Кој всушност го „поседува“ бифтекот? Гастрономски деликатес без сопственик

Од Јапонија до Аргентина и САД, земјите ширум светот дадоа сопствен печат на ова примамливо парче месо – претворајќи го бифтекот во вистински гастрономски деликатес.

biftek-5687-fi

Извор: Freepik/timolina

Луѓето ширум планетата уживаат во бифтекот, а некои држави дури го сметаат за национално јадење. Но, може ли која било култура навистина да го присвои?

Тешко, ако се земе предвид неговата долга историја. Пештерските цртежи прикажуваат лов на првите говеда, а археолошките докази покажуваат дека луѓето во близина на Стоунхенџ јаделе говедско месо уште околу 2500 година пред новата ера.

Бифтекот како знак на просперитет

Сепак, масовната конзумација на месо е релативно нов феномен. Дури во 19 век, кога транспортот и ладењето станаа подостапни, париските бистроа и американските „steakhouse“ ресторани го ставија бифтекот во центарот на вниманието поврзувајќи го со просперитетот.

Денес, од бавното печење во Аргентина до совршено ишараното месо во Јапонија, секоја земја има своја верзија на оваа приказна. Еве шест места каде бифтекот не е само јадење – туку искуство.

Аргентина: Скарата како ритуал

Говедското месо пристигна во Аргентина во 16 век со шпанските колонизатори, кои го пуштија добитокот на плодните пампаси. Гаучосите развија „parrille“ едноставни скари, и техника на бавно печење месо на тивок оган, позната како „asado“.

„Бифтекот е дел од нашиот идентитет“, вели познатиот готвач Френсис Малман. „Не е важно кое парче месо го јадеме важно е дека сме заедно.“

Асадото денес е општествен ритуал, најчесто за време на викендите, со задолжителен чимичури сос и разговори за политиката, фудбалот и животот.

Јапонија: Прецизност и совршенство

Во Јапонија говедското месо влегува во исхраната дури во 19 век, но брзо станува симбол за квалитет. Видовите како „Kobe“ и „Wagyu“ денес се синоним за луксуз.

„Убавината на месото, чистотата на маснотиите и прецизноста на подготовката се клучни“, вели готвачката Харука Катајанаги.

Бифтекот често се подготвува пред гостите, на „teppanyaki“ плоча, со нагласок на техниката и квалитетот на состојките.

Италија: Бифтекот како прослава

Во Италија доминира „bistecca alla Fiorentina“ големо, дебело „T-bone“ парче месо од Тоскана.

„Тоа не е оброк за двајца, тоа е причина за прослава“, вели месарот Дарио Чекини.

Подготовката е едноставна: без зачини за време на печењето, а дури на масата се додаваат сол и маслиново масло. Првиот залог чист, без додатоци.

Бразил: Бифтекот како доживување

Во Бразил културата на бифтекот е поврзана со „churrasco“ начин на печење месо на ражен. Во рестораните познати како „churrascarias“, месото се служи во „rodízio“ стил, келнерите носат различни парчиња директно до масата.

Најпознатиот рез е „picanha“, а оброкот е придружен со богата понуда на прилози како ориз, грав и пржен маниок.

Франција: Елеганција и традиција

Во Франција бифтекот е неодвоив од бистро културата. Најпознатото јадење е „steak frites“, бифтек со помфрит, но тука се и тартарот и „boeuf Bourguignon“.

Французите претпочитаат послабо печено месо, а бифтекот често се служи со класични сосови како „béarnaise“ или сос од бибер и чаша црно вино.

САД: Изобилство и спектакл

Во Соединетите Американски Држави бифтекот е симбол на изобилство. Од 19 век, „steakhouse“ рестораните развија препознатлив стил: темен ентериер, големи парчиња месо и богати прилози.

Најпознатиот рез е „porterhouse“, комбинација на „filet mignon“ и „New York strip“ често нарекуван „крал на бифтекот“.

Ако постои едно јадење кое им припаѓа на сите – тоа е бифтекот. Секоја култура го обликувала според сопствени правила, претворајќи едноставно парче месо во симбол на идентитетот, традицијата и заедништвото.

Затоа вистинското прашање не е: кој го измисли бифтекот? Туку: каде сакате да го пробате следниот пат?

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.