Ексклузивно интервју за webmind.mk со Виктор Сушелски, еден од организаторите на AI Tech Summit “Filip Avramchev” 2026

На само неколку недели до AI Tech Summit „Filip Avramchev“ 2026, кој на 22 и 23 септември ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, разговаравме со Виктор Сушелски, еден од организаторите на Самитот и одговорен за програмата и координацијата на говорниците. Во интервјуто тој открива што ќе биде различно оваа година, како се креира програмата што треба да ги доближи глобалните AI трендови до поширока публика, но и зошто Main Stage, AI Labs, AI Expo и студентскиот hackathon поддржан од OpenAI се дел од една поширока идеја, а тоа е Скопје да стане место каде локалниот талент директно ќе се поврзе со глобалниот AI екосистем.

intervju-6299-fi

Извор: AI Tech Summit

На 22 и 23 септември, Националната опера и балет во Скопје ќе биде домаќин на AI Tech Summit Skopje 2026. Оваа година настанот добива значително поширок и поинтерактивен концепт: Main Stage со меѓународни AI лидери, AI Labs со практични демонстрации, AI Expo, студентски hackathon со поддршка од OpenAI и силен фокус на едукација, практично знаење и поврзување на младите со глобалната AI индустрија. Минатата година бевте говорник, а оваа година сте дел од организацијата. Која е вашата улога?

intervju-6299-ps1

Извор: AI Tech Summit

-Минатата година бев дел од AI Tech Summit како говорник, а оваа година сум еден од организаторите и сум одговорен за програмата, изборот и координацијата на говорниците.

Бидејќи и професионално работам како AI Engineer, особено ми е важно што сега имам можност да го гледам настанот и од перспектива на посетител, т.е што би сакал јас како посетител да видам. Кога ја градевме програмата, постојано си го поставувавме прашањето: што би сакал човек навистина да научи, да види и да понесе со себе по тие два дена? Токму од таму  тргнавме при изборот на темите и говорниците.

По преранато заминување на основачот Филип Аврамчев минатата година, ова издание на самитот има и посебно значење. Како сакате да го продолжите неговото наследство и визија?

-Од оваа година самитот го носи името на Филип Аврамчев и чувствуваме дополнителна одговорност да направиме навистина силен настан и силна програма. Неговата визија беше Македонија да има место каде локалниот талент ќе се сретне со глобалната технолошка сцена. Тоа сакаме да остане суштината на самитот да носиме светско знаење во Скопје, но истовремено да покажеме што Македонија знае и создава.

Што ќе биде различно оваа година?

-Вештачката интелигенција повеќе не е само тема за ИТ индустријата. Таа станува дел од секојдневието и практично од секоја професија и индустрија. Најголемата разлика е што ова повеќе не го гледаме само како конференција. Секако, ќе имаме силна Main Stage програма, но паралелно градиме многу поедукативно и практично искуство. Сакавме посетителот да има три нивоа на учење: на сцената да разбере каде оди технологијата, во AI Labs да види како таа функционира во реалноста, а преку hackathon-от младите и студентите и самите да создаваат со неа. AI се менува толку брзо што класичниот формат во кој два дена само седите и слушате презентации веќе не е доволен. Не сакаме два дена да зборуваме само за модели, кодирање и податоци. Сакаме публиката да види колку различни области веќе ги трансформира AI и во која насока се движи светот. Всушност, една од главните идеи оваа година е луѓето да дојдат и да ја видат иднината што веќе се случува околу нас.

Значи едукацијата е поголем дел од концептот?

-Апсолутно. Тоа е една од најважните промени. Не сакаме програмата да биде направена само за луѓе кои веќе работат во AI. Имаме инженери и AI експерти, но сакаме знаењето да биде достапно и за студенти, млади професионалци, претприемачи, директори и луѓе од индустрии кои допрва почнуваат да ја чувствуваат AI трансформацијата. Затоа со говорниците многу внимателно ги развиваме темите. Целта не е да покажеме кој знае најкомплициран технички решенија, туку човекот во публиката да разбере: што се случува, зошто е важно и каде може да го примени тоа знаење. Особено ни е важна младата публика. Ако млад човек денес сака да гради кариера во технологијата, AI веќе не е „една област“  станува слој кој ќе биде присутен речиси во секоја професија.

Какви теми ќе може да очекува публиката?

-Спектарот е навистина широк. Имаме AI инфраструктура, cloud и deployment, coding agents и agentic AI, бизнис трансформација, медицина и healthcare, спорт, Physical AI, роботика, smart wearables, автономни системи и self-driving vehicles. Ќе зборуваме и за инфраструктурата што стои зад AI, за hardware, но и за теми како transhumanism и односот помеѓу човекот и технологијата. Целта е речиси секоја следна тема да го однесе посетителот во сосема друга област и постојано да гледа нешто ново. Сакавме речиси секоја следна сесија да го однесе посетителот во нова област. На тој начин најдобро се гледа колку AI веќе излегува од рамките на класичната ИТ индустрија.

Каков lineup на меѓународни говорници подготвувате?

Оваа година навистина се обидуваме да изградиме силен интернационален lineup и да донесеме луѓе кои директно работат на некои од најинтересните технологии во светот.

Очекуваме до 20 меѓународни говорници од различни делови на светот. Голем дел доаѓаат од Америка, а имаме и повеќе гости од Сан Франциско, кој денес е еден од главните центри на глобалниот AI екосистем.

Имаме луѓе поврзани со компании како OpenAI, NVIDIA, Microsoft, Waymo, EMOTIV и други големи светски компании и организации. Не станува збор само за инженери. Ќе имаме основачи, истражувачи, експерти, луѓе на високи лидерски позиции и C-level профили, односно луѓе кои не само што ја развиваат технологијата, туку и носат одлуки како таа ќе се применува во реалниот свет. Но, повторно, идејата не е само да ставиме големо лого или големо име на постер. За нас е многу поважно што конкретно секој од тие луѓе ќе донесе на сцената и што публиката ќе научи од него.

Споменувате дека програмата оваа година е многу внимателно креирана. Што значи тоа?

-Ова е нешто на кое особено работевме. Разговаравме директно со секој говорник за темата што ќе ја презентира. Не сакавме да поканиме десет одлични луѓе, а потоа петмина од нив да зборуваат за истото. Се обидовме да нема непотребно преклопување и секое предавање да донесе нова тема или нова перспектива. Истовремено, многу ни беше важно говорниците да се поврзат со публиката. Имаме инженери и AI експерти, но имаме и претприемачи, директори, студенти и луѓе од многу други индустрии. Затоа не сакаме презентации кои ќе ги разберат само десет луѓе во салата. Со говорниците работиме на тоа и најкомплексните идеи да можат да ги пренесат на начин на кој пошироката публика ќе разбере што се случува, зошто е важно и како тоа може да влијае врз нивната индустрија или професија.

Рековте дека сакате луѓето да се чувствуваат како да гледаат епизода од Black Mirror. Што значи тоа?

-Тоа е чувството што сакаме да го создадеме. Сакаме во текот на тие два дена луѓето неколку пати да си кажат: „Чекај, ова навистина постои денес?“ Во последните неколку години технологијата направи огромен скок. Работи што неодамна изгледаа како научна фантастика денес веќе се вистински производи, роботи, автономни возила, wearable уреди или AI системи што се користат во реалниот свет. Сакаме дел од таа иднина да ја донесеме во Скопје и луѓето не само да слушнат за неа, туку и да ја видат пред себе.

Ќе има ли панели оваа година?

-Да. Освен индивидуалните презентации, ќе имаме и панели каде што сакаме да отвориме дискусии околу конкретни теми и да соочиме различни перспективи. Тука ќе имаме претставници од меѓународните компании, но и експерти и лидери од нашиот локален пазар. Нам ни е многу важно македонските компании и експерти да не бидат само публика на самитот, туку активно да бидат дел од разговорот.

Дали тоа значи дека ќе има значително учество и од македонската ИТ индустрија?

-Апсолутно. Покрај панелите, локалните компании ќе бидат дел и од практичната програма во AI Labs, со презентации, демонстрации и свои AI решенија. Компаниите ќе имаат и свои штандови, каде посетителите ќе можат директно да разговараат со нивните тимови и да видат на што работат. Имаме одлични инженери и компании во Македонија и сакаме меѓународните гости што ќе дојдат тука да имаат можност да го видат и тоа. Самитот не треба само да донесе знаење од светот во Македонија. Треба да биде и можност Македонија да покаже што знае, што создава и каков потенцијал има.

Споменувате и AI Labs. Што точно ќе биде тоа?

-AI Labs е практичниот и интерактивниот дел на самитот. Покрај Main Stage, ќе имаме дополнителен простор во кој ќе има практични презентации, live demos, компании кои ќе покажуваат свои AI решенија, AI Expo, hardware и student ackathon. Разликата е во тоа што на Main Stage можеби ќе слушнете како одредена технологија ја менува индустријата, а неколку минути подоцна во AI Labs ќе можете да видите како нешто слично функционира во практика. Ќе можете да разговарате директно со инженерите, да поставувате прашања, да видите демонстрација, да пробате уред или решение и да добиете многу поконкретна претстава за технологијата.

Што ќе донесе AI Expo?

-AI Expo е многу важен дел бидејќи сакаме да ја разбиеме претставата дека AI е само chatbot или нешто што се случува на екранот на лаптоп. AI сè повеќе влегува во физичкиот свет роботика, wearables, smart devices, autonomous systems, нов hardware и различни интерфејси меѓу човекот и машината. Дел од тие технологии и решенија посетителите ќе можат да ги видат во живо. Тоа е една од работите што мислам дека ќе го направи ова издание визуелно и искуствено многу поразлично од класична конференција.

Голем дел од фокусот го ставате и на студентите. Што подготвувате со hackathon-от?

-Hackathon-от е можеби најдобар пример за она што сакаме да го постигнеме со студентскиот и едукативниот дел на самитот. Оваа година hackathon-от се реализира со поддршка од OpenAI, вклучително пристап до алатки, лиценци и технолошка поддршка за учесниците.  Студентите ќе работат во тимови на реални AI предизвици, ќе имаат ментори од индустријата и ќе можат за многу кратко време да поминат низ процесот од идеја до функционално решение. Нам ни е важно тие да не бидат само публика на AI Tech Summit. Сакаме да бидат учесници кои создаваат. Сакаме тие неколку дена да почувствуваат како би изгледало да работат во еден мал Silicon Valley environment, да работат во тимови на вистински AI предизвици, да имаат пристап до современи алатки и да бидат менторирани од искусни луѓе од индустријата.  Македонските ИТ компании силно го поддржуваат hackathon-от и ќе обезбедат ментори кои ќе работат со студентските тимови и ќе им помогнат да ги развијат своите идеи. Ќе имаме и жири составено од меѓународни и регионални експерти,а најдобрите тимови ќе имаат можност да ги презентираат своите идеи пред некои од луѓето кои доаѓаат на самитот  врвни AI лидери, основачи и претставници на големи технолошки компании.

Што можат да освојат студентите на hackathon-от?

-Подготвуваме навистина интересни награди. Освен класични награди, сакаме тие да имаат реална вредност за понатамошниот развој на студентите – можности за пракса, професионални и AI subscriptions, билети за настани, различен hardware и други награди од компаниите кои го поддржуваат hackathon-от. Но можеби најголемата награда е пристапот до луѓето. Млад човек од Македонија ќе може да изгради нешто, да го презентира пред меѓународни AI експерти и лидери и од таа една презентација потенцијално да му се отвори сосема нова можност.

За кого е AI Tech Summit? Дали човек мора да биде програмер за да дојде?

Воопшто не. Програмерите, engineers, data и AI professionals се важен дел од публиката, но AI веќе ги менува и бизнисот, финансиите, маркетингот, медицината, спортот, образованието, производството и речиси секоја друга индустрија. Токму затоа програмата е комбинација од технички, стратешки и пошироки теми. Идејата е секој посетител да најде барем неколку работи кои директно ќе се однесуваат на неговата професија или на она што сака да го работи во иднина.

Колку е важен networking-от?

Многу! Кога на едно место носите инженери, C-level executives, founders, студенти, истражувачи и компании од различни земји, вистинската вредност често се создава токму меѓу две сесии. Ќе имаме networking простор, company booths, AI Labs и посебен VIP сегмент со дополнителни можности за поврзување со говорниците и гостите. Со меѓународните говорници планираме и активности надвор од сцената затоа што не сакаме тие само да слетаат во Скопје, да ја одржат презентацијата и да заминат. Сакаме да ги запознаат нашите компании, инженерите и луѓето и од тие средби да почнат нови соработки.

Значи една од целите е и Македонија да се позиционира подобро на меѓународната AI сцена?

-Тоа е една од главните цели. Сакаме да ја ставиме Македонија на меѓународната AI мапа. Имаме квалитетни инженери, компании, студенти и огромен потенцијал, но треба многу повеќе да го покажуваме тоа надвор. Ако донесеме врвни луѓе од светот во Скопје, им покажеме што постои тука и создадеме директни контакти со македонските компании и луѓе, од еден дводневен настан можат да започнат многу долгорочни соработки. Затоа самитот не го гледаме само како конференција, туку како платформа која треба да создава врски меѓу Македонија и глобалниот AI екосистем.

Што би сакале посетителите да кажат кога ќе излезат од Националната опера и балет по вториот ден?

-Би сакал да кажат: „Не знаев дека сето ова веќе е возможно.“ Да излезат со поинаква слика за тоа што претставува AI денес, со нови идеи, нови контакти и можеби со мала доза на шок од тоа колку брзо се менува светот. Ако два дена успееме Националната опера и балет да ја претвориме во еден мал прозорец кон иднината, тогаш сме ја постигнале целта.

Кога и каде ќе се одржи AI Tech Summit „Filip Avramchev“?

-На 22 и 23 септември во Националната опера и балет во Скопје. Два дена со Main Stage, врвни меѓународни и домашни говорници, панели, AI Labs, OpenAI-powered hackathon, AI Expo, практични демонстрации, компании, штандови и networking.

За повеќе информации за програмата, говорниците, билетите и сите новости следете ги официјалните канали на AI Tech Summit „Filip Avramchev“ и посетете ја www.techsummit.ai.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.