Остригите се, всушност, природни филтри. Една возрасна острига може да прочисти и до 190 литри вода дневно. Додека се хранат, тие од водата го отстрануваат вишокот алги, бактерии и ситни честички на загадување. Резултатот? Побистра вода, повеќе светлина за подводните растенија и поздрав екосистем.
Поради тоа, научниците често ги нарекуваат „инженери на екосистемот“. Нивните колонии, познати како гребени, не само што ја чистат водата, туку и создаваат дом за бројни други видови: риби, ракови и школки. Таму каде што постојат остриги, биодиверзитетот буквално буи.
Но, нивната херојска улога не запира тука.
Гребените од остриги делуваат како природни штитови на брегот. Ја апсорбираат енергијата на брановите и ја намалуваат ерозијата, штитејќи ги крајбрежните подрачја од бури и подигнување на нивото на морето. Во време на климатски промени, тоа ги прави уште повредни сојузници.
Парадоксално, токму како и многу тиви херои, остригите со децении беа потценети и прекумерно експлоатирани. Загадувањето, прекумерниот излов и уништувањето на живеалиштата доведоа до драстично намалување на нивните популации ширум светот.
Затоа денес расте бројот на иницијативи кои се обидуваат да ги вратат остригите таму каде што некогаш биле. Организациите како The Nature Conservancy и Oyster Recovery Partnership работат на обнова на гребените – често со помош на локалните заедници кои собираат стари школки од рестораните и ги враќаат во морето како основа за нови колонии.
Во таа приказна нема спектакуларни сцени ниту драматични заплети. Нема брзи победи. Само бавна, упорна работа – филтрирање капка по капка.
И можеби токму затоа остригите се вистинските херои на нашите океани.
Не прават бучава. Не бараат внимание.
Но, секој ден, во тишина, го прават морето малку почисто отколку што било вчера.
Извор: odrzime.rs