Новиот тренд на антиоптимизација го менува погледот кон секојдневниот живот

Ако во последните неколку години сте имале чувство дека дури и одморот треба да биде продуктивен, веројатно сте забележале колку секојдневниот живот се претвори во низа мали цели. Колку чекори сте направиле, колку часа сте спиеле, што сте јаделе, колку сте вежбале и дали доволно долго сте биле без телефон сè може да се мери, следи и подобрува.

antioptimizacija-6374-fi

Извор: Alex Shuper

Како реакција на ваквиот начин на живот, се појавува нов тренд кој сè почесто се нарекува антиоптимизација.

Идејата не е да се откажеме од здравите навики или да престанеме да се грижиме за себе. Напротив, поентата е многу поедноставна не мора баш секој дел од денот да има некаква цел.

Кога и одморот станува уште една задача

Wellness индустријата во последните години дополнително ја популаризираше идејата дека треба да бидеме најдобрата верзија од себе. Паметните часовници го следат сонот и физичката активност, апликациите го бележат внесот на храна, бројот на чекори и времето поминато во движење, додека на социјалните мрежи секојдневно се појавуваат нови совети за суплементи, утрински рутини и техники за поголема продуктивност.

Сето тоа може да биде корисно, но проблемот настанува кога грижата за себе станува уште една обврска што треба да се исполни.

Антиоптимизацијата затоа тргнува од поинакво прашање: што ако нешто правиме само затоа што ни годи, а не затоа што поради тоа ќе бидеме поздрави, попродуктивни или поуспешни?

Даниел Тјулс, директор за комуникации во британската компанија Healf, овој тренд го опишува како сè што им помага на луѓето повторно да се поврзат со основните нешта дишењето, присутноста, сонот, природата и самите себе.

Помалку мерење, повеќе чувство

Промената не се однесува само на wellness. Таа се вклопува во поширокиот замор од постојаната достапност и дигиталната поврзаност.

Аналитичарката од The Future Laboratory, Алис Кросли, оценува дека на луѓето веќе не им е привлечна идејата да бидат достапни во секој момент. Наместо тоа, сè повеќе бараат начин повторно да се поврзат со себе и со сопствената интуиција.

Културната футуристка Џесмин Бина смета дека на тоа влијае и развојот на вештачката интелигенција, но и сè поголемата недоверба кон содржината што секојдневно ја гледаме на интернет. Кога постојано сме изложени на голема количина информации, природната реакција може да биде свртување кон сопственото искуство и чувство.

Наместо за секоја одлука да бараме апликација, совет или алгоритам, повторно учиме да се потпираме на она што ни годи.

Што всушност значи антиоптимизација?

Тоа може да биде многу поедноставно отколку што звучи.

Читање книга на плажа без обид истовремено да го „искористиме времето“. Вечера со пријателите за време на која телефонот останува во чантата. Пеење во автомобил без размислување за тоа како звучиме. Час по сликање на кој не е важно да настане ремек-дело. Или едноставно неколку часа во кои не правиме ништо посебно.

Заедничко за сите овие ситуации е отсуството на притисок резултатот да мора да биде подобар од претходниот.

Тоа не значи дека луѓето одеднаш се откажуваат од вежбање, здрава исхрана или квалитетен сон. Разликата е во мотивацијата. Ако вежбаме затоа што уживаме во тренингот, тоа е едно. Ако секој тренинг стане само уште една ставка што мора да ја штиклираме за да бидеме „подобра верзија од себе“, приказната е поинаква.

Може ли и антиоптимизацијата да стане нова опсесија?

Трендот што ги повикува луѓето да престанат да го мерат и оптимизираат секој дел од животот лесно може и самиот да стане нешто што се оптимизира.

Наместо да го следиме бројот на чекори, би можеле да почнеме да следиме колку време сме поминале без телефон. Наместо апликација за тренинг, би можеле да имаме потсетник да се опуштиме. Дури и „времето за ништо“ може да стане уште една ставка на листата со обврски.

Поентата е да си дозволиме да правиме нешто без јасна цел и без потреба од тоа да извлечеме некаква корист.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.