Во тоа време, ваквиот потег изгледаше речиси незамисливо. Работата во фабриките на почетокот на 20 век беше исцрпувачка: десетчасовни смени, шест или дури седум дена во неделата. Индустриското производство растеше со огромна брзина, но работниците беа третирани како потрошен материјал. Токму во таков систем, Форд препозна нешто што многу други индустријалци не успеаја уморните работници не се добри ниту за производството, ниту за потрошувачката.
Тоа не беше само хуманизам туку и деловна стратегија
Иако Форд често се претставува како визионер кој се грижел за работниците, историските извори покажуваат дека зад оваа одлука стоела многу прагматична економска логика. Неговите фабрики уште во раните 1910-ти имаа огромен проблем со одливот на работна сила. Работата на подвижна лента беше монотона и физички тешка, па работниците масовно даваа откази.
Форд уште во 1914 година ја шокираше индустријата кога им ги удвои дневниците на работниците на пет долари дневно и го скрати работното време на осум часа. Продуктивноста нагло порасна, а компанијата многу полесно ги задржуваше квалификуваните работници.
До 1926 година, Форд отиде еден чекор подалеку. Неговата идеја беше едноставна: ако работниците имаат повеќе слободно време, тие ќе трошат повеќе. А ако трошат повеќе, ќе ги купуваат и автомобилите што ги произведува неговата компанија. Историчарите овој модел подоцна го нарекуваат „фордизам“, систем во кој масовното производство зависи од масовната потрошувачка.
Форд веруваше дека работникот не смее да биде само производител, туку и потрошувач. Викендот така стана не само време за одмор, туку и темел на модерната потрошувачка култура: патувањата, спортот, кината, шопингот и семејните излегувања започнаа да се развиваат токму благодадобирение на слободните саботи и недели.
Извор: Magnific/graphicsbox5102
Притисокот на работничките движења
Сепак, би било неточно Форд да се претстави како единствен творец на модерната работна недела. Борбата за осумчасовно работно време траеше со децении пред неговата одлука. Работничките синдикати во САД и Европа уште во 19 век организираа штрајкови и протести, барајќи го правилото: „осум часа работа, осум часа одмор и осум часа сон“.
По Првата светска војна дојде до бран масовни штрајкови во Америка. Работниците повеќе не беа подготвени да ги прифатат старите услови за работа. Форд делумно реагираше и на тие општествени притисоци, сфаќајќи дека подобрите услови можат да го спречат незадоволството и зајакнувањето на синдикалното организирање.
Историчарите затоа нагласуваат дека петдневната работна недела беше резултат и на работничката борба и на интересите на крупниот капитал. Форд беше доволно паметен да сфати дека пократкото работно време не мора да значи помал профит. Напротив, продуктивноста во неговите фабрики продолжи да расте.
Наследство кое трае и денес
Одлуката на компанијата Ford Motor Company брзо влијаеше и врз останатите индустрии. Во текот на наредните децении, петдневната работна недела стана стандард во Соединетите Американски Држави, а потоа и ширум светот. Американскиот закон дури во 1940 година формално ја зацврсти 40-часовната работна недела преку Законот за праведни услови за работа (Fair Labor Standards Act).
Денес, речиси сто години подоцна, светот повторно дебатира за работното време овој пат за четиридневна работна недела. Иронијата е во тоа што аргументите се многу слични на оние што ги користеше Форд во 1926 година: помалку часови работа не мора да значат помала продуктивност.
Историјата така покажува дека една од најголемите промени во модерниот труд настанала тогаш кога индустријата за првпат сфатила дека човекот не е машина и дека одморот, понекогаш, може да биде најисплатливата инвестиција.
Извор: bizlife.rs