„Desk detox“ открива што кажува вашето работно биро за вас

Погледнете го вашето работно биро. Дали на него има само лаптоп, телефон и една шолја кафе или би можеле да најдете сметка од пред три недели, три празни чаши и кабел за кој веќе не знаете за што служи?

deskdetox-6267-fi

Извор: Lummi/Néstor Díaz

Начинот на кој го организираме просторот во кој работиме често кажува многу за нашите навики. Некој функционира најдобро кога сè е уредно и минималистички, додека на друг креативниот хаос му помага подобро да размислува. Сепак, едно е сигурно: работното биро лесно станува огледало на нашето секојдневие.

Затоа почетокот на новата сезона е идеален момент за мал desk detox.

Ако вашето биро е совршено уредно

Лаптопот е точно на средина, тетратката е паралелна со работ на бирото, пенкалата се наредени по боја, а на површината нема ништо што не е апсолутно неопходно.

Веројатно сакате да имате контрола врз ситуацијата и секогаш да знаете каде се наоѓа секој предмет. Уредниот простор ви дава чувство на мир и ви помага полесно да се фокусирате.

Но, постои и друга страна: ако не можете да започнете со работа пред прво да го организирате секој детаљ околу себе, можеби сте станале малку премногу врзани за својата рутина.

Ако вашето биро е креативен хаос

Хартии, книги, слушалки, шолја кафе, отворен лаптоп и најмалку три работи што во моментот „мора да ги завршите“.

Добрата вест е дека вашето биро не мора да значи дека сте неуредни. Можеби едноставно му припаѓа на креативен ум.

За некои луѓе визуелно богатиот простор значи дека идеите постојано им се на дофат. Проблемот започнува кога повеќе не можете да го најдете она што ви е потребно.

Тогаш desk detox не е повик кон минимализам, туку само кон малку подобро организиран хаос.

Ако на бирото имате милион лепливи белешки

Една белешка за состанок. Друга за идеја. Трета со лозинка што сте ја заборавиле. Четврта на која пишува „ЈАВИ МУ СЕ НА МАРКО“, но веќе немате поим зошто.

Лепливите белешки можат да бидат одлична алатка за организација, но ако го прекриле целото биро, можеби е време за дигитален ресет.

Префрлете ги важните обврски во календар или апликација за задачи, а на бирото оставете го само она што навистина ви е потребно во текот на денот.

Ако кафето е секогаш тука

Една шолја наутро? Нормално.

Три шолји до пладне? Можеби вашето работно биро веќе станало coworking простор за кофеин.

Кафето за многумина е дел од работниот ритуал, но понекогаш е корисно да се направи јасна граница меѓу ритуал и навика. Ако шолјата кафе е единственото нешто на кое му се радувате во текот на работниот ден, можеби не ви треба уште едно кафе, туку подобра пауза.

Ако имате растение на бирото

Честитки, вашето биро се обидува да ви каже дека сакате малку живот во корпоративното секојдневие.

Растенијата, фотографиите, книгите или малите предмети што ги сакате можат да го направат работниот простор попријатен и поличен. Не мора да работите во стерилен простор за да бидете продуктивни.

Доброто работно биро не треба да изгледа како каталог за канцелариски мебел. Треба да биде простор во кој сакате да поминете дел од денот.

Ако вашето биро е преполно со работи

Ова е можеби најчестото сценарио. Проблемот не е само во естетиката. Кога на едно место има премногу работи, тешко е да се направи разлика меѓу она што е важно и она што само зафаќа простор.

Затоа започнете го desk detox едноставно.

Тргнете сè од бирото. Исчистете ја површината. Вратете ги само работите што ги користите секојдневно. Сè останато нека добие свое место – фиока, полица или дигитална верзија.

Не мора да станете минималист. Само направете простор за она што ви е важно во моментот.

Desk detox за 15 минути

Не ви треба целосно ново работно биро, ниту канцеларија како од Pinterest. Доволни се 15 минути.

Тргнете сè од површината. Избришете ги бирото и екранот. Фрлете ги хартиите што повеќе не ви се потребни. Организирајте ги каблите. Исчистете го desktop-от на компјутерот. Направете една мала зона за предметите што ги користите секој ден.

На крајот оставете нешто што ви го подобрува расположението растение, фотографија, миризлива свеќа или омилената шолја.

Целта не е совршено биро. Целта е работен простор што работи за вас, а не против вас.

Можеби всушност не ви треба нов почеток

Понекогаш мислиме дека ни треба нова рутина, нов планер, нова апликација или сосема поинаков начин на организација.

А можеби е доволно само да ги фрлиме ливчињата што се таложеле со месеци.

Desk detox не е магичен трик за поголема продуктивност, но може да биде мал симболичен почеток. Кога ќе го расчистиме просторот околу нас, полесно можеме да одлучиме што навистина сакаме да задржиме и на бирото и во секојдневието.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.