Мода, музика и долна облека: Индикатори за рецесија стануваат нов TikTok тренд

Во изминатите месеци, TikTok донесе на сцена еден неочекуван, но интригантен тренд - индикатори за рецесија (#recessionindicators). Корисниците почнаа да ги споделуваат малите, на прв поглед банални промени во секојдневието што, според нив, го најавуваат доаѓањето на нова економска криза. Во услови на зголемени тарифи, пораст на невработеност и геополитичка нестабилност, пазарот изгледа сè понесигурно, а модата, музиката и дури и изборот на долна облека стануваат дел од оваа необична анализа.

TikTok-4482-fi

Извор: Freepik

Кога минимализмот зборува гласно

Популарноста на минимализмот и корпоративниот стил не е случајна. Иако „бизнис“ модата секогаш била присутна, многу TikTok корисници забележуваат дека актуелниот тренд не е само модна естетика туку и психолошка подготовка за тешки времиња. Овој стил делува како сигнал: време е да се уозбилиме, да аплицираме за работа и да се зацврстиме во светот кој не ни нуди сигурност.

Во ист контекст се вклучува и растечката носталгија по 2000-тите. Од модни парчиња што ги вадиме од старите ормани, до комбинации со second-hand парчиња трендовите што не бараат купување ново, туку повторна употреба на постоечко, стануваат модна стратегија во време на економска несигурност.

Музиката како огледало на економијата

И музиката не останува имуна. Последниот албум на Лејди Гага, Mayhem, предизвика лавина TikTok коментари не заради звуците, туку заради сличноста со нејзината музика од периодот пред минатата рецесија. Слично е и со музиката на Чапел Роан звуци што, барем емотивно, ги враќаат младите во времиња на економска турбуленција.

Во суштина, генерацијата Z ја гледа економијата низ призма на културните знаци, а кога уметноста почнува да личи на онаа од претходни кризи, настанува колективно чувство дека „нешто големо ни се спрема“.

Кога должината на здолништето и изборот на кармин го предвидуваат пазарот

Теоријата дека модата рефлектира економски трендови не е нова. Уште во 1926 година, економистот Џорџ Тејлор го предложил таканаречениот индекс на должина на здолниште. Според него, жените носат пократки здолништа во време на просперитет (за да ги покажат скапите хулахопки), а подолги во време на рецесија.

Во поново време, популарен е и индексот на кармин теорија според која, за време на економска криза, луѓето повеќе купуваат прифатливи луксузи. Ако не можеш да си дозволиш нова чанта или чевли, секогаш можеш да се почастиш со кармин. Едноставна, но силна економска метафора.

Долна облека и лутки како барометар на несигурноста

Уште еден неочекуван индикатор? Продажбата на машка долна облека. Според некои анализи, мажите во економска несигурност прво штедат на купување долна облека. Кога економијата закрепнува, се зголемува и потрошувачката на оваа категорија.

Дури и Labubu лутките, кои се продаваат меѓу 30 и 300 долари, влегуваат во оваа анализа. Претставуваат прифатлив луксуз кој го задоволува желбата да се биде дел од трендот, дури и кога буџетот не дозволува патувања или скапи автомобили.

Ако ги бараме знаците значи ги чувствуваме

Иако не можеме со сигурност да потврдиме дали TikTok трендовите вистински ја предвидуваат рецесијата, фактот дека луѓето активно ги бараат овие знаци говори доволно. На економски сигурно тло, не би ни имало потреба да гледаме дали здолништата се подолги, или дали Гага звучи препознатливо меланхолично.

Во свет во кој алгоритмите секојдневно нè префрлаат од криза во тренд, од инфлација во инфлуенсери, можеби токму TikTok со сите свои иронија и поп-културни анализи најискрено ја отсликува анксиозноста на едно поколение што сака да биде подготвено за она што доаѓа.

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.