Овој генијален изум им овозможува на гитаристите да се фокусираат на вратот на гитарата, додека роботот се справува со сложеното тргање на жиците.
Свирењето гитара не е толку голем предизвик, ако сте задоволни со свирење акорди околу логорскиот оган. Меѓутоа, ако сакате да станете следниот Влатко Стефановски, Пако де Лусија, Стиви Реј Вон, Марк Нопфлер или Ерик Клептон, неизбежно треба комлетно да се вложите за да завладеете со овој шестжичен инструмент.
Шпанска, класична, акустична или електрична, гитарата бара од вас со прстите или со перце (гов. трзалица) да тргате по жиците со едната рака, додека со другата го притискате вратот од инструментот за да создадете тон. Тоа можете да го направите со една, две или три жици (риф) или со сите жици (акорд). Иако не изгледа толку комплицирано, особено кога гледате како свират мајсторите на гитара, во реалност не е баш така.
Имено, некои гитаристи лесно совладуваат акорди, скали и соло. Она со што се мачат е арпеџато и свирење со прстите – т.е. тргање на жиците една по една со прстите, а не со трзалица. Инженерот Олав Мартин Кверн е еден од нив.
Помошник гитарист
Кверн свири на гитара 40 години, но никогаш не успеал до крај да го совлада свирењето со прсти. Со оглед на тоа дека има 65 години, шансите да ги подобри овие свои вештини се многу мали.
Една вечер Кверн во еден локален ресторан во Сиетл го слушал сега веќе покојниот врвен гитарист Клаус Лендзиан, како извонредно свири со прстите. Воодушевен виртуозот, а особено од неговата механичка прецизност, Кверн добил извонредна идеја – да создаде машина која ќе му помогне подобро да свири со прстите.
Имајте на ум дека неговата цел не била да развие машина која ќе функционира со притискање на копче. Наместо тоа, тој само сакал да развие „помошник“ или дополнителен уред за интеракција. По 16 години труд и работа, Кверн конечно успеал да направи робот.
Процесот на создавање
За списанието Makezine инженерот објаснил како го направил својот робот. За создавање на робот што свири гитара биле потребни многу внимание и труд. Кверн ја одредил минималната сила која е потребна за да трзалицата на жиците произведе соодветни вибрации и одбрал серво мотори кои ги исполнувале неговите барања. Требало да бидат пристапни, долготрајни и доволно мали за да се вклопат на гитарата. Со цел да го усоврши дизајнот, Кверн направи 20 обиди во период од 16 години.
Со помош на роботот гитаристите не мора да тргаат по жиците, па така, нивниот фокус не е на тоа туку само на вратот на гитарата, и користејќи ги двете двете раце ќе можат да изведуваат софистицирани прогресии на акордите и мелодии. При тоа, имаат и рака за други активности како што се модифицирање на параметрите на педалите, стартни ефекти или менување на начинот на свирење.
Тоа не е пократкиот пат
Во фасцинантното демонстративно видео, Кверн свири на својата модифицирана гитара Squier Telecaster со Cycfi hex pickup на кој е прикачен неговиот робот. Сепак, инженерот веднаш истакнува дека неговиот изум не е наменет да го претставува „пократкиот пат“или замена за трудот кој треба да се вложи во вежбањето. Вежбањето и упорноста сè уште се клучни за совладување на софистицираните техники за свирење гитара.
Иако не може да се мери со техниките и вештините на гитаристите, сепак целта на гитарскиот робот е да им овозможи на повеќе луѓе да се изразат преку музика. Ова технолошко чудо додава нова димензија на свирењето на гитарата со неговата ритмичка прецизност и динамична продукција на тонови, истовремено поддржувајќи ја умешноста и инвентивноста на гитаристите, но не заземајќи го нивното место.
Кверн цврсто верува дека иновациите како што се домашно студио за снимање, MIDI технологијата и роботите за свирење на гитара играат клучна улога во негување на поинклузивен музички пејзаж. Овие достигнувања имаат моќ да поттикнат широк опсег на поединци, овозможувајќи им активно да учествуваат во прекрасниот свет на музичкото изразување. Со демократизирање на пристапот и зголемување на креативните можности, овие иновации носат непобитни придобивки за целата музичка заедница.