Ова е уникатен начин за случајно откривање интересни информации, учење нови работи и користење на слободното време без да се посегне по социјални мрежи кои предизвикуваат зависнот поради алгоритмите. Иако и WikiTok може да предизвика зависност, разликата е во тоа што не ве следи и не ви препорачува содржина врз основа на алгоритам. Платформата е возбудлива поради фактот што никогаш не знаете што ќе се појави следно.
Платформата функционира преку мобилни и десктоп прелистувачи, при што WikiTok вчитува случаен список на статии од Wikipedia, користејќи го Wikipedia API. И покрај името што асоцира на TikTok, моментално нема видеа – секоја статија е придружена со слика од оригиналниот напис, а ако сакате повеќе информации, може да притиснете „Read More“ за да ја отворите целата страница на Wikipedia.
Без алгоритамско филтрирање
Во моментов, фидот е целосно случаен, а Гемал одбива да воведе персонализација заснована на интересите на корисниците.
„Многумина ми испратија пораки и отворија теми на GitHub, барајќи од мене да додадам некаков „луд WikiTok алгоритам“, изјави Гемал за Ars Technica. „Но морав да ставам граница и да кажам дека веќе сме контролирани од немилосрдни, непроведни алгоритми во секојдневниот живот – зошто да немаме барем еден мал агол на интернетот каде што тие не постојат?“
Широкиот опсег на теми што може да ги сретнете на WikiTok е фасцинантен, благодарение на огромниот број податоци што ги содржи Wikipedia. При едно случајно прелистување, авторот на статијата налетал на статии за SX-Window (GUI за Sharp X68000 компјутерите), Xantocillin (првата природна супстанца што содржи изоцијанидна функционална група), ренесансниот скулптор Лоренцо Гиберти, куќата William Wheeler во Тексас и градот Краутхајм во Германија – информации што никогаш не ги видел претходно.
Како настана WikiTok
Идејата за WikiTok потекнува од развивачот Тајлер Ангерт, кој објавил твит на X: „Луда идеја за проект: целата Wikipedia на една бесконечна страница.“
На неговиот твит, одговорил инвеститорот Џејмс Чам, а потоа писателот Грант Слатон го ретвитнал, па така предлогот станал вирален. Токму тој ретвит го привлекол Гемал, во кој видел можност да го реализира проектот.
„Го видов твитот и си помислив: ‘Можам брзо да направам MVP (минимален функционален производ), и ова може да стане голема работа’“, изјави тој.
Започнал со работа во 12:30 наутро, а со помош на ВИ алатки за кодирање, како што се Claude од Anthropic и Cursor, успеал да изгради работен прототип за само 90 минути. До 2 часот наутро, го објавил WikiTok на X, а подоцна некој го споделил на Hacker News на Y Combinator, каде што брзо станал топ вест.
„Целиот код има само неколку стотици линии, а Claude напиша најголем дел од него“, признава Гемал. „ВИ ми помогна да го испорачам навистина брзо и да ја искористам виралната популарност.“
WikiTok останува „анти-алгоритамски“
Гемал го објави кодот на GitHub, што значи дека секој може да го модифицира или придонесе во проектот.
Во моментов, веб-апликацијата поддржува 14 јазици, прегледи на статии и споделување содржина на мобилни и десктоп прелистувачи. Како што повеќе луѓе се вклучуваат во развојот, можни се и нови функции.
„Немам никакви планови за монетизирање или воведување некој луд TikTok алгоритам,“ изјави тој. „Ако ништо друго, ова е анти-алгоритамски проект.“
Извор: arstechnica.com