Ветувањето на компанијата
Најважна меѓу нив е обврската до 2030 година да надомести повеќе вода отколку што нејзините дата центри трошат, со истовремени вложувања во модернизација на водната инфраструктура и соработка со локалните заедници и организации на проекти за зачувување на водите.
„Кога сите овие проекти ќе бидат во целост спроведени, се очекува годишно да обезбедат повеќе од 19 милијарди галони вода до 2030 година, што е повеќе од двојно во однос на нашата потрошувачка од 2024 година (доволно за град со големина на Лос Анџелес да се снабдува со вода повеќе од 40 дена)“, соопшти компанијата Google во објавата на својот блог.
Што е направено досега?
Компанијата наведува дека во текот на 2025 година веќе надоместила повеќе од седум милијарди галони вода, што значи дека остварувањето на целта за 2030 речиси би го утроило тој резултат.
Во соопштението се истакнува и дека американските дата центри користат помалку од еден отсто од количината на вода што граѓаните на САД годишно ја трошат за заливање тревници. Сепак, со огромната потрошувачка на електрична енергија, токму употребата на вода стана едно од најспорните прашања поврзани со изградбата и работата на дата центрите ширум земјата.
Дата центрите можат да трошат милиони галони вода годишно, а нивниот број забрзано расте како што технолошките компании продолжуваат да ја развиваат инфраструктурата потребна за вештачка интелигенција.
Унапредување на водната инфраструктура
Google соопшти дека, покрај целта да надомести повеќе вода отколку што троши, ќе продолжи да вложува во унапредување на водната инфраструктура во средините во кои работи.
Досега компанијата, како што наведува, издвоила повеќе од 500 милиони долари за развој на системи за водоснабдување, отпадни води и повторна употреба на вода, како и за поддршка на комуналните партнери кои обезбедуваат вода за заедниците во кои Google гради и управува со дата центри.
Покрај тоа, компанијата најави дополнителни 17 милиони долари за проекти за зачувување на водните ресурси во сојузните држави Џорџија, Ајова, Мичиген, Минесота, Мисури, Небраска и Тексас.
Меѓу идните приоритети се наоѓаат и потранспарентно известување за потрошувачката на вода, како и користење на алтернативни извори, како пречистена отпадна вода, за да се намали притисокот врз изворите на питка вода.
Извор: webmind.rs