Слободно можеме да кажеме дека примената на вештачката интелигенција во речиси секој сегмент од живеењето се одвива со галопирачка брзина, но она што значително се истакнува како прашање колку и веруваме на ВИ, е нејзината примената во здравството. Секако, загриженоста е разбирлива имајќи предвид дека станува збор за здравјето кај секој човек, и токму затоа етичките прашања се сфаќаат исклучително сериозно се.
Од една страна, придобивките од ВИ во здравството донесуваат револуционерни промени во истражувањата за грижата за пациентите, намалувајќи ја сложеноста на нашиот здравствен систем и зголемувајќи ја административната ефикасност, од друга страна расте и е неопходна довербата во овие нови ВИ технологии. Довербата е можна само со сериозен пристап кон одговорноста која ја понесуваат сите чинители благодарение на кои ВИ се интегрира во здравството, како и кон безбедност на податоците.
Етиката како задолжителна алка
ВИ во здравството овозможува напредок во дијагностиката, генерира приспособени планови за лекување, подобрени финансиски искуства за сите инволвирани страни, и секако остварува подобрени резултати за пациентите преку анализи на податоци, предвидувања и способности за клиничка поддршка. Но, уште од самите почетоци на примената на ВИ во здравството присутни се и многу етички прашања кои растат паралелно со зголемената примена на ВИ технологиите, а нивното решавање останува да биде од круцијално значење.
Извор: Freepik / BillionPhotos
За таа цел меѓу другото, СЗО издаде водич за етика и управување со ВИ во здравствената заштита, каде ги лоцира 6-те главни етички принципи при примена на ВИ во здравствената заштита: заштита на автономијата на пациентите (1), промовирање на човечката благосостојба, безбедност и јавен интерес (2), транспарентност, отчетност (3), јакнење на одговорност (4), инклузивност и еднаквост (5) и промовирање на одржлива и респонсивна ВИ (6). Овие принципи директно задираат во најчестите етички прашања за употребата на ВИ во здравството кои се однесуваат на приватноста и безбедноста на податоците, потенцијалните предрасуди во алгоритмите за ВИ, прашањето за одржување на автономијата на пациентот и информираната согласност, потоа за прилагодувањето на професионалните одговорности на здравствените работници и кои регулативи и упатства ќе треба да се воспостават за да примената на ВИ во здравството се води спори етички начела.
Одговорност на компаниите за ВИ технологии
Со зголемената употреба на ВИ за подобрување на дијагностичките способности, персонализирано лекување и управување со здравствени податоци, компаниите се справуваат со низа етички, правни и социјални предизвици. Еден од клучните аспекти е заштитата на приватноста на пациентите и обезбедувањето дека податоците се користат на одговорен начин. Компаниите треба да се осигурат дека ВИ системите се транспарентни и дека одлуките што ги донесуваат можат да се објаснат и проверат. Колку и да станува моќна примената на ВИ технологиите, компаниите мора да запомнат дека човечкиот фактор останува да биде неприкосновен, без разлика дали се тоа интеракциите меѓу човек-човек, човечкиот удел во дигитализацијата на податоците како основа на одговорност и етика при создавањето, тестирањето, распоредувањето и следењето на ВИ во здравството и нејзините резултати.
Извор: Envato Elements / DC_Studio
Исто така, битен фактор се и практиките на компаниите кои ги развиваат овие технологии и неминовната перцепција дека ставаат поголем акцент на профитот отколку на човечката благосостојба, поради што тие мораат да се ангажираат со јавноста и да ја градат доверба во ВИ технологиите. Тоа ќе го сторат со изразување на транспарентност околу начинот на кој се користат податоците, како и со активно учество во дијалогот за сите други етички импликации на ВИ во здравството. Со создавање на силна основа на доверба и отчетност, компаниите можат да помогнат во осигурувањето на јавноста дека ВИ технологиите ќе имаат позитивно влијание на здравствениот сектор и општеството во целина.
Приватноста, безбедноста и релевантноста на податоците во ВИ системите во здравството
Процентот на пациенти кои немаат доверба во ВИ технологиите во здравствените поставки го надминува бројот од 60%. Оваа цифра е директен резултат на загриженоста за приватноста на податоците, за предизвиците во собирањето висококвалитетни и точни медицински податоци, за потенцијалните предрасуди и недостатокот на транспарентност во процесите при донесување одлуки преку интегрирана ВИ. Сево ова доведува до преиспитување на релевантноста на податоците за што е потребно зголемување на довербата кај пациентите. Тоа е возможно само со надминување на скепсата во врска со начинот на кој алгоритмите функционираат при генерирање на одлуки, како на пример, кога ВИ предлага дијагнози или лекувања.
Извор: Freepik / Aman70
Напредно образование и информираност за ВИ системите во здравството
Едукацијата и соодветната информираност на јавноста за можностите и ограничувањата на ВИ во здравството се суштински во градењето доверба, и истите треба да се сеопфатни, со осврт кон придобивките и предизвиците од ВИ, давајќи им на пациентите конкретен приказ за тоа како вештачката интелигенција влијае врз здравствената грижа. Тука повторно ќе ги споменеме и компаниите кои треба да вложуваат во образование и обука на здравствените работници за правилно користење на ВИ технологиите. Ова е особено важно за да здравствените работници можат правилно да ги интерпретираат резултатите што ги дава ВИ со информирани одлуки за лекување. Поддршката и разбирањето на ВИ технологиите може значително да го подобрат квалитетот на здравствената заштита и исходите за пациентите.
Строга регулација и стандардизација на ВИ апликациите во здравството
Безбедноста и ефикасноста на примената на ВИ во здравството вклучува развој на бројни регулаторни рамки кои ги управуваат истражувањата, развојот и имплементацијата на ВИ технологиите. И тука, компаниите мора да соработуваат со здравствените регулатори за да се осигура дека новите технологии не само што се иновативни, туку и дека не ги загрозуваат пациентите. Иницијативите како извршната наредба на претседателот Бајден за вештачката интелигенција, Законот за вештачка интелигенција на Европската унија, Законот за вештачка интелигенција и податоци на Канада и Самитот за безбедност на вештачката интелигенција во Обединетото Кралство го нагласуваат растечкиот глобален фокус на безбеден и одговорен развој на вештачката интелигенција. Усогласувањето со стандардите како што е Рамката за управување со ризик NIST AI и стандардите ISO 42001 е од клучно значење за здравствените организации.
Извор: Freepik / user4894991
Дополнително, како што ВИ ќе станува поприменувана, многу регулаторни агенции и групи за набљудување на потрошувачите се очекува уште повеќе да внимаваат на човечките контроли, заштитата на податоците, алгоритамските/податочните предрасуди, одговорниот дизајн и следењето и влијанието на индивидуално и системско ниво.