Европската комисија соопшти дека им пишала на авиокомпаниите и на националните органи за заштита на потрошувачите, „идентификувајќи неколку видови на потенцијално погрешни тврдења за животната средина“. Авиокомпаниите не беа именувани, но се вклучени националните регулатори од Белгија, Холандија, Норвешка и Шпанија, според Financial Times.
Загриженоста на регулаторите се фокусира на тврдењата дека јаглеродните емисии од летањето може да се неутрализираат, или преку инвестиции во еколошки проекти, или со користење на поодржливи видови авионски горива кои сè уште испуштаат јаглерод кога се согоруваат, но помалку загадуваат од керозинот што моментално се користи.
„Авиокомпаниите сè уште не разјаснија дали таквите тврдења можат да бидат поткрепени со цврсти научни докази“, соопшти комисијата. Индустриското тело „Airlines for Europe“ соопшти дека неговите членки „ја препознаваат важноста на јасните, транспарентни информации за одржливоста, како и напорите за постигнување нето нула емисии на јаглерод“. Тие изразија „особена загриженост“ во врска со прашањата за одржливите авионски горива, за кои рекоа дека се „поддржани и одобрени“ од ЕУ. „Науката поддржува дека ова е поодржлива алтернатива на вообичаеното авионско гориво“, додаваат тие.
Авиокомпаниите се соочуваат со зголемена регулаторна контрола во врска со нивното влијание врз животната средина, а ЕУ започна поширока борба против тврдењата за „екоманипулација“ во корпоративниот маркетинг. Минатиот месец, холандскиот суд пресуди дека националната авиокомпанија KLM постапила незаконски кога тврдела дека клиентите можат „одржливо да летаат“, додека британската агенција за надзор на реклами во декември ги забрани рекламите од трите авиокомпании.
Извор: Freepik
Авијацијата сочинува околу 4 отсто од емисиите на стакленички гасови во ЕУ, но и покрај ветувањето на индустријата да достигне нето нула емисии на јаглерод до 2050 година, таа се смета за еден од најтешките сектори за декарбонизација поради недостаток на алтернативи за авионското гориво. Некои авиокомпании имаат воспоставено програми кои им овозможуваат на патниците да придонесат во програмите за неутрализација на јаглеродот или повисоките трошоци за одржливо авионско гориво.
Но, комисијата рече дека открила неколку потенцијално погрешни тврдења, вклучително и „создавање погрешен впечаток дека плаќањето дополнителен надомест за финансирање климатски проекти со помало влијание врз животната средина или поддршка на употребата на алтернативни горива за авиони може да ги намали или целосно да ги надомести емисиите на CO2 од летањето“. Таа, исто така, забележала дека авиокомпаниите претставувале планови за постигнување нето нула јаглеродни емисии „без јасни и проверливи обврски, цели и независен систем за надзор“.
Националните власти имаат моќ да ги санкционираат компаниите како последно средство. Иницијативата за научно засновани цели, доброволно тело за поставување стандарди што го проценува квалитетот на целите за нето нула емисии поставени од страна на индустриите, вклучително и авијацијата, е поделена околу придобивките од користењето на јаглеродни кредити за постигнување на нето нула емисии. Според постојните правила, ниту една голема европска авиокомпанија не поставила климатска цел, која е доволно амбициозна за да помогне во ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа, според базата на податоци на групата.
EasyJet, Gol, Iberia, Lufthansa и Wizz Air се отстранети од процесот на валидација на SBTi за нивните климатски планови, откако не поднесоа доволно амбициозни цели.