Ритмичниот звук од чекани во слабо осветлената работилница на 58-годишниот Садашив Санаки сведочи за макотрпната работа која стои зад изработката на прочуените кожни сандали од Колхапур.
„Занаетот го научив уште како дете“, вели тој за BBC. За да изработи „осум до десет пара“ дневно, му е потребен цел ден, а се продаваат за само 8 до 10 долари. Во Колхапур денес останале едвај околу 5.000 занаетчии кои сè уште го работат овој занает.
Затоа не е изненадување што локалните мајстори бурно реагираа кога италијанскиот луксузен бренд Прада претстави нова линија обувки кои зачудувачки потсетуваат на колхапури сандалите, но без да го споменат нивното потекло. Наскоро следеше лавина критики на социјалните мрежи заради присвојување, што ја натера Прада да издаде соопштение во кое го признава индиското потекло на дизајнот.
Локални политичари и здруженија застанаа зад занаетчиите, барајќи поголема видливост и признавање на овој занает и неговата културна вредност. Санаки не знаел за модното претставување на Прада, но кога му рекле дека тие сандали се продаваат за стотици евра на луксузните пазари, само се насмеал:
„Дали имаат злато во нив?“ прашал.
Прада не ја објави точната цена, но на нивната веб-страница слични модели на сандали чинат меѓу 600 и 1.000 фунти во Велика Британија.
Занает стар со векови
Најстарите записи за колхапури сандалите датираат уште од 12 век. Денес, во овој занает низ Индија се вклучени речиси 100.000 луѓе, а индустријата вреди над 200 милиони долари, според податоците на Стопанската комора на Махараштра (MACCIA). И покрај тоа, поголемиот дел и понатаму работат во неорганизирани услови, често без основни права.
„Никогаш не сум одела во училиште. Ова е се што знам, а заработувам околу 4 до 5 долари дневно, во зависност од нарачките“, вели 60-годишната Сунита Сатпуте. Жените како неа имаат клучна улога, особено во рачното гравирање на деталните шари, но, како што додава, не добиваат правична надокнада за својата работа. Затоа нејзините деца не сакаат да го продолжат занаетот.
Пазар преплавен со евтини копии
Дополнително, продавачите сè потешко се носат со конкуренцијата во вид на синтетички копии кои го преплавуваат пазарот.
„Купувачите бараат поевтини сандали и често не знаат да го разликуваат оригиналот од копијата“, вели Рохит Балкришна Гавали, продавач од втора генерација на колхапури сандали. Стручњаците велат дека оваа котроверзија покажува колку е неопходна подобра институционална заштита на правата на занаетчиите.
Во 2019 година, индиската влада им додели на колхапури сандалите ознака за географско потекло (GI), со што се потврдува нивната автентичност и се штити името и дизајнот во рамки на Индија. Сепак, на глобално ниво не постои обврзувачки закон кој би спречил други држави или брендови да ја имитираат нивната естетика. Ова, се разбира, не е прв пат некој светски моден бренд да биде обвинет за присвојување на индиските ракотворби.
Многу големи брендови низ годините користеле индиски ткаенини и везови без вистинска соработка со уметниците и занаетчиите.
Понекогаш контроверзијата помага
Рохит Гавали се согласува и веќе гледа промени.
„Дизајнот што го искористи Прада претходно и не беше нешто особено популарен, но сега сите го бараат. Имаме нарачки од Дубаи, САД и Катар“, вели тој.
„Понекогаш контроверзијата може да помогне“, додава.
„Но би било убаво тоа да донесе и почитување и подобра цена за оние кои ја одржуваат оваа традиција жива.“
Оваа приказна, се чини, нема наскоро да заврши. За сега, веќе е поднесено барање до врховен суд, се бара Прада да плати оштета и компензација на занаетчиите, како и судот да ја надгледува соработката меѓу луксузниот бренд и здруженијата на занаетчии. Прада во соопштение за BBC наведе дека е во преговори со MACCIA за ова прашање
Извор: bizlife.rs