Во теорија, денес никогаш не сме знаеле повеќе за тоа како треба да живееме за да бидеме поздрави, поодморени и позадоволни. Паметните часовници нè потсетуваат да дишеме подлабоко, апликациите го мерат квалитетот на сонот, социјалните мрежи нудат совети за утринските рутини, суплементите, исхраната, тренингот и менталното здравје. Сепак, и покрај сите тие алатки и информации, впечатокот на многумина е ист, уморни сме повеќе од кога било.
Велнесот требаше да донесе повеќе баланс и поздрави навики, но за многумина стана нов извор на притисок.
Кога велнесот ќе стане притисок?
Проблемот можеби не е само во темпото на живот, туку и во тоа што грижата за себе стана уште една обврска на предолгата листа со задачи. Треба да легнеме порано, да јадеме поквалитетно, да вежбаме, да внесуваме доволно протеини, да го ограничиме екранот, да ја негуваме кожата, да пиеме суплементи, да медитираме, да се одмораме „правилно“ и притоа да останеме продуктивни на работа, присутни дома и општествено активни. Кога сето тоа ќе се собере, велнесот повеќе не делува како олеснување, туку како нов облик на притисок.
Во тоа се крие парадоксот на современиот живот. Знаеме многу за здравите навики, но тоа знаење не значи автоматски дека полесно ќе ги применуваме. Посебно не во секојдневието кое го обликуваат стресот, неизвесноста, постојаната достапност и заматената граница меѓу работата и приватниот живот. На тоа треба да се додаде и темпото на работа кое често не остава многу простор за одмор, како и културата во која исцрпеноста сè уште често се смета за доказ дека сме вредни и одговорни.
Што нè оптоварува сите?
Експертите веќе подолго време предупредуваат дека современиот стрес не е нужно поголем отколку порано, но е поконстантен и посложен. Денес не нè оптоварува само работата, туку и финансиската несигурност, премногу информации, постојаната поврзаност со телефонот, чувството дека секогаш нешто пропуштаме и притисокот да бидеме најдобрата верзија од себе. Во такво опкружување не е чудно што многумина имаат проблем со сонот, концентрацијата, нервозата и чувството дека постојано се „на работ“.
Знаците на долготраен стрес главно се исти: умор кој не поминува ниту по сонот, раздразливост, тешкотии со фокусот, чувство на преплавеност, главоболки, напнатост во телото, забрзано чукање на срцето или проблеми со варењето. Со текот на времето тоа може да доведе и до многу посериозни последици, вклучувајќи и прегорување (burnout).
Тешко достижен идеал
Затоа растот на велнес индустријата има две страни. Од една страна, добро е што повеќе се зборува за менталното здравје, сонот, границите и потребата за одмор. Од друга страна, велнесот често се претвора во идеал кој е тешко да се достигне. Кога грижата за себе ќе стане натпревар, а одморот уште една работа што мораме да ја „одработиме како што треба“, се губи нејзината вистинска цел.
Суштината на поздравиот пристап можеби не е во тоа постојано да додаваме нови ритуали, туку да се вратиме на основите. Квалитетен сон, движење кое ни прија, поредовни оброци, помалку хаотичен распоред, смислени односи и појасни граници често вредат повеќе од најновиот тренд од интернет. Наместо постојана самооптимизација, можеби ни е потребно повеќе саморазбирање.
Одморот не е луксуз
Вистинскиот велнес не изгледа исто за сите. За некого тоа е вечерна прошетка без телефон, за некого порано одење на спиење, а за некого способноста без грижа на совест да каже „не можам денес“. Не е поентата да правиме повеќе работи „за себе“, туку да препознаеме што навистина ни ја враќа енергијата, а што дополнително нè оптоварува.
Во времето во кое постојано сме поттикнати да бидеме подобри, поефикасни и подисциплинирани, можеби е најважно да сфатиме една едноставна работа: одморот не е луксуз, ниту награда. Тој е основна потреба. А велнесот, ако навистина треба да ни користи, не смее да биде уште една причина за исцрпеност. А велнес трендовите би требало, наместо уште еден извор на притисок, да ни помогнат да живееме помирно и поодржливо.
Извор: easylife.rs