Овој феномен стана познат како „романтизирање на сопствениот живот“ и генерира милиони прегледи на TikTok и Instagram. Но, и покрај естетската привлечност на ленените фустани, свежото цвеќе и органските производи од пазар, овој тренд има многу подлабоко значење од само убаво уреден профил.
Со години на младите жени им се продаваа добро познати ветувања работете напорно сега, а среќата ќе дојде подоцна. По дипломирањето. Кога ќе се вработите. Откако ќе ослабете. Кога ќе добиете унапредување или кога дополнителната работа ќе ви стане главен бизнис. Сите тие пораки се исти, мора да постигнете доволно за да бидете среќни и задоволни со себе. Но, се чини дека границата постојано се поместува и никогаш не е доволно.
Генерацијата З (Gen Z) веќе не верува во тој концепт. Израснати во „hustle“ културата на постојан притисок, созреани за време на пандемијата и во ера на економска несигурност, младите поминаа повеќе време онлајн од која било генерација пред нив. Токму таму дојдоа до голем заклучок: постојаната продуктивност и самооптимизација всушност не водат до лично исполнување.
Популарноста на готвењето, градинарството и читањето претставува голем пресврт. Младите луѓе се свртуваат кон мали ритуали кои го прават секојдневието побогато. Она што на површината изгледа само како минлив естетски тренд, во суштина е начин на кој една цела генерација го редефинира поимот за среќа.
Причини кои го поттикнуваат романтизирањето на животот кај генерацијата З
Замор од вреднувањето преку продуктивноста
Поголемиот дел од генерацијата З порасна за време на ера опседната со оптимизација. Трикови за продуктивност, совршени утрински рутини, следење на секој чекор од денот и започнување сопствени бизниси уште на рана возраст станаа главна општествена валута. Социјалните мрежи постојано пласираа пораки кои ги поттикнуваа младите максимално да го искористат секој час од денот.
Учењето, спортот, хобијата, кариерата и одржувањето на социјалниот живот брзо станаа исцрпувачка трка. Наметнатите очекувања постојано да се постигнуваат врвни резултати во сè, сега конечно се преиспитуваат.
Генерацијата З побрзо стигнува до состојба на прегореност (burnout), но и побрзо ја препознава како знак дека е потребно забавување за да се зачува менталното здравје. Романтизирањето на секојдневието е всушност пронаоѓање рамнотежа и посветување време на себе. Младите сакаат да живеат секој ден, а не само за време на викендите. Тие наоѓаат креативни начини да ѝ се спротивстават на културата која вредноста на човекот ја изедначува со неговата продуктивност.
Враќање кон хобија кои не бараат екран
Многу активности поврзани со романтизирањето на секојдневието бараат одложување на телефонот. „Старомодните“ хобија како везење, плетење, готвење или грижа за растенија ги ангажираат рацете и го ослободуваат мозокот од постојаниот проток на информации.
Младите се сè посвесни за негативното влијание на технологијата врз менталното здравје. Непрекинатото скролање создава вознемиреност. Наспроти тоа, работењето со раце, подготвувањето храна во кујната, престојот во природа или читањето книга ја хранат душата и го враќаат чувството за реалност во физичкиот свет.
Оваа желба за опипливи, офлајн искуства објаснува зошто овие заборавени активности се толку популарни. Тие нудат нешто што денес е реткост: моменти кои не мора да бидат документирани или објавени за да имаат вредност.
Претворање на рутината во ритуал за поголема среќа
Критичарите често го отфрлаат романтизирањето на секојдневието како перформативно како обична естетска маска на социјалните мрежи изградена околу скапи утрински рутини и совршени кадри. Но, ова толкување ја промашува поентата. Суштината не е во совршениот изглед, туку во целосното присуство во она што го правите во моментот.
Тоа значи претворање на обичните секојдневни обврски во намерни ритуали:
- Уживање во шолја кафе на тераса, во тишина и без телефон.
- Нега на лицето која се доживува како чин на вистинска љубов кон себе, а не како обврска.
- Кратки паузи за длабоко дишење во текот на напорниот работен ден.
Овие ритуали не ја менуваат објективната реалност на обврските, но го менуваат начинот на кој ги доживуваме. Кога ќе забавите доволно за да го забележите светот околу вас, почнувате да гледате колку убавина и мир веќе постојат во секојдневните, навидум неважни моменти.
Нов пристап кон домашните обврски
Постои уште еден важен слој на овој тренд кој често се занемарува. Историски гледано, многу активности кои сега се поврзуваат со романтизирањето готвењето, чистењето, градинарството и рачните изработки биле тешки секојдневни обврски за жените, а не прашање на избор.
Денес, младите жени ги враќаат овие активности во својот живот, но под сопствени услови. За генерацијата З, тие стануваат израз на креативност, грижа за себе и лично задоволство. Готвењето и градинарството веќе не се товар, туку можност да се забави темпото и да се најде внатрешен мир.
Кога готвењето е ваш свесен избор, а не наметната должност, целото искуство се менува. А кога тие оброци се споделуваат со партнерот, пријателите или семејството, самиот чин станува убав начин за поврзување. Домашните работи кои жените историски ги работеле за задоволство на другите, сега стануваат извор на лична релаксација.
Потрага по она што е „доволно“
Ако претходната деценија беше дефинирана со културата на брзање, амбиција и постојано постигнување цели, крајот на оваа деценија се карактеризира со потрага по она што е „доволно“. Она што започна како естетски тренд на социјалните мрежи, всушност е длабока културна корекција.
Генерацијата З избира да најде смисла во обичните мигови, наместо постојано да ја брка следната голема животна пресвртница. Романтизирањето не е преправање дека обичните моменти се извонредни туку разбирање дека тие отсекогаш биле најважни.
Извор: wannabemagazine.com