Живееме во време кога можностите за создавање на вештачки ум и машини кои работат и реагират како човечки суштества се актуелизирани, спроведени, и значително го менуваат секојдневието и светот околу нас. Децении наназад популарната култура низ форми на стрипови и филмови ни го пласира изгледот на вештачката интелигенција, а кинематографијата буквално на сите ни го објасни овој поим, кој во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век изгледаше како невозможна научна фантастика. Сетете се само на филмските ремек дела Blade Runner, 2001 Space Odyssey, Star Wars, Star Trek па се до совршенството на Matrix и уште многу други, кои визионерски ни ја предскажуваа иднината за развивање и употреба на вештачка интелигенција уште пред 40 и 50 години.
Примената започнува со Туринг
Настрана од филмовите и идеите, вештачката интелигенција за прв пат била реално применета уште поодамна, за време на Втората светска војна, кога познатиот математичар и декодер Alan Turing изработил компјутер кој ќе решава даден проблем, во конкретниот случај – ќе испитува комбинации на кодирани пораки на германската морнарица додека не дојде до точното решение. Тој успеал да ја декодира германската Енигма, која до тогаш се сметала за непобедлива. Alan Turing денес важи за татко на вештачката интелигенција.
Дали ВИ може да „размислува“ како (наместо) човек?
Од Туринг до сега скокот е неверојатен и трансформативен. Вештачката интелигенција (AI) денес е тука да нè направи поефикасни, покреативни, позадоволни и (да се надеваме) поумни. ChatGPT, ВИ четботови за корисничка грижа, ВИ алгоритми за медицински цели и дијагностика, паметни домови со апарати за домаќинство со вградена ВИ, паметни автомобили, навигација, апликации за банкарски услуги, нашите ВИ алгоритми на социјалните мрежи кои ни ги персонализираат профилите, Алекса, Сири, Биксби секојдневно се користат насекаде и веќе не се интересни како што беа пред 10 години.
Поинтересно прашање за примената на вештачката интелигенција на кое се фокусирани научниците е „Дали таа може да „размислува“ како луѓето?“.
Интригантниот концепт на технолошки сингуларитет (technological singularity) еволуира кон хипотетичка временска точка во која развојот на вештачката општа интелигенција (AGI) со способности на човечко ниво, станува толку напредна што неповратно ќе ја промени човечката цивилизација. На овој пат веќе е зачекорено за што сведочат бројните истражувања за можната електричнна поврзаност на човечкиот мозок со надворешен уред, од страна на BCI (Brain-Computer-Interface) компании како Synchron која создаде минимално-инвазивен имплант со кој лицата со АСЛ можат да праќаат емаил пораки и да пребаруваат на интернет со помош на своите мисли.
Извор: Freepik / Mahmudul
Или пак Neuralink, компанијата на Elon Musk, која токму овој јануари прв пат вметна мозочен имплант кај човек, откако во септември 2023 доби одобрение за примена на импланти со невронски конектори кај волонтери кои ќе можат да комуницираат инструкции само мислејќи на нив. Целта, во секој случај, освен што ги руши границите на научните достигнувања во медицината, таа е посветена и на човекот во најблагородна смисла – луѓето со целосни парализи повторно да можат да одат, на слепите луѓе да им се врати видот, како и олеснување на животот на многу луѓе со различни типови на инвалидитети.
Потенцијал и контрола
Благодарение на научните достигнувања во проучувањето на вештачката интелигенција и машинското учење, денес идејата за компјутер кој во потполност или делумно ќе може да ја замени човечката интелигенција е сосема реална, достижна и веќе применета. Едно е сигурно: Оваа идеја го промени светот, првенствено менувајќи го работењето во многу, веќе дигитализирани индустриски гранки како здравството, финансиите, автомобилизмот, транспортот, образованието, бизнисот и др. Уште кога започнаа овие промени да стануваат повидливи, тогашната научна и стручната јавност гласно го изразуваше своето мислење за сите промени и идни насоки на развитокот на вештачката интелигенција.
Elon Musk и сега веќе покојниот брилијантен ум на нашето време Stephen Hawking беа согласни дека дококу развојот на вештачката интелигенција не се контролира, може да дојде до катастрофални последици за човештвото. Од друга страна Bill Gates и Mark Zuckerberg не се сложуваа со нивното мислење, туку во развојот на вештачката интелигенција гледаа бесконечен потенцијал. Но, оваа дилема, која беше најмногу актуелна пред десетина години, веќе не се ни дискутира. Вештачката интелигенција денес е дел од нашето секојдневие од повеќе аспекти на живеењето, а она за што денес се дискутира е каде ќе не однесе вештачката интелигенција во наредните 10 години, и што тогаш ќе се предвидува за иднината.
Во секој случај, ако за нешто можеме со сигурност да кажеме дека 21 век е интересно време за живеење во позитивна смисла на зборот, тогаш тоа се бескрајните можности за користење на вештачката интелигенција и секако, нашиот обид да останеме на светлата страна со достигнувањата.