Овој тренд е познат како Y2K Travel, според ознаката Y2K (Year 2000), која се користи за периодот околу преминот од 1990-тите во 2000-тите. Кога станува збор за туризмот, изразот опишува патувања и искуства инспирирани од поп-културата, музиката, модата и начинот на живот од тој период.
Според новото истражување спроведено од туристичката платформа GetYourGuide, 65 проценти од миленијалците патуваат во потрага по чувството на „поедноставни времиња“, додека 71 процент од миленијалците и припадниците на Генерацијата Z се заинтересирани за искуства инспирирани од 90-тите и 2000-тите.
За многумина од нив, патувањето така станува многу повеќе од разгледување знаменитости. Наместо само да посетат некој град, тие сакаат преку одредено искуство да „влезат“ во светот што некогаш го гледале на телевизија, го слушале на ЦД или го играле на конзола.
Кога омилениот филм станува туристичка рута
Еден од најинтересните примери доаѓа од Рим, каде што љубителите на серијата и филмот Lizzie McGuire можат да тргнат на тура со Vespa инспирирана од приказната за популарната тинејџерска хероина.
Филмот The Lizzie McGuire Movie од 2003 година ја следи Lizzie за време на патувањето во Рим, каде што, меѓу другото, може да се види како го разгледува италијанскиот главен град на Vespa и ја пее песната „What Dreams Are Made Of“ кај Колосеумот.
Денес туристите можат да доживеат сопствена верзија на тоа патување. Турата опфаќа познати локации во Рим, но целото искуство е осмислено така што потсетува на периодот кога Lizzie McGuire беше една од најпопуларните тинејџерски икони.
Организаторите велат дека турата е особено популарна меѓу миленијалките кои како девојчиња се замислувале себеси на Vespa во Рим, токму како Lizzie.
Од Carrie Bradshaw до Barbie
Носталгијата не завршува со еден филм или серија.
Во Њујорк, љубителите на серијата Sex and the City можат да ги посетат локациите што ја одбележаа приказната за Carrie Bradshaw и нејзините пријателки. Рутата вклучува познати места како Bethesda Fountain во Central Park, Tiffany & Co. и Magnolia Bakery на Bleecker Street, но и надворешноста на познатиот стан на главната хероина.
За генерацијата што порасна со Barbie, носталгичното патување изгледа сосема поинаку. Во Амстердам посетителите можат да ѕирнат во светот на познатата кукла преку искуство што опфаќа 12 различни зони и шест децении од историјата на Barbie.
Кулминацијата е DreamHouse во природна големина, своевидно патување низ детството, само многу поголемо и, секако, порозово.
Ретро видеоигрите повторно стануваат туристичка атракција
Сличен тренд може да се забележи и во Токио, особено во населбата Akihabara, еден од центрите на јапонската гејминг и аниме-култура.
Љубителите на видеоигри можат да бараат стари конзоли и ретро игри, а потоа да се испробаат и во класичните аркадни игри. Искуството вклучува и посета на maid café, па посетителите на едно место добиваат своевидно враќање во светот на јапонската поп-култура од 90-тите и 2000-тите.
За љубителите на музиката, носталгијата води во сосема друга насока.
Манчестер, градот од кој потекнуваат некои од најпознатите британски бендови, нуди тури посветени на музичката сцена од 90-тите и раните 2000-ти. Посетителите можат да ги разгледаат локациите поврзани со бендови како Oasis и The Stone Roses, како и местата што ја одбележаа ерата позната како „Madchester“.
Најголемиот луксуз? Неколку дена без телефон
Сепак, Y2K носталгијата не мора нужно да биде поврзана со одреден филм, бенд или видеоигра.
За дел од патниците, најпривлечниот дел од минатото е животот пред постојаната поврзаност со интернетот.
Токму затоа се појавуваат и патувања што нудат своевидно враќање во времето без нотификации, мејлови и бескрајно скролање. Едно такво искуство ги носи туристите на тридневен престој во Сахара, каде што има малку или воопшто нема телефонски сигнал.
Наместо екрани, патниците добиваат пустински пејзажи и неколку дена во кои не мора да проверуваат пораки, да одговараат на мејлови или да следат што се случува на социјалните мрежи.
Не се патува само поради местото, туку и поради чувството
Според истражувањето, 65 проценти од испитаниците велат дека посетата на локација од омилен филм или серија би им била особено привлечно искуство, додека секој трет сака да го искуси животот од периодот пред паметните телефони и постојаниот пристап до интернет.
Експертите го објаснуваат трендот со потребата за бегство од секојдневието, но овојпат бегството не мора да значи заминување на целосно непознато место. Напротив, сè почесто значи враќање кон нешто што веќе ни е познато.
За миленијалците тоа често се детството и младоста, додека припадниците на Генерацијата Z преку овој тренд ја откриваат естетиката и поп-културата на периодот што можеби не го ни доживеале во целост.
Затоа Y2K патувањата зборуваат помалку за конкретната дестинација, а повеќе за носталгијата и емоцијата што таа ја буди. Рим повеќе не е само Рим – може да биде Lizzie McGuire. Њујорк не е само туристичка метропола – може да биде светот на Carrie Bradshaw. А неколку дена во пустина можат да станат потсетник на тоа како изгледаше животот кога телефонот не ни беше постојано во рака.
Во време кога речиси сè е достапно со еден клик, се чини дека токму она што повеќе не можеме да го вратиме чувството на живот од некое друго време стана еден од најинтересните туристички производи.
Извор: bizlife.rs