Со големиот замав на вештачката интелигенција и дигиталната револуција во сите сфери на пазарот на трудот, традиционалните образовни системи се борат да останат во чекор со побарувачката за нови вештини и знаења. Ова покренува прашања за тоа како неформалното образование може да ни помогне да се прилагодиме на овие промени и да не доведе до образовните решенија што ни се потребни.
Како го гледате влијанието на новите трендови на вештачката интелигенција (ВИ) врз конвенционалните образовни системи, но и на неформалното образование, а потоа и на пазарот на трудот? Како Семос Едукација се прилагодува кон овие трендови?
Семос Едукација беше една од првите компании на глобално ниво која што почна со обуки за ВИ, тогаш обуките за ВИ беа фокусирани кон програмирање во ВИ, односно како се создава вештачката интелигенција. Вештачката интелигенција ја има на секое можно ниво. Обуките, односно академиите на Семос Едукација нудат сертификација во областа на вештачката интелигенција, а сертификатот значи препознатливост на пазарот на труд, интернационално, регионално и локално.
Вештачката интелигенција дефинитивно ќе го смени начинот на учење и ќе влијае на сите нас. Дел од луѓето веројатно ќе откријат дека повеќе не треба да учат одредени теми толку опширно како порано. Иако вештачката интелигенција може да ја намали потребата за одредени видови учење, таа исто така ќе создаде нови можности за работа и ќе бара стекнување на свежи знаења.
Како вештачката интелигенција ќе влијае на интелектуалниот развој на луѓето, ако сè што ќе ни треба или сè што ќе замислиме може да ни го реши во неколку прашања?
Мислам дека експанзијата на вештачката интелигенција нема да се одвива толку брзо. Не мислам дека ќе влијае на интелектуалниот развој, туку дека едноставно ќе ни се смени животниот стил, ќе доведе до развој на нови вештини, различни начини на размислување како и изменето однесување.
Што ќе значи ова за пазарот на труд?
Пазарот на труд ќе мора да претрпи промени во наредните години. Уште некое време ќе мора да ги следиме оние конвенционални професии кои се веќе добро етаблирани и барани. Во Македонија, лимитиран број компании моментално користат или развиваат технологии за вештачка интелигенција. Таа првенствено ќе биде интегрирана во индустрии каде што е визуелно повидлива, особено во креативните. Технологиите како Chat GPT и Copilot стануваат секојдневие. Иако пазарот на трудот може да остане релативно непроменет некое време, постепено ќе премине кон усвојување на нови технологии како што е вештачката интелигенција во различни професии бидејќи овие алатки стануваат се поприсутни и пошироко прифатени. Пазарот на трудот ќе се прилагодува според бенефитите, цената на чинење и потребата на локално и интернационално ниво.
Како едукативните центри се снаоѓаат во овој систем, односно колку брзо и колку лесно може да се прилагодат за да се адаптираат на новите потреби? Ќе го замените ли конвенционалното образование?
Не би рекла дека можеме да замениме конвенционално образование, односно факултетот, јас сум и секогаш ќе останам поборник за формалното образование. Тоа е посеопфатно, потемелно, дава теоретски и практични знаења, како и пристап на знаењето од различни перспективи. Формалното образование обликува нечие размислување и се заснова на знаење, а не само на вештини.
Од друга страна, академиите, односно неформалното образование, може да обезбеди доквалификација или прекфалификација. Кога станува збор за докфалификација, одреден професионалец има знаење од соодветната индустрија, она што ние го правиме е доедукација за нова вештина, за нова софтверска алатка која излегува на пазарот, обезбедувајќи му на слушателот унапредување во кариерата, побрзо завршување на задачите, зголемена ефикасност и ефективност во работата, подобри резултати за неговата компанија која што го има пратено кај нас на тренинг, или пак сам дошол со желба да биде поконкурентен на пазарот.
Извор: Семос Едукација
Во однос на прекфалификација, Семос Едукација и другите едукативни центри се тука за да го покријат временскиот јаз, не секој е заинтересиран да помине 3-4 години на факултет, овде за 6 до 9 месеци слушателот може да се здобие со знаења и вештини од една професија, од една област, не еден сегмент и токму во тоа да стане специјалист.
Дали со сите овие инстант академии на младите ќе им се тргне фокусот од конвенционалното образование?
Искрено се надевам дека не. Јас мислам дека формалното образование е потребно, неопходно. Академијата може да обезбеди доквалификација или преквалификација, да биде додадена вредност. Дополнително, може да послужи како замена за одредени области каде што нема достапни специфични академски програми, како дигитален маркетинг или вештачка интелигенција и сл.
Кои стратегии или пристапи можат да ги применат неформалните образовни институции за да обезбедат брзо прилагодување кон најновите трендови и технологии?
Семос Едукација е горд партнер со глобални лидери во IT индустријата како Microsoft, Cisco, AWS, Oracle и други. Ние сме единствен тренинг центар кој добива официјални обуки од овие партнери, за кои плаќаме членарина. Нашите тренери мора да поминат низа тренинзи од самите вендори и да положат ригорозни испити пред да можат да предаваат каква било технологија, без оглед на нивното претходно искуство. Со партнерството со најголемите имиња, ние ги добиваме стратегиите и пристапите кои може да ги применат и на тој начин обезбедуваме најнов курикулум, најнови студентски материјали, содржина, лабораториски вежби и подготвени тренери.
Второ, со самото тоа што сме членка на асоцијацијата на тренинг центри Leading Learning Partners Association која брои 33 членки во 57 земји, имаме пристап до широк спектар на придобивки, до разни дополнителни асоцијации, до најновите технологии, до други тренинг центри и партнерства со реномирани организации ширум светот. Ова партнерство гарантира дека ќе останеме во тек со најновите трендови и технологии во индустријата.
Со порастот на инстант академиите кои нудат интензивни програми за обука, како ја замислувате вашата позиција на пазарот во иднина?
Постоиме 29 години и постојано растеме и покрај сите предизвици со кои сме се соочиле, од транзиција, до војна, до поделби, до пандемии, останавме истрајни и секоја година растевме. Она што не издвојува од другите е фактот што секогаш ги следиме вендорите, тоа што е светски тренд, тоа го носиме на нашиот пазар и во нашите едукативни програми. Семос Едукација постојано се усогласува со водечките вендори како Microsoft, пренесувајќи ги нивните материјали до македонските граѓани и зголемувајќи ја нивната препознатливост и на локално и на глобално ниво. Нашата примарна цел е да понудиме меѓународно признати сертификати, обезбедувајќи им успех на нашите слушатели.
Од ваша перспектива, какви промени или адаптации се неопходни и во образовниот и во корпоративниот сектор за да се оптимизира интеграцијата на неформалното образование во развојот на работната сила?
Кај нас проблемот лежи подлабоко. Имаме министер кој нема обврска да издаде свидетелства на крај на година, кој нема обврска да даде книги. На овој начин се уништуваат цели генерации, тоа што нам во образованието ни се случи е срамна ситуација. Треба да го кренеме стандардот, да ги смениме очекувањата за тоа што значи образован човек, не е само да знаеш да решиш равенка со две непознати или да знаеш да напишеш текст. Треба да знаеш да напишеш текст граматички правилно, правописно согласно стандардите на македонскиот јазик. Ако јас се прашувам, треба нивото на образование да се крене нагоре. Мислам дека неформалното образование во Македонија е доста напредно и може да пополни многу празнини кои ги остави формалното образование, но сепак се создава неред, секој може да предава што сака и да ги учи децата и студентите на истото.