Колегата ви е пријател, но не го завршува својот дел од работата? Еве како да реагирате

Пријателството со колегите може да го направи работното опкружување попријатно, но што кога личноста со која сте блиски ќе почне да ја запоставува работата и со тоа да го оптоварува остатокот од тимот?

kolega-6259-fi

Извор: Unsplash/Vitaly Gariev

На работа поминуваме голем дел од денот, па не е необично со некој од колегите со текот на времето да се спријателиме. Таквите односи можат да бидат драгоцени и да придонесат на работното место да се чувствуваме подобро.

Проблемот настанува кога пријателскиот однос почнува да влијае врз професионалните обврски.

Што ако вашиот пријател и колега сè почесто доцни со задачите, префрла дел од работата на другите или едноставно не вложува ист труд како остатокот од тимот? Дали треба да му укажете на проблемот или да премолчите за да не го загрозите пријателството?

Ситуацијата не е едноставна, но постојат начини разговорот да го водите без непотребна драма.

Пријателството лесно ги замаглува професионалните граници

Кога колегата го доживуваме како пријател, природно е да имаме повеќе разбирање за него отколку за некого со кого сме поврзани само професионално.

Можеби затоа ќе премолчите кога нема да го заврши својот дел од задачата или дури ќе преземете дел од неговите обврски за да не се најде во проблем.

Токму тоа, сепак, може да биде грешка.

Ако постојано ги поправате туѓите пропусти, на колегата му испраќате порака дека неговите обврски можат да почекаат бидејќи некој друг на крајот ќе ги заврши. Истовремено, вие станувате сè пооптоварени, а незадоволството постепено се натрупува.

Ако проблемот продолжи и по отворен разговор, а неговата работа директно влијае врз остатокот од тимот, ситуацијата треба да се третира како професионален проблем, а не како личен конфликт.

Разговарајте насамо, без обвинување

Ако веќе имате пријателски однос, нема потреба колегата да го прозивате пред остатокот од тимот.

Разговорот водете го насамо и фокусирајте се на конкретните последици од неговото однесување, а не на тоа каков е тој како личност.

Наместо: „Ти никогаш ништо не завршуваш навреме“, многу покорисно е да кажете: „Кога задачите остануваат незавршени, остатокот од тимот мора да преземе дополнителна работа и тоа создава притисок за сите.“

На тој начин не го напаѓате неговиот карактер, туку укажувате на проблем што влијае врз работата.

Тоа што некој работи поинаку не значи дека работи лошо

Важно е да направите разлика меѓу колега кој има поинаков стил на работа и колега чиј учинок навистина ја загрозува работата на тимот.

Можеби вие сакате сè да завршите веднаш, додека вашиот колега работи побавно и дел од обврските ги остава за подоцна. Тоа само по себе не е доволна причина за критика.

Но, ако поради неговиот начин на работа вие не можете да ги завршите сопствените задачи, се пробиваат рокови или остатокот од тимот мора да го надоместува неговиот дел од работата, тогаш постои проблем за кој треба да се разговара.

Добро е јасно да ги разграничите и пријателството и професионалниот однос. Можете да му ставите до знаење дека сакате да го зачувате добриот однос надвор од работата, но дека деловните проблеми не треба да се игнорираат токму затоа што сте пријатели.

Понекогаш може да помогне и малку хумор

Ако ситуацијата е поблага и односот меѓу вас е доволно опуштен, проблемот можете да го отворите и преку шега.

На пример:

„Ако продолжиш вака, ќе морам да ти испратам сметка за сите задачи што ги завршив наместо тебе.“

Хуморот може да биде добар начин да проверите како ќе реагира колегата и да му покажете дека сте забележале што се случува.

Секако, ако проблемот сериозно влијае врз работата, шегата нема да биде доволна.

Пред да заклучите дека е само „мрзлив“, прашајте што се случува

Постои уште една важна работа што не треба да се занемари.

Ако колегата претходно бил одговорен, а неговото однесување одеднаш се променило, можеби постои причина што нема врска со неговиот однос кон работата.

Проблеми во приватниот живот, стрес или други предизвици можат да влијаат врз концентрацијата и продуктивноста.

Затоа, пред да заклучите дека колегата едноставно станал незаинтересиран, можете да го прашате:

„Забележувам дека во последно време ти е малку потешко со работата. Дали е сè во ред?“

Ако сака да разговара, сослушајте го. Ако можете да помогнете, јасно дефинирајте што сте подготвени да направите, а што не е ваша одговорност.

Пријателството не значи дека треба да ја работите неговата работа

Најважно е да поставите граница меѓу поддршката на пријателот и преземањето на неговите обврски.

Можете да му бидете пријател на колегата, да го сослушате и да му помогнете кога поминува низ тежок период, но тоа не значи дека треба постојано да го завршувате неговиот дел од работата.

Во спротивно, проблемот само ќе се зголемува, а она што започнало како мала услуга може да прерасне во фрустрација и да го наруши токму пријателството што сте се обидувале да го заштитите.

На крајот, отворениот разговор можеби е непријатен, но често е многу подобар избор од молчење, натрупување незадоволство и тивко преземање туѓи обврски.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.