Платформата објави преглед на најуспешните изведувачи и песни, а на самиот врв се најдоа светската сензација KATSI како уметник на годината, безвременскиот хит „Pretty Little Baby“ од Кони Френсис како песна на годината и Тејлор Свифт како уметница чија музика корисниците најмногу ја слушале. Оваа година, дури осум од десет песни кои стигнаа на првото место на Billboard листата го започнаа своето патување токму на TikTok, пишува TikTok Newsroom. Заедницата од повеќе од една милијарда љубители на музиката уште еднаш докажа дека музиката започнува на TikTok, кој послужи како отскочна даска за неверојатни нови уметници како Алекс Ворен, Ревин Ленe, Sombre и Лола Јанг. Во исто време, платформата вдaхна нов живот и на постари песни, овозможувајќи им на новите генерации да ги откријат хитовите како „Breakin’ Dishes“ од Rihanna, „Let Down“ од Radiohead и „Rock That Body“ од Black Eyed Peas.
Глобален изведувач на годината
Женската група KATSI од Лос Анџелес, која со 15 милиони следбеници го освои светот, ја доби титулата глобален уметник на годината. Со членки од САД, Јужна Кореја, Швајцарија и Филипините, оваа навистина глобална постава стана омилена меѓу фановите на TikTok ширум светот. Иако се формирани дури во 2023 година, тие станаа еден од најголемите бендови во светот со повеќе од 30 милијарди прегледи и 12 милиони креации кои ја користат нивната музика. Неодамна ги добија и своите први две номинации за Греми наградите. Нивната песна „Gnarly“ стана вирален хит благодарение на заразниот текст и танцовиот тренд кој го прифатија K-pop ѕвезди како LE SSERAFIM, TOMORROW X TOGETHER и ENHYPEN, како и Камила Кабељо. Ова резултираше со 2,4 милиони креации, 13,5 милијарди прегледи и прв влез на Billboard Hot 100 листата. Сличен успех постигна и песната „Gabriela“, која започна танцов тренд со 2,8 милиони креации и 9,9 милијарди прегледи, достигнувајќи го седмото место на глобалната Spotify листа. Дури и нивната соработка со брендот Gap стана вирален културен момент. Откако дознаа дека се прогласени за глобален уметник на годината од TikTok, членките на KATSI изјавија: „Имавме незаборавна година на TikTok, а сето тоа е благодарение на EIEKONS, кои беа со нас секој ден. Ги претворивте нашите песни, нашите моменти и нашиот хаос во нешто навистина глобално и неизмерно сме ѝ благодарни на оваа заедница.“
Песна на годината
Повеќе од шест децении по своето оригинално издание во 1962 година, песната „Pretty Little Baby“ од легендарната Кони Френсис најде пат до новата генерација обожаватели и стана една од највиралните песни на годината. Корисниците на TikTok ја користеа повеќе од 28,4 милиони пати како совршена музичка подлога за видеа со семејство, миленици и односи, генерирајќи повеќе од 68,6 милијарди прегледи. Само видеото на Кајли Џенер со нејзината ќерка Сторми беше прегледано повеќе од 132 милиони пати. Благодарение на TikTok, „Pretty Little Baby“ стана најстримуваната песна на Кони Френсис со повеќе од 130 милиони стримови на Spotify. Пејачката, која беше првата жена на врвот на Billboard Hot 100, беше воодушевена од ренесансата на својата кариера и самата се приклучи на платформата.
Во својата прва објава на TikTok, Кони Френсис изјави:
„Восхитена сум и возбудена од огромната популарност што мојата песна Pretty Little Baby од 1962 година ја доживува ширум светот. Помислата дека песна која ја снимив пред 63 години освојува нова генерација публика е навистина неверојатна за мене. Ви благодарам, TikTok.“
Извор: bizlife.rs