Истражување спроведено од апликацијата за личен развој RiseGuide, на примерок од 2.000 припадници на генерацијата Z и миленијалци, покажало дека 42% од испитаниците не одговараат на телефонски повици, додека 58% однапред ги подготвуваат или „вежбаат“ разговорите пред да ги направат.
Избегнувањето повици сè почесто влијае врз кариерата
Иако на прв поглед изгледа како лична преференција, последиците од ваквото однесување одат многу подалеку од самата непријатност. Дури 78% од испитаниците кои избегнуваат телефонски разговори велат дека поради тоа пропуштиле финансиски или професионални можности.
Во истражувањето се воведува и терминот „callergy“, кој ја опишува сè поизразената непријатност и избегнувањето телефонска комуникација, со сè поголемо потпирање на пораки, мејлови и социјални мрежи.
„Пораките и мејловите ни даваат простор да го уредиме она што сакаме да го кажеме, додека разговорот во живо или по телефон бара моментална реакција“, објаснува Џејми Кампанела, експертка за продуктивност во RiseGuide.
Таа додава дека одложувањето на тешките разговори често само ја влошува ситуацијата: „Избегнувањето најчесто создава поголеми проблеми од самиот разговор, пропуштаме можности, ги нарушуваме односите и трошиме повеќе енергија на грижа отколку на решавање на проблемите.“
Телефонските повици стануваат постресни од важни животни ситуации
Интересно е што младите сè почесто наведуваат дека непланираните телефонски повици им се меѓу најстресните форми на комуникација, а во некои случаи дури и постресни од интервју за работа или раскинување.
Дополнителен притисок доаѓа и од актуелниот пазар на труд, кој многу млади професионалци ги принудува да излезат од зоната на комфор само за да дојдат до стабилно вработување.
Еден испитаник од генерацијата Z, кој работи во HR секторот и се обидува да премине од привремени договори на постојано вработување, за Business Insider изјавил дека се јавува на телефон само кога активно бара работа. Непознатите броеви најчесто ги игнорира, освен ако не очекува повик.
Тој признал дека непланираните повици му изгледаат како „отворање мистериозна кутија“, додека однапред закажаните разговори со јасна тема значително му ја олеснуваат комуникацијата.
Дигиталната генерација меѓу пораките и директната комуникација
Генерацијата Z и миленијалците генерално претпочитаат пишана комуникација, но истовремено сè повеќе се обидуваат да го намалат вкупното време поминато на телефон.
Додека некои прибегнуваат кон дигитален детокс и апликации за ограничување на користењето уреди, тоа не значи дека се поспремни за спонтани повици. Напротив, тие често и натаму остануваат еден од најголемите извори на стрес.
Извор: bizlife.rs