Називот е комбинација од англиските зборови „wear“ и „therapy“, но идејата не е дека облеката може да ја замени терапијата. Станува збор за посвесен пристап кон изборот на гардероба и обрнување внимание на тоа како се чувствуваме во различни парчиња облека.
Терминот го популаризираше модната психологинка Shakaila Forbes-Bell, која го користи за да ја опише поврзаноста меѓу она што го носиме и нашите емоционални потреби. Понекогаш избираме облека што го следи расположението во кое веќе се наоѓаме, а понекогаш онаа што ни помага да се чувствуваме посигурно, поенергично или едноставно попријатно во сопствената кожа.
Не е исто што и dopamine dressing
На прв поглед, wearapy може да потсетува на dopamine dressing, тренд кој во последните години ги поврзуваше интензивните бои и разиграната облека со подоброто расположение. Разликата е во тоа што wearapy не поаѓа од идејата дека иста боја или исто парче облека ќе има ист ефект врз сите.
Црвен фустан некому може да му ја зголеми самодовербата, додека друга личност многу подобро ќе се чувствува во широка бела кошула, црн костум или омилените фармерки.
Важно е личното значење што го има облеката. Поради тоа, wearapy не пропишува што треба да носиме. Наместо тоа, нè поттикнува да забележиме зошто во одредени парчиња од гардеробата се чувствуваме посигурно отколку во други и зошто им се враќаме во одредени ситуации.
Облеката може да влијае врз начинот на кој се доживуваме себеси
Поврзаноста меѓу облеката и психологијата не е нова. Истражувачите со години проучуваат како она што го носиме може да влијае врз самоперцепцијата, однесувањето и начинот на кој пристапуваме кон одредени ситуации.
Еден од поимите што често се појавува во оваа област е „когнитивниот ефект на облеката“, кој ја опишува можноста облеката да влијае врз психолошките процеси преку значењето што ѝ го припишуваме.
Тоа не значи дека сакото автоматски ќе нè направи поуспешни на состанок или дека одреден фустан може да го поправи лошиот ден. Ефектот зависи од личноста, ситуацијата и асоцијациите што ги поврзуваме со одредено парче облека.
Но, речиси сите имаме облека во која се чувствуваме „повеќе како себеси“. Тоа може да биде нешто што добро ни прилега или парче што го поврзуваме со одредено искуство или период од животот. Таквите избори покажуваат колку облекувањето може да биде поврзано со начинот на кој се доживуваме себеси.
Понекогаш сакаме да го промениме расположението, а понекогаш да го прифатиме
Wearapy не подразбира дека секое утро треба да се обидуваме да се „поправиме“ со помош на гардеробата. Ако сме уморни, можеби ќе посакаме нешто меко и удобно. Ако нè очекува важен состанок, веројатно ќе посегнеме по комбинација во која се чувствуваме посигурно. Кога ни треба повеќе енергија, изборот може да падне на боја што вообичаено не ја носиме или на парче облека во кое се чувствуваме средено.
Понекогаш со облеката се обидуваме да го промениме расположението, а понекогаш само сакаме тој ден да ни биде удобно. Затоа wearapy повеќе се однесува на препознавање на сопствените потреби отколку на правила за облекување.
Удобноста е подеднакво важна како и изгледот
Начинот на кој физички ја чувствуваме облеката на телото често се занемарува кога зборуваме за стилот. Панталоните што постојано мора да ги поправаме, чевлите во кои едвај одиме или материјалот што нè иритира тешко дека ќе придонесат да се чувствуваме добро, без разлика колку убаво изгледаат.
Затоа wearapy не се однесува само на боите, трендовите или естетиката. Кројот, материјалот и начинот на кој облеката се приспособува на телото можат да бидат подеднакво важни како и нејзиниот изглед.
Не ни е потребна нова гардероба
Најинтересниот дел од овој концепт е тоа што не бара купување нова облека. Напротив, wearapy може да започне токму со гардеробата што веќе ја имаме.
Доволно е да забележиме кои парчиња ги избираме кога нè очекува важен ден, кои ги носиме кога сакаме удобност, а кои речиси секогаш успеваат да ни го подобрат расположението.
На тој начин можеме да откриеме дека одредени бои ни годат повеќе отколку што сме мислеле, дека се чувствуваме посигурно во одреден крој или дека некои парчиња само зафаќаат место во плакарот, иако речиси никогаш не ги избираме. Наместо уште една причина за купување, wearapy може да биде начин подобро да го разбереме она што веќе го поседуваме.
Како да го примениме?
Пред да се облечеме, можеме да си поставиме едноставно прашање: Како сакам да се чувствувам денес?
Потоа можеме да погледнеме што од постојната гардероба го поврзуваме со тоа чувство. Целта не е да ја анализираме секоја комбинација, туку малку подобро да разбереме зошто по одредени парчиња посегнуваме почесто отколку по други.
Облеката не е терапија, но може да биде алатка
Wearapy не може да го реши лошиот ден, ниту е замена за терапија. Сепак, може да нè потсети дека облеката не е само она што другите го гледаат. Таа е и дел од начинот на кој се претставуваме пред самите себе.
А кога ќе станеме посвесни за тоа, утринскиот избор на гардероба може да стане нешто повеќе од прашањето што најдобро ни прилега денес.
Извор: easylife.rs