Дали би преспале во капсула на аеродром?

Капсуларните хотели и „sleep pods“ на аеродромите сè почесто се наметнуваат како спас за патниците за кои долгите преседнувања или откажаните летови се вистинска ноќна мора. Наместо часови поминати на метални клупи под силни светла во терминалот, сè повеќе патници избираат барем неколку часа да го „исклучат светот“ во мала приватна капсула. Она што до пред само една деценија звучеше како футуристичка јапонска идеја, денес е стандард на сè повеќе светски аеродроми.

aerodrom-3967-fi

Извор: We3yanie/Freepik

Основната верзија на капсулата подразбира минималистички простор, токму доволно широк за да собере кревет, светло, вентилација и основен приклучок за полнење телефон. За многумина тоа е доволно: неколку часа тишина, без бучавата од разгласот и луѓето што постојано минуваат. Сепак, патниците често напоменуваат дека основните капсули понекогаш не се идеално изолирани од бучавата, па квалитетот на сонот зависи и од општата атмосфера во терминалот.

Токму затоа сè повеќе аеродроми се одлучуваат да понудат унапредени верзии – мини соби што повеќе наликуваат на хотелски соби отколку на класични капсули. Модерните капсуларни хотели, сместени во рамките на безбедносната зона на аеродромот, нудат детали што ја подигнуваат удобноста: меки кревети што се прилагодуваат на положбата на телото, амбиентално осветлување што се менува со допир, звучна изолација, работна маса, па дури и луксузни тушеви со ефект на дожд. Овој концепт особено е популарен на аеродроми со долга традиција на преседнувања како Истанбул или големите азиски транспортни центри.

Секако, удобноста има своја цена. Додека основната капсула може да се најде за околу 90 евра за ноќ (пакети од 3, 4, 6 или 8 часа), престој во луксузна верзија може да надмине и 300 евра по ноќ. Сепак, многу патници сметаат дека вреди да се плати за мир и квалитетен одмор, наместо исцрпени да влегуваат во следниот авион. Особено се барани капсулите што се наоѓаат во зоната на заминувања, бидејќи му овозможуваат на патникот да се опушти до самиот момент на качување, без да ја напушти транзитната зона.

Интересно е што капсуларните хотели веќе не се отвораат само во метрополи и азиски мега-хабови, туку сè почесто и на аеродроми на западот кои ја прошират својата понуда за да привлечат патници од регионот – на пример, ги има на аеродромите во Цирих, Минхен, Берлин, Амстердам, Париз (CDG), Хелсинки, Лондон (Гетуик). За илустрација, во последните неколку месеци отворен е нов капсуларен хотел на аеродромот во Ташкент (Узбекистан), а слични концепти се развиваат и во Источна Европа.

Патниците се согласуваат за едно: откако еднаш ќе преспиете во капсула, тешко се враќате на старата практика на спиење на клупа или во некој кафетерија со отворен тип. И колку и да изгледа скапо, за многумина тоа е мала цена за неколку часа вистински сон, топол туш и чувство дека сте имале свој мир и комфор — барем за миг, во бетонскиот лавиринт на аеродромот.

И токму тоа чувство дека, макар и накратко, сте си ја вратиле контролата е главната причина зошто капсуларните хотели полека стануваат незаобиколен дел од модерното аеродромско искуство.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.