Луѓето ве паметат по тоа како се чувствуваат покрај вас: ДЕСЕТ навики на добрите соговорници

Добар соговорник не е нужно најгласниот, најдуховитиот или оној што секогаш има подготвен одговор. Експертите за комуникација издвојуваат десет навики поради кои луѓето се чувствуваат пријатно, слушнато и ценето од внимателно слушање до вистинскиот момент за шега.

naviki-6373-fi

Извор: Magnific/maria 123

Некои луѓе едноставно знаат да разговараат. Со нив и најобичниот small talk лесно прераснува во интересна размена, а по средбата останува впечаток дека сте разговарале со некој што навистина ве слушнал. Иако ваквата вештина често ѝ се припишува на харизмата, експертите за комуникација сметаат дека зад неа стојат конкретни навики што секој може да ги развие.

За порталот Upworthy тие издвоиле десет однесувања што ги карактеризираат луѓето кои лесно воспоставуваат односи и оставаат добар впечаток.

1. Слушаат без да прекинуваат

Еден од наједноставните начини да му покажете некому дека ви е важен е да му посветите целосно внимание. Тоа значи да не го проверувате телефонот, да не гледате преку неговото рамо во потрага по некој поинтересен и да не размислувате за следната личност со која сакате да разговарате.

„Насочете го вниманието само кон личноста пред вас. Воспоставете контакт со очи. Кога сте целосно присутни, покажувате почит и заинтересираност и ѝ помагате на другата личност да се чувствува ценето, а не како да се натпреварува за вашето внимание“, вели Кери Гарбис, директорка и основачка на компанијата Ovation Communication.

2. Поставуваат прашања што им помагаат подобро да ја запознаат другата личност

Луѓето кои умеат да градат односи не разговараат само за површни теми. Ги интересираат потребите, грижите и она што во моментот му е важно на нивниот соговорник.

Кејт Мејсон, докторка на науки и тренер за деловна комуникација, советува колега или пријател да го прашате: „Што најмногу те загрижува во моментов?“ или „Кој е твојот најголем проблем во моментов?“

Таквите прашања можат да откријат како навистина можете да му помогнете некому. А кога подоцна ќе се сетите на она што ви го кажал соговорникот и ќе направите нешто конкретно во врска со тоа, покажувате дека не сте слушале само реда ради.

3. Внимаваат разговорот да не биде еднонасочен

Никој не сака разговор во кој една личност постојано зборува за себе, но не е добро ни кога сè се врти само околу проблемите на другиот соговорник. Луѓето што оставаат добар впечаток умеат да најдат рамнотежа.

Роб Волпе, експерт за комуникација и автор на книгата Tell Me More About That, предупредува дека разговорот понекогаш може да стане толку насочен кон другата личност што вие повеќе и не се чувствувате присутни во него.

Ако тоа се случува, сосема е во ред да кажете: „Би сакал и јас да го споделам моето мислење за ова“ или „Може ли да ти кажам што ми се случува мене во моментов?“

Емпатијата не значи дека мора да бидете нечиј терапевт.

4. Ја приспособуваат енергијата на соговорникот

Не е секој разговор ист, па не треба ни во секој да се однесуваме на ист начин. Некој сака мирен, побавен разговор, додека друг зборува брзо, гестикулира и внесува многу енергија во комуникацијата.

Џенифер Андерсон, експертка за комуникација која работи со претприемачи, вели дека суптилното усогласување со говорот на телото и енергијата на другата личност може да ѝ помогне да се чувствува попријатно.

Замислете ја разликата меѓу разговор со некој што опуштено седи во фотелја и личност што се однесува како токму сега да треба да одржи презентација. Ако вие зборувате тивко и смирено, а другата личност е исклучително енергична или обратно, лесно може да дојде до непријатност.

Тоа не значи дека треба да глумите туѓа личност, туку да обрнете внимание на темпото, тонот и атмосферата на разговорот.

5. Не се потпираат на однапред подготвени прашања

Подготвените прашања можат да бидат корисни кога сте нервозни или не знаете како да започнете разговор. Сепак, луѓето кои се особено вешти во комуникацијата обично не се обидуваат да следат однапред осмислено сценарио.

Наместо тоа, слушаат што зборува другата личност и поставуваат дополнителни прашања што природно произлегуваат од разговорот.

„Најдопадливите луѓе во просторијата често се оние што се присутни во разговорот и поставуваат дополнителни прашања врз основа на она што го кажува соговорникот“, објаснува Гарбис.

Прашањето „Какво е времето?“ може да биде добар почеток, но прашањето „Како се одлучи за таа работа?“ отвора простор за вистинско запознавање.

6. Свесни се за себе и за сопствените предрасуди

Добриот разговор не зависи само од тоа колку внимателно ги слушаме другите, туку и од тоа колку добро ги разбираме сопствените реакции.

Волпе истакнува дека сите имаме одредени предрасуди и автоматски проценки што можат да влијаат врз начинот на кој ги доживуваме луѓето. Ако се фатите себеси како некого осудувате, обидете се да застанете и да се запрашате од каде доаѓа таа проценка.

Наместо веднаш да заклучите каква е личноста пред вас, бидете љубопитни. Таквиот пристап отвора простор за повеќе емпатија и ја намалува можноста разговорот да се заснова на претпоставки.

7. Го потврдуваат она што го кажала другата личност

Луѓето сакаат да почувствуваат дека се видени и слушнати. Тоа не значи дека мора да се согласувате со сè што ќе слушнете, туку да покажете дека сте разбрале и дека го прифаќате правото на другата личност да има сопствено искуство.

Гарбис наведува пример: ако некој ви каже дека за време на викендот бил на скијање, немојте веднаш да го преземете разговорот со реченицата: „И јас бев на скијање.“

Наместо тоа, можете да кажете: „Звучи возбудливо, раскажи ми уште.“

Реченици како „Тоа има смисла“, „Разбирам зошто ти е тоа важно“ или „Можам да разберам зошто така се чувствуваш“ можат да ја намалат напнатоста и да му помогнат на соговорникот да се чувствува посигурно.

8. Остануваат смирени, дури и кога разговорот е непријатен

Смиреноста е особено важна кога разговорот станува напнат. Личност која не реагира импулсивно, не го крева тонот без потреба и не ја претвора секоја разлика во конфликт често остава впечаток на доверливост.

„Смиреноста е најмоќната комуникациска предност што можете да ја имате. Ако успеете да останете мирни, особено во напнат разговор, ќе делувате доверливо, стабилно и прибрано“, вели Мејсон.

Тоа не значи дека треба да ги потиснувате емоциите или да се преправате дека проблемот не постои. Станува збор за тоа да не дозволите моменталната нервоза да преземе контрола врз начинот на кој разговарате.

9. Ги паметат имињата

Кога ќе запомните нечие име, разговорот станува поличен. Името покажува дека личноста не ја доживувате како уште едно минливо познанство.

Гарбис советува името да го повторите на почетокот на разговорот, а потоа и при разделувањето. Ако го заборавите, немојте да паничите ниту однапред да објаснувате дека сте „ужасни со имиња“.

Едноставно кажете: „Извини, можеш ли уште еднаш да ми кажеш како се викаш? Не би сакал да заборавам.“

Може да помогне и мал трик: кога ќе запознаете некого, веднаш обидете се неговото име да го поврзете со некоја информација што ви ја кажал.

10. Користат хумор, но не на туѓа сметка

Смеењето е еден од најбрзите начини луѓето да се опуштат и да се поврзат. Сепак, добриот хумор не мора да биде спектакуларен, а разговорот не е аудиција за stand-up комичар.

Андерсон советува да обрнете внимание на симпатичните и духовити детали што природно се појавуваат во разговорот. Не е потребно секоја ситуација да ја претворате во шега.

Важно е и хуморот да не биде оружје. Потсмевањето, зајадливите коментари и „печењето“ пријатели или колеги можат да остават впечаток на несигурност, а не на самодоверба.

Ако не сте сигурни што да кажете, безопасна шега често е подобар избор од обидот да бидете најдуховитата личност во просторијата.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.