Добрата вест е што за вкусен десерт не се потребни ниту многу време ниту комплицирани состојки. Напротив, некои од најдобрите слатки задоволства настануваат токму тогаш кога сакаме нешто брзо, едноставно и ефектно.
Ако ви треба решение што ќе биде готово за само петнаесетина минути, овие десерти би можеле да станат вашите нови фаворити.
Чаши со грчки јогурт, мед и овошје
Еден од наједноставните, а визуелно најубавите десерти.
Во чаши наредете слој грчки јогурт, малку мед, сезонско овошје и една рака гранола или издробени бисквити. Повторете ги слоевите и завршете со свежо овошје одозгора.
Изгледа елегантно, освежително и многу поскапо отколку што навистина е.
Брзо тирамису без чекање
Класичното тирамису често бара неколку часа ладење, но неговата експресна верзија може да биде подготвена за само неколку минути.
Пишкотите кратко натопете ги во кафе, наредете ги во чаши или помали садови, додајте крем од маскарпоне и изматена слатка павлака, а на крајот посипете со какао.
Послужете веднаш или оставете го десетина минути во фрижидер додека го подготвувате кафето.
Праски со мед и ф’стаци
Кога праските се во сезона, речиси и да не ви е потребен рецепт.
Исечете ги на парчиња, прелијте ги со лажица мед, додајте малку сок од лимон и посипете со сечкани ф’стаци. По желба можете да додадете и топка сладолед од ванила.
Резултатот е лесен десерт што изгледа како да е послужен во ресторан.
Чоколаден мус од само две состојки
За овој десерт ви се потребни темно чоколадо и слатка павлака.
Растопете го чоколадото, соединете го со изматената павлака и распоредете ја смесата во чаши. Неколку минути во фрижидер се доволни за да добие кремаста текстура.
За дополнителен ефект украсете со малини или рендано чоколадо.
Лиснато тесто со крем-сирење и овошје
Ако во замрзнувачот имате лиснато тесто, десертот практично веќе е подготвен.
Исечете го на помали правоаголници, печете го неколку минути, а потоа додајте крем-сирење, малку шеќер во прав и овошје по избор.
Крцкаво, лесно и идеално за послужување со попладневното кафе.
Affogato: Најлесниот десерт на светот
Италијанците имаат генијално едноставно решение за ненајавени гости.
Во чаша или мало садче ставете топка сладолед од ванила и прелијте ја со свежо подготвено еспресо.
Комбинацијата од ладен сладолед и топло кафе е вистински мал луксуз за кој ви се потребни помалку од две минути.
Торта од бисквити без печење
Кога нема време за печење, тука е стариот класик.
Редете слој бисквити натопени во млеко, па слој од омилениот фил од пудинг или крем-сирење. Завршете со рендано чоколадо или овошје.
По кратко ладење, тортата е подготвена за послужување.
Десерт што ја спасува секоја ситуација
Најдобрите рецепти честопати не се најкомплицираните, туку оние на кои им се враќаме кога ни треба брзо и сигурно решение.
Со неколку основни состојки што повеќето од нас ги имаат дома, можно е да подготвите десерт што ќе ги воодушеви гостите, без притоа да го поминете целото попладне во кујната.
Бидејќи понекогаш се доволни само 15 минути за нешто едноставно да изгледа како да сте го планирале многу подолго.
Извор: easylife.rs