Што носат боговите на генеративната вештачка интелигенција за 2025 година?

OpenAI и Google ги претставија своите нови генерации производи

generativna-vi-2696-fi

Извор: Freepik

Дванаесетте денови на Божиќ традиционално започнуваат на 25 декември, но не и во светот на вештачката интелигенција (ВИ). На 5 декември, OpenAI, компанијата која стои зад ChatGPT, започна со „лавина“ од производи наречена „12 денови на доставување“ (во слободен превод „12 days of shipmas“). Оваа иницијатива вклучува целосно претставување на Sora, алатка за генерирање видеа, како и Canvas, производ за пишување и програмирање.

Не заостанува ни Google. На 11 декември го објави новиот генеративен модел на AI наречен Gemini 2.0, како и прототипи на два нови AI производи, Astra и Mariner, кои овозможуваат автономно извршување на задачи – концепт што технолошкиот свет го нарекува „агентска ВИ“.

Фокусот на производите наместо на моделите беше впечатлив кај двете компании. Додека научниците продолжуваат да работат на нови фронтови на интелигенција, програмерите се под притисок да создадат производи што ќе ја докажат практичната вредност на технологијата.

Меѓутоа, развојот на генеративни ВИ производи е полн со предизвици. Програмерите обично започнуваат од потребите на корисниците, но со генеративната ВИ, технологијата се развива толку брзо што таа ги дефинира производите. „Обично ве учат да не бидете ‘чекан што бара шајка’,“ вели за The Economist, Кевин Вајл, директор за продукти во OpenAI. Но, „на секои два месеца, компјутерите можат да направат нешто што никогаш претходно не сме можеле.“

И покрај импресивните иновации, последните лансирања беа нарушени со грешки. Според директорот Сем Алтман, OpenAI мораше привремено да го ограничи пристапот до Sora поради преценета побарувачка,. Корисниците кои успеале да добијат пристап забележале дека проблемите од претходните демонстрации останале нерешени – како на пример, потешкотијата со реалистично прикажување на сложени движења. Познатиот технолошки рецензент Маркес Браунли истакна дека Sora „речиси секогаш греши“ при прикажување на четириножни движења, а некои објекти спонтано исчезнувале.

Google исто така не беше совршен. Astra, која засега е достапна само за мала група „доверливи тестери“, може да објаснува што гледа преку камерата на телефонот на неколку јазици и има пристап до Google услуги како Search и Maps. Но, во демо презентацијата, таа не успеала да одговори кој град е дом на најголем дел од оригиналните слики што ги идентификувала. Mariner, пак, може да завршува задачи на прелистувач, како полнење кошничка во онлајн супермаркет, но не може да ја заврши наплатата.

Силиконската долина има големи очекувања за агентската ВИ. Според Алекс Ванг од Scale, компанија за податоци за ВИ, користењето агенти за премин „од разговор кон акција“ може да биде голем технолошки пробив во 2025 година. Веќе оваа надеж ги зголеми акциите на технолошките гиганти како Salesforce, која објави дека за само една недела од лансирањето во октомври постигнала договори со над 200 клиенти за нивниот агент Agentforce.

Но, создавањето агенти е потешко од развојот на чет-ботови. Првиот предизвик е податоците. За разлика од чет-ботовите, агентите бараат податоци за тоа како се извршуваат задачи, вклучувајќи го и нивното редоследно извршување и логиката зад нив.

Друг проблем е довербата. Лесно е да проверите дали чет-бот дал точен одговор, но потешко е да процените дали AI агент резервирал најдобар ресторан или патување во рамките на вашиот буџет.

Конечно, тука е прашањето за трошоците. Агентите бараат напредни модели, многу меморија и ниска латенција за да функционираат.

И покрај тоа, ако агентската AI ги исполни очекувањата, корисниците можеби ќе ги оправдаат дополнителните трошоци.

Извор: Economist.com

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.