Кога трпението исчезнува – тајните на мирните мајки

Не им е лесно на мајките, а ако мислите дека само вам ви се случува да ви „пукне филмот“ и да ви „се подигне поклопецот“ во напад на бес – не сте сами. И не сте лоша мајка поради тоа што повремено ве преплавува лутина. Само ви е потребна поефикасна контрола на бесот односно алатки за управување со лутината која мајките ја чувствуваат многу почесто отколку што се мисли.

tajna-4653-fi

Извор: The Vault

Контрола на бесот што мајките често го чувствуваат кон своите деца

Кога ќе „експлодирате“ пред вашето дете, подоцна се мразите себеси поради тоа, ви е ужасно жал и не можете да си простите. Дури и кога ќе успеете да го смирите својот темперамент, ќе ви се случува бесот повторно да ве совлада. Ќе имате моменти на преобилна лутина и бес, дури и ако сте најстрпливата мајка на светот.

Сите мајки ги познаваат тие моменти – чист бес кон своите обожавани деца, кон саканиот сопруг, кон целиот свет што целосно ја игнорира нивната исцрпеност и преоптовареност. Секоја мајка понекогаш „полудува“ од бес – тоа е наједноставниот и најточен опис на состојбата за која подоцна велите: „Полудев, можев да го смачкам на лице место.“ Ужасен е тој момент кога во себе почувствувате дека би можеле – и сакате  да го смачкате своето дете.
Здравите и нормални мајки го познаваат тоа чувство. Знаеме дека се здрави и нормални затоа што никогаш не повредиле никого, иако се чувствувале така.

Нивните деца (сопрузи, миленичиња и воопшто целиот свет) никогаш навистина не биле во опасност, иако тие чувствувале дека контролата им излегла од раце и дека веројатно „полуделе“.

Иако „вжештениот темперамент“ е честа појава во родителското однесување, важно е да се побара решение за „гаснење на пожарот“. Алатките за управување со емоциите и однесувањето се драгоцени, затоа што никој родител не сака постојано да вика на своите деца. А за да го повратите чувството на смиреност, вреди да се испробаат стратегии за контрола на бесот што ги предлагаат стручњаците.

Бидете свесни со што се соочувате

Родителскиот бес генерално покажува дека родителот се чувствува преоптоварен или „согорен“. Многу мајки признаваат дека немаат доволно поддршка, дека трпат премногу емоционално, ментално и физичко оптоварување. Во комбинација со барањата на работата, финансискиот притисок и чувството на изолација, многу мајки се како вулкани што само што не еруптирале.

За да си олесните, најпрво откријте што се крие под површината на вашиот бес. Контролата започнува со разбирањето што точно ве притиска и што чувствувате. Стручњаците забележале дека бесот може да биде симптом на постпородилна депресија и дека изнесувањето на своите чувства (на терапија) секогаш е добар прв чекор.

Контрола на бесот и посветеност на промена

Ако еднаш сте „пукнале“, односно сте имале изолиран испад на бес, тоа е простливо и може да се поправи. Штетата, велат терапевтите, се создава кога останувате заглавени во шаблонот на постојано беснење.
Најлошо за детето е што не може да ги предвиди вашите „окидачи“ (а секогаш се обидува) и развива постојана анксиозност – во исчекување на следниот испад на бес, за кој чувствува дека ќе дојде.

Кога еднаш ќе се обврзете дека ќе ги смените своите навики, треба да бидете трпеливи, посветени и нежни кон себе. Тоа е процес – или ако ви е полесно така да го замислите, тоа е борба што нема да ја добиете во една рунда. Тоа е нешто што вие треба да го иницирате, да го започнете и низ кое самите треба да поминете. Со сета поддршка околу вас, контролата на бесот е нешто што се учи и практикува индивидуално. Нека ве мотивира желбата да одгледате здрави, среќни и сакани деца, на кои ќе им покажете како се надминуваат негативните обрасци – наместо да им ги пренесувате.

Препознајте ги своите граници

Поставете правило за моментите кога се чувствувате иритирано и кога знаете дека сте на работ на експлозија. Одлучете дека нема да си дозволите ниту еден чин на агресија кон децата – ниту грубо облекување, туркање или тресење. Дури ни да ги допирате, ако чувствувате дека може да ја изгубите контролата. Оддалечете се од нив и не се обидувајте да им помогнете со ништо во тие моменти, затоа што под тој внатрешен притисок, лесно можете да станете груби.

Кога родител ќе го удри своето дете, тоа е чин на изразена немоќ – исто како кога некој физички напаѓа послаб од себе. Ако се чувствувате немоќни пред своето дете до тој степен што би употребиле сила, тогаш ви е потребна стручна помош. Помошта од терапевт е добредојдена многу пред да ги пробиете границите или пред да се најдете во искушение тоа да го направите. Ако се борите со бес или со какви било преобилни емоции, терапијата може да помогне да најдете здрави стратегии за справување.

Кога станува збор за граници, стручњаците советуваат родителите да се обврзат секогаш да разговараат со почит – и со своите деца, и меѓусебно.
Воздржете се од навреди, викање или покажување непријателство. Децата ја чувствуваат напнатата атмосфера, дури и кога се обидувате да ја прикриете или ја изразувате преку иронија. Кога сте вознемирени, најдобро е отворено да кажете дека сте вознемирени и да земете „тајм-аут“.

Контрола на бесот во моментот кога го доживувате

Контролата на бесот во самиот момент е многу поефикасна од контролата на штетата подоцна, кога бесот веќе се излеал. Значи, кога ќе почувствувате дека ве преплавуваат лутина и бес, веднаш зафатете се со нив. Тоа не значи дека веднаш треба да се смирите и да го решите проблемот – тоа не е реално. Кога чувствата ве преплавуваат, реално е само да ги препознаете, не да се обидете насила да ги „задушите“.

Свртувањето кон себе и присутноста во моментот со вашите чувства е најдобриот почеток. Не носете одлуки и не преземајте никакви активности додека сте бесни. Оддалечете се, признајте ги своите чувства и потрудете се да се „вратите во тело“ преку длабоко дишење од стомакот.

Дишењето навистина помага, затоа што постои директна врска меѓу здивот и мозокот, а тој процес го смирува нервниот систем. Кога дишете длабоко и полека, обрнувајќи внимание на вдишувањето и издишувањето, му испраќате порака на мозокот дека сте безбедни – и тој може да го „исклучи алармот“ на системот „бори се или бегај“, кој автоматски се активира при стрес.

Пронајдете го сопствениот начин за контрола на бесот

Секој човек има нешто што најдобро му помага да постигне смиреност – некој се смирува со медитација, а некој се вознемирува уште повеќе од обидот да седи мирно. Сепак, вреди да се испробаат техники на мајндфулнес, медитација и дишење. Овие тактики се одлични алати за повторно поврзување со умот и телото. Тоа се техники за регулација на емоциите, кои ви помагаат да се прибрате кога ќе ве преплават силни чувства.

Борбата со интензивни емоции за време на родителството е целосно разбирлива. Сите сме биле во вртлог на еден или два испади на бес кога децата не спијат или кога и самите имаат „напади на бес“. Понекогаш решението лежи во барањето помош.
А на секој родител му е во интерес да ги стави своите емоции под контрола – и за своето добро, и за доброто на своите деца.

Извор: Easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.