Пет совети што ни ги давале родителите, а кои денес можат да ни ја забават кариерата

Родителите нè учеа да бидеме скромни, благодарни, вредни, самостојни и да не создаваме проблеми. На прв поглед, сето тоа се одлични совети. Проблемот е што многу од нив настанале во сосема поинаков свет на работа – време кога лојалноста кон една компанија, вредното извршување на обврските и чекањето некој да го забележи вашиот труд често биле доволни за напредување. Денес, тоа повеќе не е така.

soveti-6212-fi

Извор: Magnific/namii9

Експертката за кариера и извршен коуч Мелоди Вајлдинг, авторка на книгата Managing Up, која работела со лидери од компании и организации како Google, Amazon и НАТО, предупредува дека некои од советите што сме ги усвоиле уште во детството можат да работат против нас. Не затоа што биле лоши, туку затоа што времињата се промениле.

1. „Не прави се важен“

Скромноста е важна. Никој не сака колега кој ги присвојува туѓите заслуги или се однесува како да е најпаметната личност во просторијата. Но, постои голема разлика меѓу скромноста и невидливоста.

Ако сте научени никогаш да не се истакнувате, лесно може да почнете да го намалувате значењето на сопствениот придонес. Кога некој ќе ве пофали, ќе одговорите: „Ма, тоа беше тимска работа“, дури и кога токму вие сте го завршиле најголемиот дел од работата. Можеби ќе премолчите и важен резултат бидејќи не сакате да звучи како да се фалите.

Проблемот е што менаџерите не можат да знаат што сте направиле ако никогаш не го споменете тоа. Многу често, можноста ќе ја добие личноста чии резултати се видливи и која јасно покажува дека сака да учествува во следниот важен проект.

Што да направите наместо тоа? На следниот разговор со претпоставениот прашајте што ја очекува компанијата во наредниот период. Потоа понудете се да преземете дел од работата да водите состаноци, да подготвите предлог или да решите конкретен проблем.

На тој начин не барате внимание само заради внимание. Покажувате дека можете да решите проблем, а истовремено создавате простор вашата работа да биде забележана.

2. „Секогаш биди благодарен што воопшто имаш работа“

„Биди среќен што работиш.“

„Има луѓе кои би дале сè за твоето работно место.“

„Треба да бидеш благодарен што те вработиле.“

Ваквите реченици можеби имаат смисла во несигурни времиња, но можат да станат проблем ако ги прифатиме како правило според кое треба да ја градиме целата кариера. Тогаш лесно почнуваме минимумот да го доживуваме како привилегија.

Ќе прифатиме пониска плата иако вредиме повеќе. Нема да побараме унапредување бидејќи ни изгледа дека тоа е алчно. Ќе останеме на работа што не ја сакаме само затоа што се плашиме да ја напуштиме.

Благодарноста и залагањето за себе не се спротивности. Можете да бидете благодарни за можноста и истовремено да очекувате да бидете соодветно платени за вредноста што ја носите.

Еден начин да го направите тоа е да престанете да ја претставувате својата работа само преку задачите што ги извршувате и да почнете да зборувате за резултатите што ги постигнувате.

3. „Само одржувај го мирот“

Овој совет веројатно произлегува од добра намера. Родителите сакале да нè научат да избегнуваме непотребни конфликти и да имаме добри односи со луѓето. Но, на работното место „одржувањето на мирот“ лесно може да прерасне во постојано угодување на другите.

Почнуваме да го премолчуваме сопственото мислење. Прифаќаме дополнителна работа што му припаѓа на некој друг. Не сакаме да кажеме „не“ затоа што не сакаме некого да разочараме. А колку подолго молчиме, толку повеќе лошите идеи и однесувања се зацврстуваат.

Парадоксално, прекумерната попустливост не мора да значи дека колегите повеќе ќе ве ценат. Кај луѓето кои носат одлуки може дури да остави впечаток дека немате доволно цврст став.

Тешките разговори се место каде што се гради кредибилитетот. Тоа не значи дека треба постојано да влегувате во конфликти. Важно е да научите да ѝ се спротивставите на идејата, без да ја напаѓате личноста.

Ако, на пример, колега се обидува да ви префрли процес што треба да биде негова одговорност, наместо автоматски да ја прифатите работата, можете да кажете:

„Не можам да го преземам овој процес од почеток до крај, но можам да ја подготвам целосната документација за вашиот тим да може да го преземе.“

Јасно сте поставиле граница, без да ја затворите вратата за соработка.

4. „Само добро работи си ја работата и сè друго ќе си дојде“

Ова е можеби еден од најраспространетите митови за кариерата. Работи вредно. Биди најдобар во тоа што го правиш. Резултатите сами ќе зборуваат за себе.

Проблемот е што резултатите не зборуваат сами за себе.

Кога нашите родители ги граделе своите кариери, одличното познавање на професијата можеби навистина било доволно за да се издвоите. Денес стручноста и понатаму е неопходна, но сама по себе често не е доволна.

Најуспешните луѓе го разбираат и она што се случува околу нивната работа: кој знае што работат, кој им верува, кој ги носи одлуките и кој може да влијае врз нивниот следен чекор.

Тоа не значи дека треба да се занимавате со канцелариска политика во најлошата смисла на зборот. Значи дека треба да градите односи.

Наместо само да инсистирате на сопствената идеја, вклучете ги клучните луѓе во процесот. Прашајте ги за мислење, испратете им нацрт, побарајте коментар или замолете ги да ве поврзат со некој што може да помогне.

На тој начин тие не стануваат само набљудувачи на вашиот успех, туку луѓе кои имаат чувство дека се дел од него.

5. „Снајди се сам“

Овој совет од многумина направил способни, одговорни и самостојни луѓе. Но, постои граница по која самостојноста почнува да работи против вас.

Ако сте научени дека барањето помош е знак на слабост, многу лесно можете да станете личност која сè решава сама. Преземате сè повеќе работа, не делегирате, не барате помош и на крајот прегорувате.

Постои уште еден парадокс: вашата сигурност може да стане пречка за напредување. Ако сте единствената личност која знае да извршува одредена работа, како компанијата ќе ве унапреди?

Целта не е да станете незаменливи. Целта е да станете личност која знае да создаде систем во кој работата може да функционира и без неа.

Затоа, кога ви е потребна помош, немојте само да кажете: „Не знам што да правам.“ Покажете дека веќе сте размислувале за проблемот:

„Ги истражив можностите и го стеснив изборот на X и Y. Мислам дека X е подобро решение поради овие причини. Што мислиш ти?“

Така барате помош, но истовремено покажувате иницијатива и компетентност.

Истото важи и кога некој друг ќе дојде кај вас со проблем. Немојте веднаш да го решавате наместо него. Прашајте:

„Што проба досега?“

„Кои опции ги разгледуваш во моментов?“

На тој начин не создавате луѓе кои зависат од вас, туку луѓе кои со текот на времето стануваат поспособни.

Некои совети едноставно имаат рок на траење

Можеби најголемата лекција е дека не треба слепо да ги отфрламе советите што сме ги добиле од родителите, туку да провериме дали тие сè уште одговараат на светот во кој живееме.

Да се биде скромен – да. Но, не и невидлив.

Да се биде благодарен – секако. Но, не по цена на сопствената вредност.

Да се избегнуваат непотребни конфликти – да. Но, не по цена на сопствениот глас.

Добро да си ја работите работата – задолжително. Но, не е лошо и луѓето да знаат колку добро ја работите.

Да се биде самостоен – секако. Но, барањето помош кога е потребна не е слабост.

Бидејќи правилата што некогаш ја штителе нашата кариера, денес понекогаш можат да ја забават.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.