Во рамките на нејзиниот ‘Fire Talk’ , директорката на EOS Matrix откри како една долгорочна стратегија, поставена пред пет години, резултираше со најуспешната година во историјата на компанијата. Додека финансискиот свет дебатира за неизвесноста, Бошевска зборува за стабилизација, за преземање на клучни портфолија и за храбрата визија: пазарот на наплата да се трансформира регулиран европски екосистем каде фер третманот е закон, а не исклучок
Прашање: EOS зад себе има рекордна година. Што ја направи 2025 година толку посебна за компанијата? Оваа година ги презедовте и двете најголеми портфолија на пазарот – што значи тоа за EOS и за банките?
Д-р Катерина Бошевска: 2025 година за нас значеше потврда на една долгорочна стратегија која ја поставивме во изминатите циклуси од 3 до 5 години со тимот. Јас лично верувам во стратегии, во темелно планирање и во визија на долг рок.
Сепак, фактот е дека стратегиите мора да произлегуваат од реалноста. Моравме да одговориме на сите предизвици и многуте новини што се случуваат на пазарот, особено оние поврзани со технологијата и дигиталната трансформација. Она што се потврди во 2025 година, конкретно преку оптимизацијата на двете најголеми портфолија, е резултат на кој работевме долги години.
За нас, 2025 беше година на заокружување на процесот на трансформација на компанијата и зајакнување на средниот менаџмент како предвесник за големиот раст што следува. Тоа беше година на стабилизација и подготовка, со силен фокус на редефинирање и реорганизација на деловните процеси за да бидат подготвени за воведување на вештачката интелигенција.
Извор: The Economist MeetUp 2026
Прашање: Зрелоста на пазарот – што ни кажуваат бројките? Дали Македонија навистина созрева во управувањето со нефункционалните пласмани и што уште недостига?
Д-р Катерина Бошевска: Мојот впечаток е дека македонскиот пазар конечно созрева за решавање на нефункционалните пласмани (NPL), но она што сè уште недостасува е идејата тоа да се одвива „безболно“ и структурирано.
Кога имате дејност која постои со години, таа бара дефинирање, стандардизирање и јасно формулирање на начинот на кој услугата треба да се извршува. Не треба да биде оставено на слободно толкување, каде што во отсуство на регулатива, секој работи како што смета дека треба. Најголемите проблеми настануваат токму тогаш – кога услугата се прави „секој на свој начин“. Тогаш добиваме нееднаков, нефер третман кон крајните корисници – граѓаните.
Прашање: Години наназад зборувате дека имплементацијата на европските директиви е пресудна. Што практично би променило нивното целосно усвојување за граѓаните, компаниите, но и за институциите?
Д-р Катерина Бошевска: Нашиот фокус е граѓаните да добијат фер третман, бидејќи зборуваме за ситуација во која, верувам, тие не се нашле по своја волја. Пристапот мора да биде стандардизиран и структуриран.
Европските регулативи се базираат на најновите директиви за заштита на потрошувачите. Ова е клучно за нас бидејќи ќе дефинира област која и е неопходна на нашата економија. Степенот на задолжување континуирано се зголемува – и кај граѓанскиот сектор, и на ниво на институции и држава. Затоа ни е потребна структурирана рамка во која сите ние што сакаме да работиме во овој сектор, ќе мораме да почитуваме исти правила.
Прашање: Колку е денес дигитализирана индустријата на наплата и дали услугата реално се трансформира кон поголема транспарентност и пристапност за корисниците?
Д-р Катерина Бошевска: Индустријата за наплата традиционално се смета за конзервативна, но ние не само што зборуваме за дигитализација, туку ја предводиме. Реалноста е дека новата технологија носи поголема транспарентност и придобивки за крајните корисници.
Локално, ние ги дефиниравме и автоматизиравме сите можни процеси. Тоа е отворен проект кој сè уште трае, со посветен тим кој постојано идентификува нови можности за дигитализација. Се трудиме да рефлектираме дигитална комуникација кон крајните корисници преку нашата алатка „Мој ЕОС“. Преку неа, секој може на приватен, индивидуален начин да пристапи и да стекне информација за сопствените задолжувања без потреба од лична комуникација. Сметаме дека тоа е иднината – дискреција и пристапност.
Прашање: Дали примената на вештачката интелигенција носи напредок или предизвик во вашата индустрија, имајќи ја предвид загриженоста за сајбер безбедноста и етичките аспекти?
Д-р Катерина Бошевска: Како дел од EOS Групацијата, ние сме компанија која знае што прави. Имаме сопствена платформа за вештачка интелигенција, а на ниво на групација потпишавме и рамковен договор со OpenAI, што ни дава широки можности, но и диктира сериозни стандарди.
Предизвикот за нас е балансирањето на емпатијата и „клиент сервис“ моментот со вештачката интелигенција. Сакаме да одговориме на потребите на новите генерации кои имаат поинакви навики. Сепак, мораме да ги земеме предвид регулативите. Во рамки на ЕУ постои „AI Act“ (Акт за вештачка интелигенција) и ние целосно се усогласуваме со него.
Согласно тој акт, конечна одлука не може да носи вештачката интелигенција – ниту во име на компанијата, ниту за корисниците. Тој момент го оставаме на човечкиот фактор. АИ се користи за ефикасност, но кога има потреба и желба да се разговара со човек, нашите агенти се секогаш тука.
Прашање: Колку напредокот на технологијата бара од вас инвестиции во кадар?
Д-р Катерина Бошевска: Ние ова го гледаме како шанса. Со оглед на тоа што реално постои потреба од работна сила на пазарот, технологијата ни помага да го одржиме нашиот кадар. АИ ни овозможува да продолжиме да ги развиваме комуникациските вештини на вработените за посложени разговори, додека потребата за нови вработувања за рутински задачи ја компензираме преку воведување на оваа напредна технологија.
Прашање: Поглед напред, што ќе ја дефинира 2026 во поширок контекст но и за плановите на ЕОС?
Д-р Катерина Бошевска: Се дефинираат нови геополитички сили и стратегии. Очекувам 2026 да биде година на стабилизација која ќе отвори нови перспективи. Финансискиот систем ќе биде под силен предизвик за забрзана дигитализација.
За нашата локална економија, очекувам понатамошно стабилизирање и поголем акцент на редефинирање на регулативата и деловното опкружување. Многу е важно да добиеме сигурна европска рамка во која сите ќе делуваме. Инвеститорите што сакаат да влезат во нашата држава бараат исти услови какви што би имале на другите европски пазари. Тоа е клучот за раст.