Без разлика дали страдате од хроничен стрес или имате брачни проблеми, терапијата често се истакнува како најдобро решение за прашања поврзани со менталното и емоционалното здравје. Па ако некогаш сте излегле од сеанса прашувајќи се зошто ништо не ви помогнало, нормално е да сте фрустрирани. И не сте единствени. Многу луѓе се борат да постигнат емоционален пробив на терапија, а по разочарувачко искуство, многумина и се откажуваат. Тоа не значи дека некој е „премногу скршен“ за да биде „поправен“, ниту дека неговите проблеми се преголеми дури и за професионалец. Но токму тоа најчесто им паѓа на памет на луѓето, поради што се обесхрабруваат. Реалноста е дека поддршката за ментално здравје изгледа различно за секого. Она што функционира за една личност можеби воопшто нема да биде корисно за друга. Еве ги најчестите причини поради кои луѓето не чувствуваат напредок на терапијата и се разочаруваат. Разбирањето на овие фактори може да ви помогне да се обидете повторно и подобро да се подготвите за следното искуство.
Фактори кои го спречуваат напредокот на терапијата
1. Не ја имате пронајдено вистинската терапија
Терапијата често се замислува како сцена каде лежите на кауч, ја „истурате“ душата, а стручњакот магично ги има сите точни одговори. Но, како што веројатно веќе знаете, тоа не е толку едноставно. Постојат многу различни терапевтски пристапи, создадени да одговараат на различни проблеми, начини на комуникација и типови личности. Ако вашите сеанси ви изгледаат како неефикасно испуштање емоции, можеби би ви одговарале методи како когнитивно-бихејвиорална терапија (КБТ) или дијалектичко-бихејвиорална терапија (ДБТ), фокусирани на практични вештини и механизми за справување. Ако пак сте заинтересирани за обработка на нерешени рани од детството, психодинамичката терапија може да биде порелевантна, бидејќи се занимава со несвесните фактори кои влијаат на сегашните конфликти. Ако разговорната терапија не ви одговара, постојат и алтернативи како арт-терапија или соматски практики фокусирани на телото. Во голема мера тоа зависи од вашите лични преференции, а тоа е нешто за што треба да разговарате со вашиот терапевт. Ако напредокот изостанува, терапевтот треба да ви препорача поинаков метод или пристап, па дури и друг терапевт што нè води до следниот фактор.
2. Изборот на вистински терапевт е клучен
Наоѓањето соодветен терапевт е како барање компатибилен партнер. Само затоа што не успеало со еден, не значи дека врските генерално не се за вас. Исто така, ако не сте „кликнале“ со терапевтот, тоа не значи дека терапијата не е за вас – туку дека таа личност едноставно не е добар избор за вас. Дури и најдобрите препораки не гарантираат дека ќе имате исто позитивно искуство како другите. На почетокот, треба да се чувствувате безбедно, неосудувано и пријатно кога се отворате. Но, разлики во личноста или стилот на комуникација можат да ве спречат да се опуштите. Можеби ви треба некој помирен и понежен, а некој друг би напредувал со подиректен терапевт. Можеби и атмосферата во ординацијата не ви одговара. Без позитивна и пријатна релација, напредокот е речиси невозможен.
3. Се воздржувате
За да добиете максимум од терапијата, мора да бидете искрени и ранливи. А тоа е многу потешко отколку што звучи. Ретко кој е отворен и искрен уште од првата сеанса. Луѓето често се плашат од осуда, или сакаат да се прикажат во подобро светло. Понекогаш и одбиваат да признаат сопствена одговорност во однесувањето. Можеби се жалите на партнер што викнал за време на вечера – но не кажувате дека сте го провоцирале со сарказам или дека сте го прекинувале. Или можеби не знаете како да изразите сложени чувства со зборови. Срамот може да ве спречи да се отворите за токсични навики кои сакате да ги промените. Без разлика на причината, сведочењето само дел од вистината го блокира напредокот. Ако терапевтот нема целосна слика, не може да ви помогне.
4. Недоследност ја саботира терапијата
Не постои универзална формула за тоа колку често треба да се посетува терапевт. Често се започнува еднаш неделно, па потоа еднаш на две недели. Но доследноста е клучна ако сакате реален напредок. Тоа значи дека не можете да одите еднаш месечно и да очекувате промена. Ниту да направите две-три сеанси и да очекувате дека сите проблеми ќе се решат. Потребно е време за да се отворите, да изградите доверба и да создадете терапевтски замав. Навики како доцнење или прескокнување термини може да сигнализираат дека избегнувате или саботирате напредок – свесно или несвесно. Без континуитет, лесно се создава чувство дека сте заглавени или дека „не мрднувате“.
5. Очекувате моментални резултати
Успешната терапија може да трае со месеци или со години. Ако очекувате брзи резултати, а не ги гледате, тоа не значи дека терапијата не функционира – туку дека резултатите сè уште не се појавиле.Изградбата на доверба, обработката на детски трауми, подобрување на партнерски однос, учење здраво справување со бес – сите овие се долгорочни процеси. Не можат да завршат за две-три недели или неколку месеци.Лесно е да се почувствувате разочарани ако не гледате брза промена. Но важно е да запомните дека поголемиот дел од подобрувањето е суптилно и постепено.Потоа ќе дојде момент кога ќе погледнете назад и ќе сфатите дека сте многу понапредни отколку што мислевте.
Ако сте разочарани – не се откажувајте
Ако имавте високи очекувања од терапијата и се разочаравте, не дозволувајте тоа да ве одврати. Размислете за овие фактори и начини како да постигнете подобро искуство следниот пат.
Извор на слика: easylife.rs