разбирање на нејзините предности
Што е интуицијата?
Интуицијата е внатрешно знаење. Тоа е суптилно чувство што ви укажува дека нешто не е во ред или ве насочува кон одредена постапка, иако таа на прв поглед можеби не изгледа логично.
Токму затоа што е тивка и суптилна, лесно можеме да ја пропуштиме. Но, кога свесно ќе почнеме да ја слушаме, интуицијата може да стане моќна алатка, своеобразен внатрешен компас што вреди да се земе предвид.
Лесно е да го игнорираме внатрешниот глас што не звучи логично и понекогаш ни се чини дека нема никаква смисла. Некоја мисла ќе ни „помине низ глава“, а ние само ќе ја отфрлиме и ќе продолжиме понатаму. Сепак, разбирањето и слушањето на интуицијата може да ни помогне подобро да ги препознаваме сопствените реакции и потреби.
Како изгледа слушањето на интуицијата во секојдневието?
Интуицијата често ја чувствуваме преку телото и може да биде придружена со суптилни физички сензации треперење во стомакот или градите, морници или бран на топлина.
Она што често го опишуваме како „чувство во стомакот“ може да биде начин на кој го доживуваме сопствениот инстинкт.
Ако некогаш сте почувствувале дека не можете да му верувате на некого, иако немате конкретен доказ за тоа, веројатно сте почувствувале интуитивна резервираност. Ако сте морале да донесете одлука и веднаш сте почувствувале кој избор ви изгледа правилен, и тоа е пример за интуитивна реакција.
Како функционира интуицијата?
Најчесто станува збор за првото чувство што се јавува како одговор на некоја ситуација или проблем, пред размислувањето брзо да го потисне.
Често интуицијата ја препознаваме дури откако моментот ќе помине и ќе одлучиме да ја следиме логиката или советите што ни звучеле поразумно. Кога подоцна ќе се соочиме со последиците, можеме да помислиме дека требало повеќе да му веруваме на првичниот впечаток.
Токму со таквата свесност може да се вежба подобро слушање на интуицијата. Следниот пат кога ќе почувствувате силен прв впечаток и веднаш ќе посакате да го отфрлите, застанете за момент. Потсетете се на слични ситуации и размислете што точно чувствувате пред да донесете заклучок.
Природно поизразена интуиција
Некои луѓе се почувствителни на сопствените и туѓите емоции и полесно ги забележуваат суптилните промени во расположението и однесувањето. Кај нив интуитивните реакции може да бидат поизразени.
Интуицијата често се поврзува и со емоционалната интелигенција и емпатијата. Луѓето што добро ги препознаваат сопствените и туѓите емоции можат полесно да ги забележат сигналите што другите би ги превиделе.
Сепак, секој човек има интуитивни реакции, без разлика на нивото на чувствителност. Како и секоја друга способност, тие можат да се набљудуваат и подобро да се разбираат со текот на времето.
Како подобро да ја слушате интуицијата?
Можете да го вежбате слушањето на интуицијата и ако природно не сте особено чувствителни на неа. Клучот е подобро да ги забележувате сопствените телесни и емоционални реакции.
Кога размислувате за некоја личност, ситуација или место, забележете како реагира вашето тело. Обратете внимание на сензации како стегање во стомакот, немир во градите, морници или чувство на тежина.
Живееме во свет со постојани стимули и непрекинат прилив на информации, што може да го отежне забележувањето на сопствениот внатрешен глас. Затоа може да помогне да одвоите време за тишина и одмор без дополнителни надворешни дразби.
Медитација, кратка прошетка без телефон или само неколку минути тишина дневно можат да создадат простор во кој полесно ќе ги забележите сопствените мисли и чувства.
Како можете да ја користите интуицијата?
Кога користиме логика за да ги процениме сите предности и недостатоци, донесувањето одлука може да бара многу време. Интуицијата, од друга страна, понекогаш може да ни помогне побрзо да препознаеме во која насока сакаме да се движиме.
При запознавање нови луѓе, интуитивните реакции можат да нè поттикнат порано да обрнеме внимание на одредени предупредувачки сигнали. Во кариерата, пак, можат да ни помогнат подобро да разбереме како навистина се чувствуваме во врска со некоја понуда, промена или професионална одлука.
Интуицијата не мора да биде замена за логиката, фактите и внимателното размислување. Но, може да биде уште еден извор на информации за сопствените чувства и реакции, особено кога треба да направиме избор што е важен за нас.
Извор: easylife.rs