Дигитална трансформација
Одамна помина времето кога соопштенијата за печат и печатените медиуми беа примарни алатки во арсеналот на ПР професионалецот. Дигиталната револуција, пред сè подемот на социјалните медиуми и онлајн медиумите, го трансформираше бојното поле. Денес, ПР не е само емитување порака туку многу повеќе се работи за вклучување во дијалогот. Платформите како Facebook, X (Twitter), Instagram и LinkedIn го демократизираа ширењето на информации, овозможувајќи им на брендовите директно да комуницираат со својата публика, во реално време. Оваа непосредност и транспарентност ги редефинираа очекувањата на потрошувачите, кои сега бараат автентичност и одговорност од субјектите со кои комуницираат.
Кога станува збор за дигиталната трансформација, X (Twitter) стратегијата на Wendy’s е пример колку добро една компанија може да го прилагоди својот глас да соодветствува на очекувањата на купувачите и на природата на каналот, а притоа автентично да ги пренесува комуникациските пораки на брендот. И не е лесно. Твитер тонот на Wendy’s не би поминал на Инстаграм во никој случај. Со години следбениците се забавуваат читајќи ги трендовите како да се препукувања на некомерцијални профили со спротивставени ставови.
Извор: Twitter
Што е тука ПР вредноста?
- Секојдневно комуницираат со купувачите кои заради забавните твитови се секогаш во тек со понудите и производите.
- Добиваат фидбек за нивните производи, но и за конкуренцијата.
- Перципирани се како автентични по што се разликуваат од морето слични fast food ланци.
- Лесно креираат баз околу своите кампањи и производи.
- И имаат раст на продажби, приходи и профит.
Виралност (по секоја цена?!)
Доволен е само еден пост. Еден пост може да стане вирален, од добри или лоши причини катапултирајќи го брендот во центарот на вниманието. Е сега ако е по лошо сигурно дека ќе ви треба кризен ПР за справување со потенцијалната штета, но и ако сте „позитивно вирални“ ви треба добра комуникациска стратегија за да го обликувате и насочите наративот во вистински правец и да ја искористите моќта на виралните моменти за да се изградат посилни врски со публиката.
Пример за бренд кој стратешки користи вирално видео за да ја подобри својата позиција и репутација е кампањата „Dove Real Beauty Sketches“ на Dove.
Во кампањата лансирана во 2013 година цртач на фотороботи за полиција, цртал жени прво врз основа на нивните сопствени описи, а потоа врз основа на описите на странци. Двете скици од истата личност неверојатно се разликуваат. Кампања стана вирална значително подигајќи ја репутацијата на брендот поради позитивните selflove пораки. Впрочем брендот со децении го реплицира успехот и ја менаџира виралноста во своја корист. Сетете се на кампањите Dove Evolution, Dove Real Beauty…
Од друга страна, виралноста од погрешни причини резултираше со повлекување на рекламата за Пепси во која се појавува Кендал Џенер од 2017 година по само 24 часа.
Брендот беше обвинет за банализирање на сериозните движења за социјална правда. Пепси ја повлече рекламата во рок од 24 часа и се извини, наведувајќи дека се обидуваат да испратат порака за единство, мир и разбирање, која очигледно ја промашила целта.
Еволуцијата на ПР: Прилагодување на дигиталниот пејзаж
Трансформацијата на ПР во дигиталната ера не е само за усвојување на нови платформи; се работи за фундаментална промена во пристапот. Потребен е спој на традиционални техники на раскажување приказни со дигитално знаење. Денешните ПР професионалци мора да бидат вешти во оптимизација, креирање на содржина во различни формати и аналитика, користејќи ги сите алатки за мерење на влијанието и усовршување на стратегиите во реално време. Дополнително тука е UGC и CGC чие менаџирање спаѓа во работата на ПР тимот на компанијата/брендот.
Повеќе од сигурно е дека дигиталната ера го револуционизира полето на односи со јавноста, трансформирајќи го во динамичен, интерактивен дијалог помеѓу брендовите и нивната публика. Во овој нов пејзаж, ПР е поважен од кога било, служејќи како основа во градењето и одржувањето на репутацијата на брендот. Како што одиме напред, прифаќањето на промените и прилагодувањето на новите технологии ќе биде клучно за успехот на секој ПР професионалец.