Зборувајте, прашувајте, освојте ги: Како да се издвоите на интервју за работа?

Интервјуата за работа секогаш се доживуваат како предизвик во кој никој не ужива особено, без разлика колку и да сте подготвени и искусни за работното место за кое аплицирате. Неизвесноста ја создава тремата во помал или поголем размер, зависно од личноста, а ова е особено изразено кај сите кои туку што се на почетокот на својата кариера.

intervju za rabota

Извор: Freepik/Racool_studio

Обично се случува, како што се ближи датумот на вашето закажано интервју за работа, исчекувањето неретко да се меша со доза на возмениреност, и при таква состојба кога чувствувате притисок резултатот многу веројатно би бил фаворизирање на кандидати кои се екстровертни и нарцисоидни. Што значи ова? Тоа значи дека оние личности кои се чувствуваат удобно кога зборуваат за себе, можат да остават подобар впечаток и да ги зголемат своите шанси за вработување во однос на кандидатите кои се поскромни. Факт е дека одредени луѓе уживаат да зборуваат за себе, додека други се позатворени, скромни, а тоа може да сигнализира несигурност.

Едно истражување на конкретната тема, објавено во Journal of Applied Social Psychology (Журнал за применета социјална психологија) дури вели дека нарцисоидните личности имаат тенденција да покажуваат особено добри резултати за време на интервјуата за работа, благодарение на нивната способност да проектираат доверба и самоувереност. Иинтервјуто за работа е една од ретките прилики во животот кога скромноста може да биде повеќе пречка отколку благородна карактеристика на личноста.

Молчењето не е злато за време на интервјуто за работа!

Навистина, ако постои едно златно правило за интервју за работа, тоа е дека молчењето сигурно не е злато. Ако не се изразите соодветно, зошто точно сте најпогодни за отворената работна позиција, бидете сигурни дека многумина од останатите кандидати за работата сигурно ќе го сторат тоа. Затоа, дури и најинтровертните поединци треба да се обидат да излезат од својата тивка конфорна зона и да бидат позборливи за време на интервјуата за работа. Еден сигурен начин да се постигне ова е поставувањето на прашања. Иако е јасно дека треба да бидете апсолутно подготвени да одговорите на прашањата кои ќе ви бидат поставени за време на интервјуто, сепак имајте на ум дека и вам ви е дозволено, и во многу случаеви пожелно, да поставувате прашања на менаџерите за вработување, регрутерите или едноставно на личноста која го води интервјуто. Интервјуто не претставува испрашување, а вие како апликанти имате целосно право да поставувате прашања, бидејќи само на тој начин можете да увидите и да процените дали работното место и самата компанија ви одговара. Интервјуто за работа гледајте го и како „двосмерна улица“ – и вие го интервјуирате работодавецот.

Како да поставувате прашања за време на вашето следно интервју за работа?

Одвоите неколку минути пред интервјуто за да формулирате неколку прашања што би сакале да ги поставите. Но, немојте цврсто да се држите само до овие прашања, туку во текот на интервјуто ако се инспирирате и за некое друго прашање, следете ја вашата интуиција и поставете го.  Не ги чувајте прашањата за крајот на интервјуто. Најлошите интервјуа за работа се механички и безлични. Поприроден и спонтан начин да ги вметнете вашите прашања во текот на разговорот ќе помогне интервјуто да тече многу понепречено.

Бидете специфични. Не поставувајте само стереотипни прашања како „Која е почетната плата? или „Кои бенефиции ги нудите?“ Наместо тоа, вклучете конкретни факти за работодавачот или работната позиција. Можеби одредена тема се појавила за време на самото интервју или сте налетале на интересна информација додека се подготвувавте за интервјуто. Поврзувањето на вашите прашања со таквите случаи покажува дека посветувате големо внимание и целосно инвестирате во остварувањето на вашата цел да се вработите.

intervju za rabota

Извор: Freepik/ijeab

Прашања што можете да ги поставите за време на интервју за работа:

  • Кои особини и карактеристики мислите дека се суштински за да се успее на оваа работна позиција на долги патеки?
  • Ако се вработам, која треба да биде мојата цел број еден во текот на првите неколку месеци на работа?
  • Дали нудите некои програми за учење или интерни развојни програми кои можат понатаму да помогнат во развојот на моите професионални вештини?
  • Можете ли да ми кажете повеќе за тимот со кој ќе работам секој ден?
  • Кои се вештините за кои моментално верувате дека недостасуваат во компанијата или одделот за кој аплицирате?
  • Како на крајот ќе се дефинира успехот на оваа работна позиција?
  • Кој е вашиот омилен дел од работата овде?
  • Неодамна прочитав дека компанијата штотуку купила помала фирма. Дали се очекува опсегот на оваа позиција да се промени или прошири во кој било момент во блиска иднина?
  • Како би ја опишале културата на компанијата?

Запомнете дека покажувањето на интерес за работната позиција преку внимателно осмислени прашања многу веројатно ќе ве издвои од останатите кандидати, поставувајќи ве во категоријата на посериозен и попожелен колега во тимот во очите на работодавецот.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.