Од рано станување и подготвување појадок до домашни задачи, воннаставни активности и безброј ситници што треба да се запомнат, почетокот на учебната година знае да биде вистински маратон. Сепак, со неколку едноставни трикови, можно е да влезете во новата рутина без чувство дека целата куќа преку ноќ се претворила во команден центар.
Не обидувајте се сè да завршите во последен момент
Најголемата грешка е обидот сè да се заврши одеднаш. Училишниот прибор, облеката, патиките, книгите, распоредот и обврските многу полесно се организираат ако ги поделите на неколку помали задачи.
Направете список и решавајте ги работите постепено. Еден ден може да биде резервиран за купување училиштен прибор, друг за облека, а трет за организирање на просторот за учење. Помалку хаос значи и помалку нервоза.
Вратете го времето за спиење во нормала
Ако во текот на летото одењето на спиење било поместено за неколку часа, не очекувајте детето одеднаш да заспие во 21 часот уште првиот училиштен ден.
Почнете неколку дена порано постепено да го поместувате времето за легнување и утринското будење. Така преминот кон училишниот ритам ќе биде многу полесен и за децата и за родителите.
Подгответе го утрото однапред
Утринскиот хаос често започнува уште претходната вечер. Затоа, подготовката на облеката, ранецот и основните работи нека стане дел од вечерната рутина.
Ако можете однапред да го осмислите и појадокот или ужината за следниот ден, уште подобро. Целта не е совршена организација, туку во 7:30 часот наутро да не барате една изгубена чорапа додека некој истовремено се обидува да ја најде перницата.
Не мора да бидете „мајка со 100 задачи“
Почетокот на училиштето лесно може да ја претвори мајката во личност која мора да запомни буквално сè: распоред на часови, термини за родителски средби, тренинзи, домашни задачи, родендени и список на работи што треба да се купат.
Затоа вклучете ги и децата. Во зависност од возраста, тие можат сами да го подготват ранецот, да ја изберат облеката за следниот ден или да водат сметка за сопствените училишни обврски. Тоа не е само помош за мајката, туку и начин децата да станат посамостојни.
Направете семеен „command center“
Еден календар или табла на видливо место може да биде вистински спас во првите неколку недели од училиштето. На него може да стојат распоредот, тренинзите, важните датуми, активностите и обврските.
Уште подобро ако секој член од семејството има свој дел. Така мајката повеќе не мора да биде единствениот „Google Calendar“ на целото семејство.
Оставете простор и за себе
Ова е можеби најважното правило. Почетокот на училиштето не значи дека целото ваше време мора да биде посветено на децата и обврските.
Кафе на мир, тренинг, прошетка, вечера со пријателките или еден час без никакви барања не се луксуз. Тоа е време што ви помага повторно да се наполните со енергија.
Бидејќи целта не е само да го преживеете почетокот на учебната година. Целта е да поминете низ него без чувство дека уште во првата недела сте целосно исцрпени.
Back to School мантра за мајките?
Не мора сè да биде совршено. Не мора сè да биде завршено веднаш. И не мора сè да правите сами.
Новата учебна година е нова рутина за целото семејство, затоа нека има место и за вас.
Извор: easylife.rs