Sunday reset може да биде нешто многу попријатно од уште една листа со задачи. Наместо неделата да ја претворите во ден за надоместување на сè што не сте направиле во претходните шест дена, искористете ја за да создадете малку простор за она што следува.
Не ви треба совршен распоред, ниту неколку часа посветени на организација. Доволно е да препознаете што во наредните денови би можело непотребно да ви создаде хаос и да го решите токму тоа.
Почнете од понеделник
Звучи малку нелогично, но најдобриот Sunday reset не почнува со прашањето „што сè морам да направам денес?“, туку со „што утре најмногу ќе ми пречи ако остане нерешено?“.
Можеби тоа е облеката за работа, празниот фрижидер, фактот дека не знаете каде ви се слушалките или состанокот во 8:30 на кој целосно сте заборавиле.
Прво решете го она што има најголема шанса да ви го расипе почетокот на денот. Останатото може да почека.
Направете простор за вистинскиот живот
Не мора да го средувате домот како утре да ви доаѓаат гости. Доволно е да го тргнете она што ве нервира веќе неколку дена.
Чашите на масата, облеката на столчето, непотребните хартии или козметиката расфрлана во бањата.
Ова не е генерално чистење. Повеќе е визуелно смирување на просторот. Кога наутро не гледате десет работи што го бараат вашето внимание, полесно е да се фокусирате на онаа што навистина е важна.
Отворете го фрижидерот пред апликацијата за достава
Пред да одлучите што ќе јадете во наредните денови, погледнете што веќе имате.
Можеби таму ве чека сосема пристоен ручек на кој сте заборавиле. Проверете кои намирници треба први да се искористат, дополнете само што недостига и завршете со тоа.
Не мора однапред да го испланирате секој оброк. Понекогаш е доволно само да знаете дека дома имате јајца, зеленчук, сирење и нешто од што можете брзо да подготвите ручек.
Направете еден мал потег за „идното јас“
Ова можеби е најдобриот дел од Sunday reset.
Направете нешто што сега ќе ви одземе пет минути, а по неколку дена ќе ви биде многу драго што сте го направиле.
Напишете листа за купување, ставете полнач во чантата, резервирајте термин што долго го одложувате, подгответе документ што ќе ви треба или оставете нешто однапред подготвено за утре.
Ситница е, но ќе ја цените токму кога ќе ви затреба.
Погледнете го календарот како човек, не како проект-менаџер
Неделата е добар момент да ги погледнете наредните седум дена, но не мора да ја пополните секоја празнина во календарот.
Обрнете внимание на деновите што веќе изгледаат напорно. Ако вторник ви е целосно исполнет, можеби среда не е најдобар ден за уште една обврска.
Планирањето не значи да предвидите сè што ќе се случи. Тоа значи да оставите повеќе простор таму каде што знаете дека ќе ви биде потребен.
Исчистете го телефонот од минатата недела
Галеријата веројатно ви е полна со screenshots што сте ги направиле „за да не заборавите“, фотографии што повеќе не ви требаат и повеќе верзии од ист кадар.
Избришете го непотребното, затворете ги табовите што никогаш повторно нема да ги отворите и тргнете ги апликациите што само ви го зафаќаат екранот.
Не мора да правите совршен дигитален ред. Само направете телефонот повторно да биде ваш, а не архива на сè што се случило во изминатата недела.
Изберете една работа на која ќе ѝ кажете „не“
Sunday reset не мора да значи само додавање нови навики. Може да значи и отстранување на нешто.
Можеби следната недела нема веднаш да одговарате на деловни пораки по работното време. Можеби ќе одбиете план за кој немате енергија. Или ќе престанете секоја вечер пред спиење да проверувате што прават другите на Instagram.
Едно мало „не“ понекогаш создава повеќе простор од уште една ставка на листата.
Не ја претворајте неделата во понеделник
Постои момент кога Sunday reset престанува да биде корисен и почнува да личи на неплатена работа.
Ако во 22:45 сè уште сте зафатени со „подготовка за неделата“, можеби сте претерале.
Ако сте ја подготвиле облеката, сте го погледнале календарот и знаете што ве чека утре, сосема е можно дека сте завршиле.
Неделата има право да остане недела.
Создајте ритуал што навистина ќе сакате да го повторите
Можеби вашиот Sunday reset е кафе во омилената шолја и 15 минути средување. Можеби е чиста постелнина, музика и кратко планирање на оброците. А можеби е само туширање, чиста пижама и преглед на календарот додека гледате нешто што го сакате.
Поентата не е сите да прават исти работи. Добар ритуал е оној што толку добро ви одговара што нема да мора да се убедувате себеси да го повторите и следната недела.
На крајот, Sunday reset не треба да ве остави исцрпени од подготовките за понеделник. Треба само да направи мала разлика меѓу неделата што завршила и онаа што започнува.
Не мора до 23 часот да го исчистите целиот дом, да го организирате фрижидерот, да го испланирате секој оброк и да станете најорганизираната верзија од себе. Доволно е да отстраните неколку мали пречки што утре би ви стоеле на патот.
Извор: easylife.rs